Почитувана редакцијо,
Немам некои забелешки за списанието, можам само да кажам дека е одлично. На нас средношколците навистина ни беше потребно едно вакво списание. Јас и некои мои другари имаме некои помали проблеми па би сакале да ни помогнете:
1. Би сакале да објавите формули за пресметка на калеми (со и без јадро). Ние располагаме со некои формули, но во нив никаде не се наведува податокот околу дебелината на жицата.
2. Не интересира дали и како можеме да ја одредиме индуктивноста на калемот доколку не располагаме со LC метар.
3. Би сакале да објавите шеми за разни светлосни и звучни диско ефекти.
4. Уреди за снимање, прислушкување на телефони како и детектор за откривање дали сме прислушкувани
5. ФМ предаватели и приемници со фреквенција пониска од 87MHz (мушица).
6. Детектор за поставени предаватели (мушица), алармни уреди дигитални брави.
7. Моќни засилувачи (300-450W стерео).
Сашо од Скопје
Во оваа прилика ќе ја објавиме формулата за пресметка на повеќеслојни калеми со воздушно јадро, бидејќи индуктивноста на калемите со феромагнетно јадро зависи од видот на јадрото. Формулата гласи:
Ознаките во формулата го имаат следново значење:
N - е број на навивки
d - е дијаметарот на жицата во mm
D - е дијаметарот на јадрото во mm
B - е висината на јадрото во mm
Пресметката на калемот започнува со изборот на дебелината на жицата согласно со емпириската формула:
Во оваа равенка I е максималната струја низ калемот изразена во ампери
Кога е позната дебелината на жицата се избира димензијата на јадрото, односно неговиот диаметар и неговата висина (D и B). Потоа според првата формула се исцртува графикот N=f[L], кој се добива со пресметка на L за различни вредности на N (за усвоените D,B и d). Од добиениот график се одредува точниот број на навивки (N) за потребниот индуктивитет.
Еден од наједноставните методи за мерење на индуктивноста на калемот е со т.н. U/I метода. Оваа метода се состои од мерење на падот на напонот што го создава калемот во сериска комбинација со еден отпорник и со мерење на струјата низ него при простопериодична (синусна) екситација (побуда). Од добиените вредности за падот на напонот и за струјата по индиректен пат може да се одреди индуктивноста според следната формула:
За ова мерење е неопходно да се поседува еден електронски волтметар и еден синусен генератор. Заради поголема точност препорачливо е мерењето да се повтори неколку пати на различни фреквенции од работното подрачје на калемот.
Дел од шемите кои ги барате да се објават се веќе објавени во предходните броеви на ЕМИТЕР, а како што сигурно забележавте, една од вашите желби (телефонски прислушкувач) ја реализираме во овој број. За останатите сигурно ќе стане збор во некој од следните броеви.
Дејан Трпески
Почитувана редакцијо,
Ја поздравувам целата редакција на списанието ЕМИТЕР а особено господинот Слободан Таневски и господинот Владимир Филевски. Забелешки за списанието немам, но имам неколку желби и проблеми.
1. Би сакал до декември да објавите серија проекти за светлосни ефекти погодни за забави.
2. Би сакал да објавите проекти за моќни засилувачи (>400W).
3. Поседувам грамофон DUAL 604 кој што ми е приклучен на миксета. Би сакал да знам на кој начин би можел да го засилам излезниот сигнал од грамофонот бидејќи е многу слаб. Исто така ако може да објавите шема и за серво уред за грамофон.
4. Го изработив Стробоскопот од Емитер бр. 9/96 но отпорникот R1 и кондензаторите C1 и C2 значително се загреваат. Дали е тоа нормално и како би можел да го намалам греењето на овие елементи.
5. Поседувам засилувач Marantz model 1090 на кој е расипан потенциометарот за јачина на тонот. Проблемот е во тоа што тој потенциометар е метален и е со четири изводи, а јас имам пластичен со три изводи. Би сакал да знам за што служи четвртиот извод и каде можам да набавам таков потенциометар или на кој начин би можел да искористам потенциометар со три изводи.
Однапред ви благодарам.
Владимир Димитровски од Скопје
Во името на редакцијата Ви се заблагодарувам на поздравите.
Нé радува тоа што Ви се допаѓа списанието и што се интересирате за многу области од електрониката.
1. Освен стробоскопот, кој веќе сте го изработиле, проекти за светлосни ефекти имаме објавено и во броевите 1-2/96 и 3-4/96. Станува збор за три програмабилни светлосни автомати со 15, 8 и 4 канали. Меѓутоа тие се со повисок квалитет и посложена конструкција, па со нивна градба би требало да се зафатите ако имате некое поголемо искуство во електрониката. Инаку еден од нашите соработници веќе работи на проект за light show (со поедноставна - стандардна изведба), па очекувајте го во некој од следните броеви (можеби веќе и во декемврискиот број).
2. Евидентно е дека голем број читатели се интересираат за градба на засилувач со многу голема моќност (300, 400W, па и повеќе), па затоа наскоро ќе објавиме и таков проект. Меѓутоа и во оваа прилика морам да напоменам дека освен поголеми финансиски вложувања, за градба на ваков засилувач потребни се и поголеми знаења и практични искуства од електрониката.
3. Поквалитетните грамофони најчесто користат грамофонска глава со подвижен магнет (ММ), чиј излезен напон е околу неколку mV. Затоа овој сигнал мора претходно да се засили (околу 40dB), а при тоа да се изврши и фреквентна корекција според RIAA стандардите. Повеќе за оваа проблематика можете да прочитате во проектот за диско миксерот EMIX5 (ЕМИТЕР 4/97). Таму ќе најдете и шема за грамофонски предзасилувач - тоа е делот околу IC2A и IC2B во шемата на EMIX5 (стр. 18).
Поквалитетните грамофони најчесто користат DC мотор. Шема на еден регулатор на брзината на DC мотори објавивме во ЕМИТЕР 5-6/96.
4. Загревањето на R1, C1 и C2 во стробоскопот се должи на големиот импулсен напон во колото кој зависи и од особините на лампата и иницирачкиот трансформатор. За да ја намалите можноста од прегорување на некој од овие елементи за R1 употребете отпорник со поголема моќност (15W или повеќе) или пак сериски спој на два отпорници од 270Ω/10W, а C1 и C2 нека бидат за повисок работен напон (630V).
5. Во засилувачите многу често се користат потенциометри со 4 изводи при што четвртиот извод се приклучува на едно пасивно RC коло за добивање на loudness ефект. Тоа значи дека наместо неисправниот потенциометар со 4 изводи можете да употребите потенциометар со 3 изводи, но во тој случај ќе немате можност за loudness (физиолошка) корекција на јачината на звукот што и не е некој голем недостаток. Доколку сепак сакате да имате loudness корекција можете да вградите посебно активно коло - за ова видете во ЕМИТЕР 3/95.
Слободан Таневски