Струјна заштита со избор на вредноста

Почитувана Редакцијо!
Го изработив стабилизираното напојување од ЕМИТЕР 1/08 и работи супер, ама неколку пати кога имам приклучувано на него нови уреди што сум ги изработил ми изгореа неколку транзистори, диоди, интегрирани кола и други компоненти. Тоа се случува затоа што стабилизираното напојување испорачува многу голема струја. На интернет побарав соодветен електронска склоп за струјна заштита, но не успеав да го најдам. За да го решам "проблемот" изработив посебна електронска заштита за преоптоварување (не се сеќавам од кој број на ЕМИТЕР беше, но знам дека беше изработена од вашиот соработник Петар Аврамовски), но на неа се јавува многу голем пад на напонот (најмногу што имам измерено на излез од стабилизаторот е 9V), па тој остана за друга употреба.
Затоа ве замолувам ако можете да објавите некој напис за струјна заштита, но таа да има што помал пад на напонот. Не мора галвански да е одделена од стабилизаторот и да има континуирана регулација на струјата. Ако имате објавувано таков напис во некој од претходните броеви на ЕМИТЕР, ве молам да ми го препорачате тој број?
Бојан Јаневски, преку e-mail

Од текстот од вашето писмо може да се заклучи дека проблемот не е во стабилизираното напојување (проект од ЕМИТЕР 1/08), туку проблемот е во вашите електронски склопови кои сте ги изработиле и сте ги тестирале. Треба да знаете дека секој електронски склоп е димензиран да се напојува со точно дефиниран напон (или напонот за негово напојување може да се движи во одредени граници). Електронскиот склоп кога ќе се приклучи на соодветно напојување се однесува како потрошувач, односно за да може правилно да работи троши онолку струја колку што му е потребна! Стабизираното напојување од ЕМИТЕР 1/08, како што наведов, може да испорачува максимална струја до 2,7A. Оваа вредност е одредена со отпорникот за ограничување R6 од 0,22 Ω. Кога се тестира некој изработен уред поради некоја грешка во него, можно е низ некои од неговите елементи да протечат многу поголеми струи од дозволените и да предизвика прегорување на некои од елементите. Тоа ви се случило и вам. Решението на ваквите проблеми е ако стабилизираниот извор има можност за нагодување на струјното ограничување, па со поставување на некоја помала вредност за максимално дозволената струја ќе се спречи прегорување на елементите во тестираниот (неисправен) уред.
Како што е наведено во текстот за стабилизираниот извор од Е1/08, за ограничување на струјата е задолжен отпорникот R6, па во зависност на која струја се сака да се ограничи напојувањето може да се пресмета нова вредност на R6 со помош на дадената формула. Секако, непрактично е секогаш да го менуваме R6 во зависност од тоа на која вредност сакаме да го поставиме струјното ограничување. Решението е употреба на преклопник со кој ќе се избираат неколку различни вредности на отпорникот R6 – слика 1. Со помош на 6 отпорници и со помош на соодветен преклопник (SW2) со 6 положби, ќе добиете можност за избор на 6 вредности за ограничување на струјата во наведеното напојување. Со следните вредности на отпорниците ќе ги добиете следните лимитирани (ограничени) струи: за R6a = 0,22 Ω/5W се добива Imax = 2,7A; за R6b = 0,33 Ω /2W се добива Imax = 1,8A; за R6c = 0,47 Ω /2W се добива Imax = 1,3A; за R6d = 0,56 Ω /1W се добива Imax = 1,1A; за R6e = 1,2 Ω /1W се добива Imax = 500mA и за R6f = 5,6 Ω /0,5W се добива Imax = 110mA.
При експериментирање со уредите кои ги изработувате, на вашиот извор со помош на SW2 поставете го првото поголемо струјно ограничување од очекуваната максимална струја која ќе ја троши изработениот уред (ако е исправен). Ако потрошувачот, т.е. електронскиот склоп кој е приклучен на излезот од напојувањето е неисправен тој ќе повлече поголема струја, но напојувањето нема да дозволи таа да порасне над вредноста поставена со преклопникот. Бидејќи таа струја ќе биде за малку поголема од "нормалната", нема да настане прегорување на елементите во напојуваниот уред, но активирањето на ограничувањето е знак дека во изработениот склоп има некоја грешка која треба да се најде и отстрани.
Ако ваквиот скоковит избор за ограничување на струјата не ви се "бендисува", погледнете го стабилизирано напојување дадено во ЕМИТЕР 3/05 - тоа има можност за континуирано нагодување на напонот од 0 до 30V и континуирано нагодување на ограничувањето на струјата од 2mA до 3A. Ова напојување во случај ако има проблем во електронскиот склоп кој сте го приклучиле на него, моментално се исклучува, при тоа овозможувајќи заштита на склопот од негово прегорување или уништување на некои негови компоненти. Во ЕМИТЕР 2/08 е опишано како ова напојување се монтира во соодветна метална кутија и како на неговиот излез се приклучува инструмент кој може да го мери нагодениот напон и струјата на потрошувачот.
Патем, големиот пад на напон што сте го добиле со ограничувачот од колегата Петар Аврамовски не е својствен за тоа коло. Тоа значи дека имате направено некоја грешка при неговата изработка.
Славко Стојковски