Програма за дијагностика на дефекти кај современи автомобили

Здраво
Ме интересира дали знаете да ми кажете некоја програма што ги регистрира дефектите кај новите возила кои имаат централна електронска единица (автомобилски "компјутер").
Поздрав,
Игор Радовишки

Ова е широко подрачје за кое се потребни неколку продолженија за да се обработи. Јас не сум некој експерт за темата, но преку мои "раце" поминале повеќе системи кои сум ги пробал. Програмите за оваа намена се доста солени, бидејќи се работи за firmware на некоја од фирмите од автомобилската индустрија. Односно, секоја марка, па дури во одреден степен секој модел на автомобил си има свој систем и следствено на тоа свој софтвер, но некои "хакери" ги имаат пробиено дел од овие системи, па на "црниот" пазар постојат и системи кои обработуваат повеќе марки автомобили истовремено. Во просек, еден лаптоп наполнет со "хакиран" материјал на оваа тема на црниот пазар оди неверојатно скапо: 800-1000 евра!
Всушност, легално ваков софтвер и не може да се набави. Автомобилската индустрија го произведува истиот исклучиво за "сопствени" потреби при производството на возила, односно за потребите на своите овластени сервиси и не е подготвена да го отстапи во малопродажба, бидејќи тоа не е во нивен интерес.
Емилијан Иљоски

За секое возило има посебна програма. Интерфејсот и софтверот за дијагностика чинат мало богатство. Дури ни добро ситуирани автосервиси не можат да си го дозволат тоа. Само за илустрација. Мој роднина живее и работи во Сремска Митровица (Србија). Тој е овластен дилер за Шкода. Тој за својата Шкода Октавија плати 150 евра за да ја зголеми моќноста на моторот во некој сервис во Крагуевац. Инаку ова како опција постои кај поновите возила. Ја зголемува моќноста на моторот за сметка на скратениот животен век на истиот. Сакам да кажам дека ако тој како овластен дилер треба за услуга на својот автомобил да плати толку, колку тогаш чини софтверот. Кај некои модели можно е да се промени километражата со помош на лаптоп и посебен интерфејс.
Услугата чини 30 евра, а за софтверот и интерфејсот никој не сака да зборува.
Кирил Крстевски

Како вовед во одговорот, во груби црти може да се каже следново: новите возила кај кои управувањето на моторот, ABS-от на сопирачките, мехатроничките системи за стабилност при управувањето со возилото и оневозможување на пролизгувањето на погонските тркала при забрзување на автомобилот, безбедносните системи (воздушните перничиња, сигурносните појаси и сл.), а кај некои и преносникот и диференцијалот, вклучително и некои други помошни мехатронички системи (подигање и спуштање на прозорците, нагодување на ретровизорите, климата и вентилацијата во кабината на автомобилот и сл.) се компјутерски поддржани и во рамките на компјутерскиот модул има мемориска единица во која се меморираат кодовите на грешки кои евентуално би се појавиле во текот на функционирањето на овие мехатронички системи. Истовремено со меморирањето на кодот на појавената грешка се пали соодветната светилка на инструмент-таблата која означува дека има проблеми со некој од електронските системи и електрониката преминува во резервен (принуден) мод на работа. Во сервисот, со посебни уреди наречени читачи на кодови на грешки (а кај некои модели паралелно постои и опција на попримитивно отчитување без овој уред, а со помош на фреквенцијата и бројот на трепкање на светилката на инструмент-таблата) се чита кодот на грешката и во согласност со протоколот се подложуваат на натамошно испитување, посочените од кодот на грешката електронски елементи, како и неелектонските уреди и делови (разни црева, механички вентили, спојки, стеги, поклопци ….). Конечниот резултат од овие дополнителни испитувања е поставување на дијагнозата (видот на дефектот) и начинот на нејзиното отстранување. На крајот, од меморијата се брише кодот на грешката и возилото е подготвено за возење.
Од погоре напишаното произлегува и одговорот на вашето прашање. Тој би можел да се искаже со следниве реченици: дијагнозата (т.е. прогласувањето и именувањето на дефектот) е во исклучива надлежност на човекот (автомеханичарот или дијагностичарот) и тој ја донесува врз база на резултатите од испитувањата и од електрониката посочените кодови на грешки, а согласно со пропишаниот протокол за тоа. Потоа, не постои програма за донесување и/или регистрирање (прогласување) на дефекти, т.е. не постојат таканаречени програми за самодијагноза. Донесувањето на дијагнозата е во исклучива надлежност на човекот и тоа е креативен процес а не алгоритам заснован на некои елементарни принципи на формалната логика, кој може да се довери на компјутер. И на крајот, секој современ мехатронички систем (во кој влегува и оној од вашето прашање) си има можност за детектирање и меморирање на кодовите на грешки, кои, всушност, се отстапување на вредностите на сензорите од "вообичаените" и очекуваните вредности и тие претставуваат само еден патоказ (или елемент) од комплексниот процес на донесување на дијагнозата за мехатроничкиот систем кој има проблеми во своето функционирање.
Би ви ја препорачал книгата "АУТО ОБД-2 дијагностика" од Остоиќ Небојша во издание на МикроЕлектроника (www.mikroe.com) која може да се купи и во Логинг Електроникс (www.loging.mk) во Скопје.
Томе Скендеровски

Електронските системи во автомобилите, особено електронската контролна единица ("автомобилскиот компјутер") и начините за дијагностика на дефектите се навистина интересни теми, каде електрониката, информатиката и механиката доаѓаат до полн израз. Ќе се потрудиме, во рамките на нашите можности, да потготвиме и објавиме повеќе теоретско-информативни написи од оваа област: електронските сензори и актуатори во автомобилите, електронската контролна единица (ECU), начините на нејзина комуникација со електронските системи во автомобилот и со надворешен компјутер за дијагностика (OBD-2 и CAN протоколите), принципите за дијагностика на дефекти со помош на комјутер и соодветен софтвер како и принципите на кои се прави т.н. чип тјунинг - промена на карактиристиките на автомобилот (на пр. зголемување на силата). Исто така планираме и практичен проект за самоградба на соодветен интерфејс (OBD-2 анализатор) со чија помош, и со помош на посебен софтвер и компјутер, ќе може да се отчитаат информациите и пораките за грешки од ECU во насока на дијагностика на дефектите.
Следете нè, ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го кријат.
Слободан Таневски