500W-ниот засилувач чиј проект го објавивме во минатиот број очигледно побуди голем интерес меѓу читателите така што, според наши сознанија, многумина се одлучија за негова градба. И покрај деталниот опис на конструкцијата, сепак за дел од читателите тоа не беше доволно, па во изминативе дваесетина дена добивме неколку писма со повеќе прашања во врска со овој засилувач. Во продолжение ги пренесуваме овие прашања, а се разбира и нашите одговори.
1. Во табела 1 пишува дека трансформаторот треба да биде за 50V/6A, а напојувањето дека е 70V. Дали е ова точно и дали трансформаторот треба да биде со извод за заземјување?
2. Дали може транзисторите T9 и T10 да ги монтирам на заеднички ладилник без употреба на лискун?
3. Дали е грешка тоа што пишува дека транзисторот T5 треба да се монтира на ладилник?
4. Не ми е јасно како треба да се поврзат дополнителните транзистори за верзијата од 500W. Дали можете да нацртате едноставна шема за тоа?
5. Пишува дека дампинг факторот е поголем од 100. Слушнав дека таква вредност не е доволно добра. Ако е така дали оваа карактеристика може некако да се зголеми.
6. Да не има некоја грешка во плочката, шемата и текстот?
Пред да одговориме на поставените прашања сметаме дека е потребно да нагласиме некои работи.
Прво во текстот јасно е нагласено дека овој проект е наменет за поискусните електроничари. Оваа забелешка се наметнува бидејќи поставените прашања укажуваат на тоа дека овие читатели ги немаат потребните предзнаења неопходни за изработка на ваков уред. Ова во никој случај не треба да го сфатите како критика туку како насока во работата бидејќи наша желба е секоја ваша конструкција да биде успешна. Разбирајќи ја вашата амбиција, но имајќи на ум дека секој неуспех, особено на почетокот на електроничарската кариера може да предизвика спротивен ефект, го препорачуваме следново:
- Одберете проект за уред соодветен на вашите знаења и можности, а дури на второ место ставете ги вашите моментални потреби и финансиска способност.
- Ако се одлучите за некој посложен и поскап уред, размислете повторно дали вашата амбиција е поткрепена со доволни познавања од таа област. Недоволни познавања сигурно водат до неуспех, многу прегорени елементи и потрошени пари, а во одредени ситуации и до опасност по вашиот живот.
- Пред да почнете со изработката добро проучете го проектот, по неколку пати прочитајте го текстот, анализирајте ја шемата, плочката и цртежите, поразговарајте со некој поискусен, па ако треба обратете се за помош до редакцијата. Дури потоа купете ги елементите и започнете со изработката.
По овој широк, но сметаме неопходен, вовед еве ги одговорите на поставените прашања.
1. Тоа што напонот на трансформаторот е 50V, а напонот на насочувачот е 70V воопшто не е чудно, бидејќи во првиот случај се зборува за ефективна вредност на наизменичен напон, а во вториот случај за еднонасочен напон, добиен со исправување на тој наизменичен напон. Од основната теорија за насочувачи познато е дека исправениот напон е за 30÷40% поголем од ефективната вредност на наизменичниот. Како што се гледа од сл. 2 (ЕМИТЕР 3/98, стр. 12) трансформаторот е со среден извод кој се спојува на заземјувањето. Ова впрочем го укажува и ознаката за секундарниот напон 2x50V (дадена во последниот ред од табела 1).
2. Кај Т9 и T10 (како и кај скоро сите транзистори) металниот дел од куќиштето е всушност колекторот. Од шемата се гледа дека колекторот на T9 се наоѓа на напон +US (+70V), а колекторот на T10 на -US (-70V), па од ова јасно произлегува дека транзисторите T9 и T10 не можете да ги монтирате на ист ладилник без лискунски подлошки бидејќи со тоа би направиле куса врска меѓу половите на напојувањето.
3. Транзисторот T5 треба да е монтиран на исто ладилно тело со излезните транзистори. Основната функција на овој транзистор е да обезбеди температурна стабилизација на засилувачот. Заради тоа и самиот треба да е загреан на иста температура со излезните транзистори.
4. Начинот на поврзување на дополнителните транзистори е објаснет во текстот, па следете ги тие упатства и нема да згрешите - дополнителна шема за ова само би внела повеќе забуни заради големиот број на водови.
5. Дампинг факторот на излезниот засилувач навистина не изгледа импресивно со својата вредност, но мораме да напоменеме дека оваа вредност е измерена за верзијата од 100W. За верзиите од 300 и 500W тој е и повеќе од двојно поголем. Сепак мора да кажеме дека оваа карактеристика е чисто техничка и влијае значително само на импулсниот одзив. Впрочем засилувачите со лампи обично имаат дампинг фактор помал од 30, па и покрај тоа се најценети.
6. Што се однесува до сомневањата дека има грешки во шемата или плочката со печатеното коло, мораме по којзнае кој пат да одговориме дека таквата можност е многу мала. Една од основните задачи што издавачот и редакцијата си ја имаат поставено пред себе е во објавените проекти и написи да нема грешки т.е. да ги има што помалку. Затоа пред да се објави, правило е, секој проект да биде практично изработен и проверен, а компјутерски обработениот напис да помине низ најмалку две контроли и корекции. Со ваков начин на работа, верувам ќе се сложите, веројатноста да има некоја суштинска грешка е навистина многу мала. Досегашните броеви ова го потврдуваат - грешките се толку ретки (а уште поретки оние суштинските) со што не можат да се пофалат ни светски познатите списанија за електроника. Затоа имајте малку поголема доверба во ЕМИТЕР.
На крај конкретно за овој засилувач можеме да го кажеме и тоа дека ни е познат од поодамна и сме го изработувале во повеќе наврати, а пред да се најде на страниците на ЕМИТЕР целиот напис помина низ дури три контроли и корекции.
Коста Карпузовски и Слободан Таневски