Почитувани колеги од АЦ-ДЦ,
Со големо внимание го прочитав вашиот одговор во минатиот број на ЕМИТЕР и не наидов на одговор на моето основно прашање: Која е научната потпора на декларираната моќност на засилувачот. Односно, предочениот факт дека со предложеното решение не можете да добиете повеќе од 625W дури и ако коефициентот на полезно дејство изнесува 100%, воопшто не е разгледан.
Бидејќи вие само наведовте дека одговорот е содржан во вашиот патент; ние, обичните смртници кои и понешто се разбираме од наука, можеме само да претпоставиме дека се работи за топлинска пумпа, која патем речено не е прикажана на вашата блок-шема. Инаку, како би ги оправдале оние 375W кои недостасуваат?
Првиот и Вториот закон за термодинамика се недвосмислени. 375-те вати кои недостасуваат, вашиот уред може да ги црпи од непосредната околина, притоа ладејќи се. Тоа можеби е и причината што вашиот уред останува ладен дури и при номинално оптоварување?
Но, примената на овие закони врз вашиот уред, како и Бојл-Мариотовиот и Гај-Лисаковиот закон, укажува на фактот дека со употребената големина на ладилното тело, односно тело со термичка отпорност од околу 0,25 OK/W; за да се добијат потребните 375W треба да се применат притисоци од неколку стотици бари и разлика на температура поголема од 200 OK. За жал, со денешната технологија, топлински пумпи со толкава магнитуда на притисоци и температурни разлики сѐ уште не можат да се изработат во волумен од 1 dm3!
Кој знае? Можеби големината на вашиот патент е во тоа што ги побива и основните закони на термодинамиката и со тоа ја става на колена целата модерна физика! Во секој случај, ваше е да објасните од каде ги добивате тие спорни 375W, кога веќе сте се нафатиле да пишувате напис во едно еминентно списание за популаризација на науката, какво што е ЕМИТЕР.
Во однос на коефициентот на полезно дејство, ние зборуваме за два различно пресметани коефициенти. Имено, уште во 1931 Лој Бартон (Loy Barton) го пресметал коефициентот на полезно дејство за засилувачите од B-класа при 0% изобличувања врзани за оваа појава и тој изнесува 74,6% (нормално, поради природата на работите, во AB-класа тој ќе биде за некој процент помал). Изнесениот податок во Википедија (78,5%) се однесува исто за B-класа, но при 10% изобличувања врзани за оваа појава. Но Википедија е пишувана од нејзините читатели кои изоставиле да напишат при кои услови важи оваа бројка.
Но, да не навлегуваме во дискусија околу неколку проценти, факт е дека дури и при коефициент на полезно дејство од 80%, при 1000 W моќност на звучниците, губитоците изнесуваат 250W. Тоа е моќност која дозволува за неколку минути да свариме една шоља кафе! Само првичен поглед на применетото присилно ладење во вашиот прототип упатува на фактот дека истиот нема да биде во состојба да одведе 250W топлина, а притоа да не се загрее на температура поголема од 150OC, критична за полуспроводниците!
Со други зборови, на вас оставам да се одлучите дали вашиот засилувач има 1000W, дали работи во AB-класа или дали претставува топлинска машина. Од горенаведените факти само едно од овие тврдења може да биде точно.
Што се однесува до MOSFET-овите на International Rectifier, чиј овластен дилер сум веќе 16 години, должност ми е службено да ве известам дека истата ги има патентирано HEXFET-овите од првата до седмата генерација, но, за жал, до ден-денеска нема производ со номенклатура "Heksa Cool MOSFET" од третата генерација. Истото можете да го проверите на веб-страницата: www.irf.com.
Патем речено, Fairchild Semiconductor го има заштитено името "CoolFET”, додека Infineon ги има патентирано “Cool MOS” транзисторите на моќност. Но, "Heksa Cool MOSFET-ови" а особено оние од трета генерација се апсолутно непознати за модерната електроника. Ако сте мислеле на HCMOSFET, извонреден производ на NEC кој с# уште не е пуштен на пазарот, неговата кратенка стои за: Heterostructure Complementary MOSFET.
На крај со нетрпение го очекуваме вашиот нов производ "AC DC Audio Power module 5000W/0,2Ω" и ако истиот ги задржи фреквентните карактеристики на "помалиот брат", односно фреквентен опсег до 700MHz +/-3dB, со големо задоволство би можеле да го употребуваме како апарат за заварување со високи фреквенции!
Емилијан Иљоски
Почитуван г. Иљоски,
Морате да се сложите дека тогаш кога е промовирана АБ класата (како и нејзините под-варијанти) тие претставувале патентни решенија. Така и нашето решение, кое како основа ја носи АБ класата, претставува патентно решение и за да ги разрешиме Вашите дилеми би требале да Ви го откриеме целиот патент. Меѓутоа заради заштита на нашиот патент тоа не можеме да го сториме.
Но, за разрешување на сите дилеми има и поедноставни начини – мерен и/или слушен тест. Затоа ве повикуваме да дојдете во нашите простории каде заедно ќе направиме мерен тест (излезна снага на 1 ом и температура на ладилникот), а за слушен тест сме подготвени да Ви овозможиме тестирање во МКЦ (Младински Културен Центар) со приклучување на над 8 професионални звучници во паралела. На овие тестови добредојден е и претставник од ЕМИТЕР.
Што се однесува до Хекса Кул Мосфетовите (или фетотови со екстремно мало Rdson) и кои IRF ги промовираше од третата генерација нема потреба да полемизираме. Предностите кои ни овозможија да го оствариме нашиот патент се објаснети на нивните страници.
Вангел Димановски, АЦ-ДЦ