Почитувана редакцијо,
Би сакал уште еднаш да ја објавите адресата за набавка на бас звучникот Eminence ME 10-200 за проектот PA loudspeaker TNT 10/200 (ЕМИТЕР 5-6/96), бидејќи е лошо отпечатена. Исто така би ви укажал на тоа дека многу често ги прикажувате само шемите и блок дијаграмите без решение за плочката со печатено коло.
Со поздрав,
Никола од Скопје

Навистина, поради грешка на печатницата, адресата на англиската фирма од која може да се набави звучникот Eminence ME 10-200 е нечитка. За Вас и сите заинтересирани повторно ја објавуваме споменатата адреса: JYG Ltd D10/D11 The Seedbed Centre Davidson Way Romford, Essex RM7OA2 England.
Вашата желба сите шеми во ЕМИТЕР да бидат придружени со цртеж на плочка со печатено коло е и наша желба. Меѓутоа, тоа не е возможно (планирањето и цртањето на ППК одзема многу време) а не е ни потребно, особено за поедноставни склопови кои секој читател може и треба да ги реши според своите потреби. Впрочем, ниту во светски познатите списанија за електроника нема цртеж на ППК за секоја објавена шема.
Слободан Таневски


Почитувана редакцијо!
Се надевам дека со ова писмо ќе можам да го добијам она што вие го спомнавте уште во ЕМИТЕР 4/95 во врска со предавателите. Мене ме интерсира PLL синтетизаторот на фреквенција и ВФ степенот за моќност, односно ФМ предавател со поголема моќност. Би ве замолил, доколку сте во можност, да објавите вакви шеми или пак, ако сметате дека ќе имате проблеми со власта можете слободно да ги испратите директно на мојата адреса. Се подразбира, доколку сакате, овие шеми ќе бидат тајна, а исто така, ако сакате и ќе ви платам за нив.
Со почит,
Дејан Петковски - Битола

Веднаш по објавување на написот за малите ФМ предаватели во бројот 4/95 многу читатели пројавија интерес за ФМ предаватели со поголема моќност. Меѓутоа досега не објавивме таков напис, не заради тоа што мислевме дека ќе имаме проблеми со власта, туку заради наша презафатеност и презафатеност на соработниците кои добро ја познаваат оваа област. Впрочем, со закон е забрането користење на радиостаница без соодветна дозвола, но во никој случај не може да биде и не е забрането објавување стручни написи и шеми за радиостаници. Ветуваме дека наскоро (можеби веќе во следниот број) ќе објавиме напис за ФМ предавател со поголема моќност.
Шеми по пошта не испраќаме, па затоа почекајте ги следните броеви на ЕМИТЕР.
Слободан Таневски