Здраво редакцијо на ЕМИТЕР,
За почеток, поздрав до сите во редакцијата.
Да ви кажам, многу се израдував од објавениот проект во последниот број – проектот за звучникот Hi-Fi TNT15. Така, подетално го прочитав и некои работи не ми станаа јасни. На интернет ги најдов каталошките податоци за бас-звучникот и за хорната. За хорната пишува дека има осетливост од 104dB, а за басот само 94dB? Сега, проблемот тука е што господинот Филевски пишува дека звучникот TNT15 Hi-Fi има осетливост 96dB, а за бас-подрачјето уште поголема. Ако сте во можност, да ми објасните како Филевски ја добил оваа вредност со овој звучник?
Поздрав и продолжете така со убави проекти.
Петруш - Армагедон

Не станува збор за истиот звучник. На посочениот линк се дадени карактеристиките на новата верзија од звучникот E15-2500S, која во проспектот (pdf документот) е наречена E15-200S NEW, а истото може да се види од ознаката E15-200S3 на самиот линк за pdf документот. Старата верзија има 99dB/1W/1m ефикасност, додека новата само 94dB.
Побрзајте да ја купите старата верзија, додека ја има!
Владимир Филевски


Како што ја презедов инсталационата програма за проектот "Генератор на импулси" од Емитер 9/2013, забележав дека во текстот цело време се споменува PIC18F1220. Меѓутоа, во шемата и во одделот "Потребен материјал" е означена употреба на PIC18F1320, па јас го имам набавено токму тој модел. Сега не знам кој е вистинскиот за дадениот проект, PIC18F1320 или PIC18F1220, односно дали печатната грешка е во шемата или во текстуалниот дел?
Се обидов да најдам споредба на двата модела, и единствената разлика што ја забележав во DEVICE DIFFERENCES е во тоа што PIC18F1320 има двапати поголема меморија од PIC18F1220, а другите карактеристики се потполно идентични.
Молам за одговор и однапред благодарам,
Анѓелко Здравковиќ

Како што сте забележале, разликата меѓу PIC18F1220 и PIC18F1320 е само во меморијата – PIC18F1320 има двапати поголема меморија од PIC18F1220. Дури и datasheet-от е ист за овие два контролера.
Целиот проект е правен со PIC18F1220, но во последен момент пред печатење дознавме дека во продавниците го има само "појакиот" модел PIC18F1320, па затоа во шемата и во списокот за потребен материјал го наведовме тој модел, но поради технички пропуст таа промена не е направена и во текстот. Бидејќи програмата е правена на "послабиот" PIC18F1220 значи дека таа ќе работи и на двата микроконтролера.
Кирил Крстевски


Здраво
Јас сум редовен читател на списанието Емитер и сакам да ве замолам да се фокусирате повеќе на електрониката. Јас го следам списанието од самиот почеток и мислам дека во последните неколку години тоа се оддалечува од темите и проектите за електроника. Затоа ве молам да обрнете повеќе внимание на оваа тема.
Поздрав од Бобан Симјаноски

Од самиот почеток, од 1995 година, списанието ЕМИТЕР е фокусирано на електрониката и сродните дисциплини, на радост на сите електроничари во Македонија. Во тоа лесно ќе се уверите ако отворите кој било број на ЕМИТЕР, од која било година и ги изброите страниците посветени на електрониката и сродните дисциплини. Верувале или не, бројот на страниците посветен на електрониката и сродните дисциплини во "новиот" ЕМИТЕР (по 2002 г.) е ист или поголем од она што го имаше во "стариот" ЕМИТЕР (до 2001 година).
Се надеваме дека покрај страниците фокусирани на електрониката, наоѓате задоволство и интерес и во другите научно-популарни теми презентирани во ЕМИТЕР.
А доколку Вашата забелешка не се однесува на бројот на страниците за електроника и сродните дисциплини, туку на изборот на темите, тогаш бидете поконкретни – предложете теми за кои сакате да има написи во Емитер.
Владимир Филевски