Во Емитер бр.10/04 (октомври 2004), имате објавено статија и проект "Регулација на 2kW DC-мотор со независна возбуда". Го изработувам овој уред, па сакам да прашам каде можам да го набавам трансформаторот TR1, дали тоа е импулсно трафо или обично и дали е можно сам да го изработам?
Ви благодарам однапред,
Диме Мрмески
Да, TR1 е импулсно трафо, и мислам дека тоа е наведено во текстот. Јас тогаш го купив од МТВ електроника, нагласувајки ја само струјата на тиристорот. Сега таа продавница е затворена, но верувам дека вакви импулсни трансформатори за побуда на тиристори има во другите продавници (ГАЦ, Логинг...). Немам податоци како самостојно да се изработи ова трафо.
Игор Димитриевски
Моментално имам 60-литарска бас-рефлекс кутија со 10-инчен бас-звучник и звукот си е ОК. Но, кутијата ми е многу голема и планирам да ја подарам, па сакав да се посоветувам со вас за новата кутија. Планирам да правам бас-рефлекс кутија за тој звучник од околу 36 литри. Звучникот ќе биде од страна, а бас-рефлекс отворот од долната страна. Прашањето ми е: дали да отворам еден отвор од 9 – 10 cm за една бас-рефлекс цевка или подобро е да отворам две дупки од двете страни со околу 6,5 cm (имам две такви цевки од Јамо звучници)? Знам дека тоа треба да се пресмета според параметрите на звучникот, но искрено звучникот не вреди за толкав труд.
Бранислав Стратров,
преку е-пошта
Волуменот од 36 литри е премал за да се извади некој длабок бас, но сепак може и од толкава кутија да се добие коректна резонантна фреквенција со една бас-рефлекс цевка со дијаметар 6,5 cm и должина околу 10 cm. Може да се користат две цевки со таков дијаметар, но тогаш тие треба да бидат многу долги, околу 25 cm.
Ако сакате цевката да ја поставите на дното од кутијата (од долната страна), задолжително монтирајте ја кутијата на ногички високи барем 7 cm.
Владимир Филевски
Планирам да го направам склопот за термоелектричниот нож за стиропор од Емитер број 7-8/2010. Прашањето ми е колкава дебелина и должина на кантал треба да се постави и доколку поставам подолга жица (пр. 1 метар кантал со дебелина од 0,8 mm) какви измени треба да се направат со отпорниците на излез.
Благодарам однапред,
Дејан преку e-mail
Изборот на материјалот за грејна жица за грејачот на термоелектричниот нож Ви е одличен. Канталот (легура на железо, хром 20-30%, алуминиум 4-7,5%) е материјал на избор кога треба да се добијат квалитети како голема подносливост на високи температури (900 °C), отпорност кон процесот на оксидација, висока стабилност на сопствениот отпор кон високи температури и одлична термоспроводливост поради формирање заштитен слој од алуминиум оксид на неговата површина. Одличните механички карактеристики на истиот материјал, кои дозволуваат поголеми механички напрегнувања без прекинување на неговата структура и при повисоки температури, дозволуваат негово добро затегнување на профилот на рамката на термоелектричниот нож, без кинење на жицата.
Овој материјал одлично работи и ги поднесува механичките и термичките напрегнувања до 1300 °C, додека точката на топење му е до 1500 °C. Неговата специфична отпорност (ρ) изнесува 1,39 Ω•mm2/m на температура од 20 °C. Ако во формулата R = (ρ• l) / s ги замените саканите параметри за должината ( = 1m) и дебелината на канталовата жица (d = 0,8mm; r = d/2) која сакате да ја поставите, ќе ја добиете следната вредност: R = 2,77 Ω (имајќи предвид дека S = r^2•π или 0,4^2 • 3,14 = 0,5 mm2).
Значи, дефинитивниот одговор на Вашето прашање произлегува од претходните пресметки и констатираме дека не се потребни измени во вредноста на излезните отпорници. Имајќи предвид дека напонот на напојување изнесува 24V и дека "ударната струја" при вклучувањето на грејачот никогаш нема да ја надмине вредноста од U/R = 24V/2,77Ω = 8,66A, нема некоја поголема оправданост ниту за постоењето на заштитниот отпорник R12. Или оставете го непроменет или комплетно изоставете го. Серискиот транзистор T5 успешно ќе поднесе краткотрајна струја од 45A или трајна струја од 25A.
Петар Аврамовски
Многу ви благодарам за опширното објаснување на проблематиката со фалсификувани електронски компоненти. Бидејќи не ве разбрав најдобро, ве молам малку подетално да ми објасните точно како да утврдам кој е кој од пиновите на LM338T и да ми кажете што ќе се случи ако погрешно (обратно) ги врзам влезот и излезот.
Ви благодарам однапред,
Столе Јовановски
Како што претходно нагласив, не постојат различни LM338T со различни распореди на изводите. Значи кај сите LM338T тие се: гледајќи од страна на натписите, од лево кон десно: adj, Uout, Uin.
За да се утврди исправноста на некое LM338T, треба исправно да се поларизира. Тоа се постигнува со поврзување во неговата основна шема, а таа е: влезен напон на Uin, отпорник од 240 ома помеѓу Uout и adj и отпорник од, на пример, 1 килоом помеѓу adj и маса. Тогаш напонот помеѓу Uout и adj треба да биде 1,2V, а напонот помеѓу Uout и маса би бил: 1,2V + 1,2V•(1000/240) = 6,2V.
Во основа, ако ги замените изводите Uin и Uout, нема да можете да го прегорите ова ИК бидејќи ќе проработат во него вградената прекуструјна и/или температурна заштита, но јас не би се обложувал на тоа. Јас би ви го кажал и тоа дека ако ги краткоспоите Uout и adj, постојат добри шанси да го уништите ова ИК.
Фалсификаторите најчесто земаат некој LM317T, му ги бришат ознаките и се препечатува потребната ознака: LM338T. Тоа е така бидејќи LM317T има сосема иста функција и распоред на изводите како LM338T, но е повеќекратно поевтин бидејќи е за струи до 1,5A наспроти 5-те ампери на LM338T!
Но, како што веќе нагласив, во поново време се фалсификува сè и сешто и не е "императив" фалсификуваната компонента да има некоја функционалност. (Значи, исчезна и фалсификаторската етика!). Во пакувањето TO-220 во кое е сместено LM338T, можат да се сместат многу други електронски компоненти: биполарни транзистори, МОСФЕТ, ИК, диоди, па дури и пасивни компоненти како: отпорници, индуктивитети или кондензатори. Затоа, сосема е непотребно да се мачиме да утврдиме каква појдовна компонента употребил фалсификаторот за да ја оствари својата цел. Едно е само битно – таа не ја извршува декларираната функција и од тој аспект е сосема неупотреблива!
Емилијан Иљоски