Здраво емитерци,
Јас сум ваш редовен читател од Куманово и ви се јавувам за еден мал проблем. Имено, преправам аудиозасилувач од сабвуфер реализиран со TDA2030A. Сараунд системот е 5.1 и има 7 интегрални кола, 5 интегрирани кола за каналите за бас излезот, има 2 кои се во мостен (bridge) спој. Сè ми оди супер, само ако може една мала консултација. Напојувањето е +15V 0 -15V. На плочката (која е фабричка) има и излез +8 0 -8V, кој служи за напојување на друга плочка, ама таа не ми е потребна и е отстранета. Кога на тие +8 и 0 ќе приклучам кулер (DC вентилатор) тој работи, но ми прави неред со тоа што на звучниците се "слуша" вртењето на вентилаторот (брмчење). За да не додавам уште еден мал трансформатор специјално за вентилаторот, дали има решение како да се "украде" од веќе постоечкото напојување, дали ќе треба да се додадат некој кондензатор, диода... или слично за да би можело уредите да функционираат непречено еден од друг. Се надевам дека има решение.
Само да напомнам дека го имам изработено проектот "Стереоаудио засилувач Паганини" од Емитер 5/09, и тој е одличен, се разбира, за својата намена.
Имате голем поздрав од Куманово, стварно сте супер, неспоредливи... само така продолжете.
Горан (colgate_h_mocan@....)

Прво, да се обидеме со наједноставното решение - дали мора да има вентилатор? Ако ладилникот за TDA2030 е премал, најдобро е да се стави поголем ладилник. Дури и во случај вентилаторот да не индуцира брмчење во звучниците, тој сепак ќе шуми заради струењето на воздухот. Токму заради тие неизбежни шумови во hi-fi техниката се избегнуваат вентилатори за ладење на засилувачите.
Ако сепак мора да се користи вентилатор, треба да се испроба со друг вентилатор – можеби постојниот не е сосема исправен? Вентилаторот треба да се постави подалеку од електрониката за да се намалат индуцираните пречки. Ако и ова не помогне, можете да се обидете со сериска диода приклучена меѓу +8V и плусот на вентилаторот и електролитски кондензатор приклучен паралелно на изводите на вентилаторот. Кондензаторот треба да има вредност помеѓу 100 и 1000 µF и да се залеми што поблиску до вентилаторот.
Владимир Филевски

Наједноставно е да се искористи постоечкиот мрежен трансформатор за напојување на засилувачите и на вентилаторот. За таа цел неопходно е да се вгради еден дополнителен Грецов насочувач заедно со уште еден или два отпорника врзани во серија со вентилаторот (зависно од нивната моќност и потребниот напон за вентилаторот). На крајот добро е да се постави и еден кондензатор паралелно со вентилаторот. Тоа би требало да биде доволно за непречена работа на засилувачите и вентилаторот во исто време.
Дејан Трпески


Здраво,
Имам едно прашање во врска со полнач за МП4 плеер објавен во рубриката "Писма" во Емитер 9/2008. Овој полнач сакам да го користам за полнење мобилен телефон Т-мобиле Пулс мини во автомобил. Тој телефон се полни преку USB порта на PC, па бидејќи вашиот полнач ми одговара сакам да го изработам. Дали треба да има и некаква дополнителна заштита од преголема струја или слично (бидејќи ќе го користам во автомобил) или е попаметно да си купам готов полнач од продавница?
Христијан преку е-маил

