Почитувана редакцијо!
Се надевам дека со ова писмо ќе можам да го добијам она што вие го спомнавте уште во ЕМИТЕР 4/95 во врска со предавателите. Мене ме интерсира PLL синтетизаторот на фреквенција и ВФ степенот за моќност, односно ФМ предавател со поголема моќност. Би ве замолил, доколку сте во можност, да објавите вакви шеми или пак, ако сметате дека ќе имате проблеми со власта можете слободно да ги испратите директно на мојата адреса. Се подразбира, доколку сакате, овие шеми ќе бидат тајна, а исто така, ако сакате и ќе ви платам за нив.
Со почит,
Дејан Петковски - Битола
Веднаш по објавување на написот за малите ФМ предаватели во бројот 4/95 многу читатели пројавија интерес за ФМ предаватели со поголема моќност. Меѓутоа досега не објавивме таков напис, не заради тоа што мислевме дека ќе имаме проблеми со власта, туку заради наша презафатеност и презафатеност на соработниците кои добро ја познаваат оваа област. Впрочем, со закон е забрането користење на радиостаница без соодветна дозвола, но во никој случај не може да биде и не е забрането објавување стручни написи и шеми за радиостаници. Ветуваме дека наскоро (можеби веќе во следниот број) ќе објавиме напис за ФМ предавател со поголема моќност.
Шеми по пошта не испраќаме, па затоа почекајте ги следните броеви на ЕМИТЕР.
Слободан Таневски