Почитувана редакцијо на Емитер, курсот по кој сте тргнале е добар и само продолжете!
Немам многу големи познавања од електрониката но сепак се решив да направам стерео засилувач според проектот објавен во Емитер 1/98, со моќност од 60+60W. Во врска со тој проект имам неколку забелешки до конструкторот.
1. ППК сте ја изработиле да одговара на хептаватно кушиште т.е. разладно тело. Кажете ми ве молам во Македонија каде да најдам хаптаватно куќиште? Значи морам да употребам поинакви ладилници. Но ако земете во обзир дека од интегралното коло TDA 2052 до кондензаторите C7-C8 има точно 2cm, а ладилниците за 60W оптоварување се големи кажете ми каде да ги ставам? Нели ќе беше подобро интегралните кола да ги ставевте на краевите од плочката па ќе можеше да се употребат ладилници со разни форми и големини? Затоа ги предлагам следните решенија:
а) Кондензаторите C7 и C8 поставете ги од бакарната страна на плочката со што добивате простор за ладилниците
б) Кондензаторите C7 и C8 поставете ги на посебна плочка и со соодветни водови поврзете ги со матичната плочка.
2. Ваши читетели се и аматери-почетници-електроничари! На шемата имате 2 изводи STBY-L, STBY-R. Каде и со што да ги поврзам, и за што служат при секојдневната употреба на засилувачот.
3. Како изгледа шемата на нестабилизиран исправувач?
Милан Костов од Скопје

Ви благодарам за поддршката што ни ја давате.
Самиот наслов на проектот за кој зборувате кажува дека се работи за ултракомпактен стерео засилувач со голема моќност. Тоа значи дека при проектирањето на ППК вниманието било најмногу насочено кон намалување на димензиите на засилувачот. Затоа не ги разбирам вашите забелешки во однос на тесниот простор околу елементите.
Хептаватното куќиште не треба посебно да го набавувате бидејќи тоа е куќиштето на самото интегрирано коло. Што се однесува до набавката на ладилните тела, многу ми е жал што не можам да ви помогнам - со проблеми од таква природа редовно се сретнуваме и ние во редакцијата.
Со забелешката дека постојат и други решенија за плочката со печатено коло, се согласувам во целост и верувам дека никогаш не сте прочитале, барем не во нашето списание, дека решението за ППК кое го нудиме е единственото можно. Секој може да си проектира сопствено решение за ППК ако објавеното решение поради некои причини не му одговара. Предлозите кои ги давате за местоположбата на кондензаторите C8 и C9 се доста корисни за сите читатели што не можат да ги набават прикажаните ладилници бидејќи на овој начин може да се ослободи простор за друг тип на ладилни тела. Во таа насока еве уште еден предлог - пресечете ја плочката на половина, со два реза покрај интегрираните кола IC1 и IC2 па така ќе ги добиете интегрираните кола на крајот од тие плочки. Со вака обработената ППК интегрираните кола може да ги монтирате на големо ладилно тело, но не заборавајте да ги изолирате од истото. Ожичувањето изведете го од соодветните водови на пресечениот крај од двата дела на ППК. Кондензаторите C7 и C8 можете да ги монтирате на средниот дел од плочката што ќе ви остане по сечењето, а потоа ожичете ги со двата излезни засилувачи со проводници со поголем напречен пресек. На овој начин може да употребите поширока лепеза на ладилни тела.
Улогата на влезовите M/STBY-L и M/STBY-R како што е кажано во текстот го одредуваат начинот на работа на засилувачот. Кога на нив ќе се доведе напон еднаков на негативниот напон за напојување излезниот степен е исклучен (stand by mode) и нема излезен сигнал во звучниците. Доколку напонот на овие влезови е во границите од –Uss+1,8V до –Uss+2,5V засилувачот е во мод кога како свој влез го користи изводот 5 на интегрираните излезни засилувачи. Бидејќи овој извод е споен на маса преку кондензаторско-отпорничката паралелна врска C5/R5 и C6/R6, кај другиот засилувач, на излезот повторно нема сигнал. Ова е т.н. mute mode во кој засилувачот е во активна состојба но е "замолкнат". Кога напонот на овие влезови ќе се покачи над –Uss+2,7V засилувачот почнува да работи нормално и ги засилува сигналите од влезот. Овие влезови се користат кога сакате да направите заштита на излезот без употреба на релеи, со одредена дигитална контрола на работата на засилувачот. При употреба на засилувачот во домашни услови овие влезови можете да ги приклучите како што е прикажано на сликата. На истата слика е прикажана и шемата на нестабилизиран исправувач за спомнатиот засилувач.
Коста Карпузовски