Посочената шема може да се искористи за од напонот на автомобилски акумулатор (номинални 12 Vdc) да добиеме 5 V, односно да погонуваме уред кои е предвиден да биде погонуван од USB порта.
Тука проблемот кој би можел да се појави би бил претераното загревање на интегрираното коло 7805 поради поголемата струја која му е потребна за полнење на вашиот мобилен телефон. Затоа 7805 треба да се монтира на ребрасто ладилно тело од алуминиум. Постојат прецизни пресметки колкав треба да биде овој ладилник. За да не ве оптоварувам со такви пресметки, ќе ви посочам дека колку е поголем ладилникот, толку е подобро – но, тоа е ограничено со расположливиот простор, како и со фактот дека тоа ладилно тело има некоја цена. За почеток употребете некое ладилно тело кое ви е при рака. Зашрафете го 7805 на него и следете ја температурата со прст во подолг период - ако е поголема од 60°C, нема да можете да го држите со рака. Дефинитивно тоа ќе биде показател дека треба да употребите поголемо ладилно тело. Овие тестирања вршете ги кога акумулаторската батерија на мобилниот телефон е празна – тогаш уредот ќе влече поголема струја од 7805, што ќе предизвика негово поголемо греење.
Инаку 7805 има интегрирано прекуструјна заштита која е нагодена на некои 1A и исто така има температурна заштита, па тој ќе се исклучи на температура повисока од 100°C и при струи поголеми од 1A. На тој начин се заштитува интегрираното коло, како и уредот кој е приклучен на него. Но, немојте да се обложувате на овие заштити, тие според Марфиевите закони ќе откажат "послушност" токму кога се најпотребни!
Со конструкција на ова навистина едноставно, но доверливо електронско коло, можете да научите многу од електрониката, а и да заштедите пари. Сепак едноставни мерки за предострожност се апсолутно задолжителни – како прво, тоа е стриктно придржување кон поларитетите на компонентите и мерење на излезниот напон со дигитален мултиметар пред каде било да го приклучите него!
Емилијан Иљоски


Здраво,
Списанието е одлично!! :) Секоја ви чест. Само би сакал уште 2 работи: пишувајте повеќе од областа на физиката, науката и најновите откритија; а списанието нека биде 100% во боја бидејќи црно-белите страници ги оддалечуваат читателите од одредена тема, а со тоа и од целото списание.
Се надевам ќе има такви промени во вашето списание, затоа што читателите заслужуваат совршеното списание во Македонија од областа на науката и технологијата :)
Поздрав,
Драган Савески

Ви благодариме за убавите зборови. Рубриката "Физика" е присутна речиси во секој број на ЕМИТЕР, а во рубриката "Астрономија" често пати написите се од областа на астрофизиката. Исто така, во тек е една интересна серија насловена со "Неверојатни научни вистини", која се надеваме дека ќе го привлече Вашето внимание.
Ние секогаш се трудиме навремено да ги објавуваме најновите научни откритија, но просторот во списанието е ограничен (бројот на љубители и на други рубрики исто така е голем!), па ги избираме само оние теми за кои сметаме дека би биле интересни за најголемиот број на читатели.
Што се однесува за црно-белите страници, верувајте дека ние сме првите кои би сакале сите страници во ЕМИТЕР да се во боја, но цената на списанието кога би се печатело комплетно во боја би била многу повисока и би била одбивна за многу читатели, па тоа негативно би се одразило на тиражот. Затоа направивме компромис - дел од страниците се во колор, дел се црно-бели, со што цената на списанието е многу поприфатлива.
Владимир Филевски


Здраво,
Имам едно прашање до Зоран Цветковски и Георги Ефтимов. Го изработив 150W мосфет засилувач според написот во ЕМИТЕР 7-8/07, но се јави проблем. Имено, при првото вклучување, по околу 1 минута, експлодира електролитот C1 од 47µF/100V (а беше правилно поврзан). Го сменив и со вториот се случи истото, а на излезот имаше -45V, транзисторите беа изолирани од ладилникот компонентите правилно распоредени, а плочката беше од ЕМИТЕР. Го пуштив потоа со извадени C1 и C3, па почна да влече на +55V струја околу 7-8A. Ги откачив отпорниците R24 и R26, па изгоре R15 и T10. Тука застанав, зашто не знам што да правам понатаму.
До сега имам направено неколку од вашите проекти за моќни засилувачи (стереозасилувач со голема моќност, 150W едноставен транзисторски засилувач, 100W HI-FI засилувач) и сите проработуваа без проблем. Доколку имате објавено исправка, ве молам кажете ми во кој број или дајте ми некој совет во што е проблемот. Благодарам однапред.
Митко Митковски, преку e-mail

