Здраво почитувана редакцијо!
Имам проблем и се надевам дека ќе успеам да го решам, се разбира со ваша помош. Се работи за стробоскопот од ЕМИТЕР 9/96. Не знам каде можам да ги купам гасната ксенонска цевка и иницирачкиот трансформатор. Кога сме веќе кај трансформаторот, дали ќе може тој да се изработи и како?
Однапред ви благодарам.
Тасе од Штип

Информации во врска со набавка на одредени електронски елементи или уреди пред се треба да побарате директно од фирмите што се занимаваат со таа дејност. Впрочем за да бидат достапни за поширок круг на потенцијални купувачи, фирмите вложуваат одредени финансиски сретства за свое рекламирање. Ние се обративме до фирмите што се рекламираат во ЕМИТЕР и добивме информација дека гасната ксенонска цевка и иницирачкиот трансформатор можат да се набават во продавницата за електро делови, Електро Ваце (тел. 413-000). Што се однесува до изработката на трансформаторот, многу полесно, побрзо и поедноставно е да го купите отколку да го изработувате сами.
Ви посакуваме успех во изработката на стробоскопот.
Бојана Димитрова


Здраво Емитер. Многу поздрави и поддршка до редакцијата. Се трудам да бидам редовен читател, но ми недостасуваат некои броеви од списанието па затоа ги порачувам следните броеви....
....Би сакал во списанието да има многу повеќе текст и многу повеќе објаснувања, детални описи на електронски елементи и начини на проверка на нивната исправност.
Инаку јас како почетник би сакал да изработам некој проект, но не знам како да направам плочка со печатено коло. Ако може да ми го објасните начинот на домашна изработка на ППК.
Исто би сакал да ми препорачате некоја корисна литература за почетници и каде да ја набавам.
На крај уште еднаш многу поздрави до Емитер и ви посакувам уште многу години успешно работење.
Благоја Јандрески од Гевгелија

Кога некој за прв пат ќе изработи свое печатено коло, безповратно станува електроничар. Со среќа!!!
Од секогаш се стремело за педноставен и поевтин пат до готова плочка со печатено коло (понатака ППК), па и оттаму и повеќе начини за изработка на ППК. Овде накратко ќе објасниме еден од начините да се изработи ППК во домашни услови.
Ќе тргнеме со претпоставка дека го немате изгледот на ППК туку ја имате само шемата на електронскиот склоп.
Чекор 1: Внимателно ќе ја проучите електричната шема. Ако не го имате оригиналот, и ако примерокот што го имате е во хаотична состојба, стрпливо и педантно прецртајте ја на бел лист. Верувајте ни, ова колку и да ви изгледа непотребно на крај ќе ви се исплати.
Чекор 2: Без претходно набавени делови не го започнувајте планирањето на ППК. Деловите можат да бидат во најразлични форми и големини и со најразлични изводи. Ако ги немате набавено деловите а сте ја изработиле ППК, најчесто овој склоп нема да биде довршен. Чудно но вистинито, а зошто - сами ќе се уверите.
Чекор 3: На милиметарска хартија внимателно распределете ги деловите, така да физички не си сметаат еден со друг, и не се преклопуваат еден преку друг. Ако многу не е битна големината на печатеното коло, не практикувајте вертикално поставени елементи (најчесто отпорници) туку гледајте секогаш да бидат хоризонтално легнати. Со постапката која ја објаснуваме во овој текст, печатеното коло треба да се испланира од страната на бакарот. Притоа треба да се пази на распоредот на изводите на елементите посебно на интенгралните кола (се гледаат од долната страна). Елементите нека бидат така поставени што поврзувањето меѓу нив биде по најкраток пат и поедноставен, но притоа пазете колку е можно и на естетскиот изглед. Елементите нека бидат поставени под прав агол.
Чекор 4: Плочката добро исчистете ја од мрснотии. Избегнувајте да го допирате бакарот со прсти. Никако не употребувајте шмиргла или челична четка. Најдобро се чисти со ситен вим и крпа.
Чекор 5: Добро исушете ја плочката. Со употреба на индиго внимателно прекопирајте ги водовите од белиот лист на кој сте ја испланирале плочката само по рабовите на водовите. Потоа со водоотпорен (алкохолен) фломастер пополнете го просторот каде што треба да се простираат водовите. Со помош на фломастерот го заштитуваме бакарот онаму каде што ни е потребен. Слојот на фломастерот треба да биде доволно дебел да не се гледа бакарот. Корекциите, ако се потребни, може да ги направите со остар предмет (скалпел, шило или сл.), но откако добро ќе се исуши (15 мин).
Чекор 6: Направете го растворот од киселина и хидроген. За разјадување на незаштитениот бакар најчесто се користи а и најлесно се набавува растворот од солна киселина 15-25% (HCl) и хидроген 9% (H2О2) во однос од 40% киселина:60% хидроген. Може да се користи и ферохлорид FeCl кој е и помалку отровен но процесот е поспор. Правете го развивањето внимателно и на отворен простор или добро проветрена просторија блиску до извор на вода. Не дишете директно над растворот бидејќи при реакцијата се ослободуваат отровни гасови. Рацете заштитете си ги со гумени ракавици. Растворот е агресивен према органски материи (текстил) и метал. Растворот исклучиво правете го во пластични или порцелански садови. Потопете ја плочката во растворот и со помош на пластична пинцета (стапче) внимателно мешајте го растворот, и пазете да не го оштетите заштитниот слој.
Чекор 7: Откако целиот незаштитен бакар ќе отпадне, внимателно извадете ја плочката од растворот, исцедете ја и веднаш добри измијте ја под силен млаз на вода околу (5 мин).
Чекор 8: Добро исушете ја плочката. Заштитниот слој можете да го симнете со чист алкохол и поголемо количество на памук или пуцвал. За крај добро изрибајте ја со ситен вим.
Чекор 9: Дупките пред да ги бушите источкајте ги со оштро шило. Бушењето направете го со соодветна бургија ( 0,7mm,1mm, 1,5mm).
Ако изработувате ППК објавена во некое списание првите три чекора ги прескокнувате. Доколку се придржувате до основните правила, успехот и квалитето е низбежен.
Ова е еден од повеќето начини на изработка на ППК. Во некој од следните броеви на ЕМИТЕР ќе објавиме поопширен напис за аматерско и професионално проектирање и изработка на ППК. Голем успех во изработката на ППК.
Што се однесува до соодветна литература која би можеле да ја користите во изучувањето на електрониката тука мораме да ве разочараме. Популарна литература за електроника на македонски јазик, колку што ни е познато, не постои. Постојат само неколку учебници и скрипти за средните електротехнички училишта и електротехничкот факултет меѓутоа во нив елктрониката главно е обработена само од теоретски аспект па затоа не одговараат за аматери и почетници. Повремено во книжарниците може да се најдат книги од Југославија и Хрватска во кои електрониката е презентирана на популарен начин. Од нив, како почетна литература, би ви ги препорачале: “Хоби електроника”, “Електроника и роботика” и “Радио техника и електроника” од Светислав Шилер,
Баш поради огромниот недостаток на ваков вид литература планираме наскоро да започнеме серија написи во форма на краток курс за електроничари почетници. Исто така, се надеваме дека ќе успееме да собереме сили и средства да објавиме и некоја книга со ваква тематика (оваа идеја ни стои уште од основањето на Емитер).
Валентин Трпески и Слободан Таневски