Здраво,
Имам активен филтер за сабвуфер по шема од ЕМИТЕР, но не ми текнува кој точно беше, со volume контрола и контрола на граничната фреквенција. Користи TL082 и така си работи добро 2 години. Ми се најде по дома NE5532, па го ставив наместо TL082, но звукот е ист, јас не можам да направам разлика. Наводно, NE5532 има помал шум и е наменет токму за аудиоапликации, но јас искрено не забележувам некоја разлика. Дали е подобро да го вратам TL082 или да го оставам да работи со NE5532?
Бранислав, преку е-пошта

Точно сте забележале, нема разлика во оваа конкретна апликација. И двата се одлични операциски засилувачи и имаат широка употреба. До неодамна NE5532 и TL072 (малошумна верзија на TL082) се употребуваа во најквалитетните и најскапи аудиоуреди, вклучувајќи ги и професионалните студиски миксери.
Операцискиот засилувач NE5532 навистина има малку помал еквивалентен напонски влезен шум (5 nV/"Hz) отколку TL082 (18 nV/"Hz), но затоа има 70 пати поголем струен влезен шум (0,7 pA/"Hz наспроти 0,01 pA/"Hz)! Во зависност од конкретната намена, некаде подобро е да се употреби NE5532, а некаде TL082 (или TL072). Разликата во нивото на шумот меѓу овие два операциски засилувачи е забележлива само кога станува збор за големи засилувања, односно ако изворот на звук има многу ниско напонско ниво, како во случај на микрофонски предзасилувач. Но, дури и за сигнали од редот на mV, разликата меѓу NE5532 и TL082 во односот сигнал/шум (S/N) е занемарлива, особено кога ќе се спореди со останатите извори на звук (шум) во целиот hi-fi синџир. На пример, за сигнал од 1 mV (од редот на најтивките можни сигнали кои излегуваат од CD-плеерот), за NE5532 се добива S/N = 106 dB, додека за TL082 се добива S/N = 95 dB. Со оглед на тоа што во неверојатно мирна и тивка дневна соба нивото на шум (бучава) е околу N = 30 dB, за да можете да го чуете шумот од TL082, ќе треба да го натерате сигналот да биде со јачина од S = 30 + 95 = 125 dB! Тоа, ќе се сложите, е невозможно за hi-fi уреди. Освен тоа, ретко кој hi-fi уред има однос сигнал/шум еднаков на 95 dB, или подобар. А да не спомнуваме колку ќе настрадаат вашите уши на звук со јачина од 125 dB и колку е невозможно при толку гласна музика да се слушне шум од 30 dB.
Како што гледате, за вашиот филтер е сосема сеедно кој од овие два операциски засилувачи ќе го користите, шумот не ќе можете да го чуете.
Владимир Филевски


Здраво,
Имам намера да набавам засилувач и се двоумам меѓу Cambridge Audio AM10, Harman/Kardon HK980 и Onkyo A-9030. Би ве замолил за ваше мислење, а исто ме интрересира и кои звучници би одговарале за овие засилувачи.
Ви благодарам,
Петар (sweeper), преку е-пошта

Сите три засилувачи се добри, но сте заборавиле во списокот да додадете еден вистински бисер – NAD C316BBE. Секој од овие 4 засилувачи си има свои предности и недостатоци, но јас во Вашиот случај би го фокусирал вниманието на овие два модела: Harman/Kardon HK980 и NAD C316BBE. Предноста на Harman/Kardon HK980 е најголемата моќност – дури 85W / 8Ω по канал, додека предноста на NAD C316BBE е одличниот звук кој е испофален на тестовите во сите можни списанија. На мерните тестови NAD C316BBE ипорачал моќност од дури 55W / 8Ω по канал, за разлика од неговите скромно декларирани 40W / 8Ω.
Што се однесува до изборот на најповолен звучник, тука многу големо влијание има цената, а Вие не наведовте колкав буџет планирате за звучниците за да можам да Ви препорачам некој точно одреден модел. Во секој случај, препорачувам за звучниците да се одвојат повеќе средства отколку за засилувачот. Но, ако случајно не сте во можност да го направите тоа, тогаш препорачувам да купите поевтин засилувач, на пример, Cambridge Audio AM5 по цена од 189 евра, а поголемиот дел од парите да го насочите кон поскап и подобар звучник. Звучници од 260 евра на засилувач од 190 евра секогаш подобро ќе звучат од звучници од 190 евра на засилувач од 260 евра.
Владимир Филевски