Единствена исправка за овој засилувач е во врска со објаснувањето на поимот "температурен коефициент" во рамката "Термини и кратенки" и таа е објавена во наредниот број на ЕМИТЕР (9/07). Никакви други грешки во објавениот проект, особено во шемата и плочката нема.
Електролитски кондензатор наменет за "пеглање" на напонот за напојување експлодира кога е обратно поврзан, односно инверзно поларизиран. Бидејќи кондензаторот C1 правилно сте го поврзале, претпоставувам дека засилувачот погрешно сте го поврзале со изворот за напојување. Е сега она што ме буни. Фактот дека страдаат само компонентите што се приклучени на позитивната линија на напојување наведува на заклучок дека минусот е добро поврзан, а грешката е помеѓу плусот и масата. Ако е така, од каде доаѓаат оние -45V на излезот? Ако, пак, масата е добро поврзана, а плусот и минусот се згрешени, на излезот може да се појави напон од -45V само под услов да не настрада ниедна компонента што е приклучена на негативната линија за напојување. Мислам дека тоа не е можно, при инверзно напојување на засилувачот барем еден од транзисторите T11, T12 би требало да изгори. Транзисторот T10 најверојатно бил изгорен и пред да ги откачите отпорниците R24 и R26. Со откачување на овие два отпорника само сте ја прекинале патеката на течење на големата струја и кога би знаеле дали оваа струја се затвора преку масата или преку минусот веднаш би знаеле дали и некој од транзисторите T11, T12 е изгорен.
Не знам со каква опрема располагате, но ако имате симетричен извор за напојување со можност за ограничување на струјата приклучете го засилувачот таков каков што е на изворот (±20V е сосема доволно) и ограничете ја струјата на 500mA. Излезниот напон на изворот сам ќе се приспособи на отпорноста што ја гледа во засилувачот и ќе можете лесно да утврдите кои компоненти се неисправни (или погрешно залемени ако ги има). Ако не располагате со извор направете го следното:
- поединечно проверете ја исправноста на секоја компонента освен излезните транзистори (T9÷T12) и неисправните заменете ги со нови,
- ако за некоја од компонентите користите замена, уште еднаш проверете дали се пин компатибилни со оригиналните,
- сите излезни транзистори задолжително заменете ги со нови,
- залемете ги и диодите за заштита на излезните транзистори од инверзен напон (D8 и D9),
- поставете осигурувачи од 500 mA во линиите за напојување,
На овој начин ќе се осигурате дека нема грешка во изработката и изборот на употребените компоненти. Ако, сепак, сè уште постои некаков пропуст, кога ќе го вклучите напојувањето ќе изгорат само осигурувачите, а скапите компоненти ќе останат заштитени. Не заборавајте пред да го вклучите напојувањето, лизгачот на тримерот P1 да го поставете во положба така што неговата отпорност ќе биде еднаква на нула оми.
Георги Ефтимов

Имам уште едно прашање за 150W MOSFET засилувач. Ги сменив излезните транзистори, го поврзав на стабилизиран извор на +/- 20V и 500mA, и со тримерот на 0Ω влече струја од 50mA симетрично. Но, на излез има• DC компонента од -13V и со влез од 1Vpp и 1kHz има на излез синусоида пресечена во негативнот дел по хоризонтала и пресечен дел во позитивниот дел по вертикална оска? Па би можеле ли да ми кажете во која компонента е грешката?
Благодарам однапред,
Митко Митковски, преку e-mail

DC напонот на излез на засилувачот во отсуство на влезен сигнал треба да биде помал од ±100mV, но може да се толерира и нешто поголема вредност. Навистина ми е жал, но не можам да посочам ниедна компонента поради која на излез на вашиот засилувач се појавува толку голем DC-напон. Хоризонталното отсекување на синусоидата во негативната полупериода најверојатно е последица на големиот DC напон на излезот. Засилувањето на засилувачот е нешто поголемо од 30. Бидејќи потенцијалната разлика помеѓу излезот и негативната линија на напојувањето во вашиот случај изнесува само 7V, негативната полупериода на синусоида со 1Vpp на влезот не може без отсекување да се пренесе на излезот.
Зоран Цветковски