Паралелна врска на повеќе секундари

Здраво Емитер!
Најнапред голем поздрав до редакцијата што ни овозможи да имаме едно списание од овој тип (единствено во Македонија). Емитер го читам подолго време и задоволен сум од содржините и на "стариот" и на "новиот" концепт. Сите броеви што сум ги купил ги чувам и подеднакво ми се корисни, и постарите и поновите. Со електроника се занимавам од хоби, немам многу големи познавања, но, сепак, се одлучив да изградам еден проект објавен во Емитер 4/04 – "Автоматски полнач за автомобилски акумулатор". Пред да почнам со изработката би сакал да ви поставам две прашања:
1. Отпорникот R1 треба да се изработи од "кантал жица" - дали е ова отпорна жица од некое грејно тело, а ако не е, каде би можел да ја најдам?
2. Имам трансформатор (EI тип) со следниве карактеристики:
Примарна намотка: 230V AC, 50/60Hz;
Секундарни намотки: 0, 12, 24, 36, 48, 60, 72V AC, со моќност 300 VA.
Бакарната жица која е употребена за секундарните намотки е со иста дебелина, така што претпоставувам дека изводите се со иста моќност. Карактеристично е тоа што изводите обележани со 0 и 72 волти имаат по една жица, а останатите по две жици (како сите изводи да се поврзани во серија). Бидејќи немам други податоци за трансформаторот, не знам колкава струја би добил на изводите 0 и 24V, напон кој е потребен за споменатиот проект. Доколку таа не би била доволна, дали може кај овој трансформатор да се употреби паралелна конекција на исправените секундарни напони, сè со цел максимално да се искористи капацитетот на трансформаторот, кој, сепак, е најскапиот елемент во целиот проект.
Срдечно ве поздравувам со желби за уште поуспешна работа!
Зоран Ѓуревски од Скопје

1. Отпорникот R1 се изработува од кантал, цекас, констатан, или која било друга отпорна жица која обично се употребува за изработка на моќни отпорници со мал отпор или грејни тела. Но, ако жицата е веќе користена во некое грејно тело, таа се вкрутува и може да пукне при изработката на отпорникот R1. Затоа треба да се одбере добро парче жица.
2. Трафото што го поседувате е со добра моќност од 300VA, но со оглед дека секундарите се сериски поврзани (всушност, тоа е еден секундар со повеќе изводи) произлегува дека максималната струја низ секундарните намотки е Imax = P/Umax = 300/72 = 4A, што е недоволно за спомнатиот полнач. За полначот да има доволен капацитет треба да се искористат две или три одвоени секундарни намотки од 24V/4A. Тоа значи трафото треба да се преправи малку – да му ги одвоите секундарите како на слика 1. При одвојувањето на изводите првиот извод (0V) обележете го како "P1", што значи почеток на првиот секундар од 24 волти, додека жицата која е во омска врска со неа а потекнува од раздвоениот извод 24V, обележете ја како "K1", што значи дека е крај на навивките што го чинат првиот секундар од 24 волти. Исто така, жицата која останува слободна од овој раздвоен извод за 24V обележете ја како "P2", потоа раздвојте го изводот за 48V и жицата која е во омска врска со "P2" обележете ја како "K2". Слободната жица од изводот 48V ќе биде "P3", а крајниот извод ќе биде "K3". Така се добиваат три посебни секундарни напони од по 24V чија струја се собира при паралелна врска.
Има два начина како паралелно да се поврзат повеќе секундарни напони. Првиот начин е прикажан на слика 2 каде што сите три почетоци ќе се врзат во еден почеток и сите краеви во еден крај – со тоа се добива еден напон од 24V со трипати поголема струја (околу 12A), на кој врзувате само еден грец од 35A. Многу треба да се внимава кога се раздвојуваат изводи и се поврзуваат паралелно, да не се поврзат заедно изводи кои се во врска помеѓу себе, затоа што на нив има разлика на потенцијал, односно напон, па ќе се случи краток спој. Овој начин на поврзување може да се примени само тогаш кога секундарите се идентични, а тоа, во начело, е можно само ако секундарите се мотани одеднаш со двојна или тројна жица. Ако нема потполна еднаквост на секундарните напони, тогаш ќе има течење на струја од еден во друг секундар, што значи губење на моќност, пореметување на режимот на работа на трансформаторот и опасност од негово оштетување.
Вториот начин е прикажан на слика 3. Тука секој секундар оди на свој грецов насочувач (од најмалку 10A), па потоа паралелно се поврзуваат исправените напони и така се добива поголема струја. Ова решение ги нема ограничувањата на претходното решение, бидејќи и да има разлика во напоните диодите спречуваат течење на струја од еден во друг секундар. Вложувањата во 3 грецови насочувачи е сосема исплативо, затоа што со нив се штити многу поскапиот трансформатор.
Како резиме на претходното ви препорачуваме да го примените решението од слика 3. За останатото следете ги цртежите и текстот од објавениот проект и ќе добиете одличен полнач.
За крај само уште едно појаснување. Излезниот DC напон е 21V затоа што кај целобранов насочувач без филтерски кондензатор важи Udc=(2√2/π)·Uac=0,9·Uac. Ако, пак, на излезот се постави и филтерски кондензатор со голема вредност тогаш во празен од ќе имаме
Udc=√2·Uac=1,41·Uac=33V.
Драган Јовановски и Слободан Таневски