Автомат за скалично светло SLC-11

Здраво,
Најнапред сакам да ја поздравам Вашата акција "ЕМИТЕР на подарок со Нова Македонија" и покрај тоа што се работи за стари броеви. Јас во почетокот на Вашето творење бев редовен читател и корисник на кит-комплетите, па сега ми е навистина мило што имам прилика повторно да се потсетам на тоа дружење.
Имам еден проблем и барам помош од Ваша страна. Се работи за изработка на "автомат за скалично светло" (временски прекинувач) во кој тастерот ќе се користи преку нулата а не преку фазата. Не е битно дали тој ќе биде со релеј или електронски, важно ми е да е стабилен бидејќи сите кои до сега го користев се со краток век на траење. Се надевам дека ова нема да претставува проблем за Вас и Вашата екипа.
Однапред благодарам,
Илија Спировски

Автоматот за скалично светло SLC-11 објавен во ЕМИТЕР пред точно десет години (Е 6/98) е токму таков, со тастери и светилки врзани на нултиот спроводник. Во глобала, моето искуство со овој автомат е позитивно. Единствено на почетокот имав проблеми и тоа поради светилки кои прават куса врска кога прегоруваат. Секогаш кога ќе прегореше некоја светилка гореше и осигурувачот во автоматот, а замена на минијатурен стаклен осигурувач може да биде голем проблем во една станбена зграда. На крај, стаклениот осигурувач во автоматот го исфрлив, а во серија со светилките поставив брз автоматски осигурувач.
Ако се решите за изработка на автоматот SLC-11, би сакал да ви предложам нешто. За префрлување помеѓу трите интензитети на светлината, во автоматот се користи моностабилен мултивибратор. Нагодувањето на овој моностабилен мултивибратор можеби не е тешко, но е ризично затоа што автоматот е на напон на градската мрежа. Ако моностабилниот мултивибратор го замените со делител на фреквенција, каков што е употребен во проектот "Трепкач" (Е 1/04), ќе добиете автомат кој не треба да се нагодува. Сметам дека предлогот има смисла, затоа што ППК сервисот на ЕМИТЕР веќе не ја произведува плочката за автоматот SLC-11, а ако веќе треба сами да ја изработите плочката со печатено коло би можеле да се обидете и да го подобрите дизајнот на колото.
Сега малку за вториот дел од вашето писмо во кој велите "бидејки сите досега користени се со краток век на траење". Претпоставувам дека во сите автомати што досега сте ги користеле настрадале контактите на релејот поради големо ударно или трајно оптоварување (можеби двете). Тоа е чест проблем со автоматите во станбените згради. Можете да го решите со додавање на една склопка. Внимавајте, не релеј за голема номинална струја, туку склопка. Склопките се димензионирани да издржат многу поголеми стартни струи од моќните релеи за иста номинална струја. Автоматот и склопката поврзете ги така што автоматот ќе ја вклучува склопката, а склопката светилките. Ако дизајнирањето електронски кола и правењето плочки со печатено коло не ви оди од рака, ова е начин на кој сигурно ќе го решите проблемот. Изборот на склопката препуштете го на искусен електричар.
Георги Ефтимов