Почитувана редакцијо,
Ви посакувам среќна нова 1999 година, многу успех во работата и остварување на сите ваши желби и планови.
Повод за ова мое прво писмо е моето незадоволство од вашиот ЕМИТЕР. Читател сум точно една година. Во првите броеви имаше многу интересни проекти: дигитален термометар, регулатор на напон, светлосен прекинувач и други. Од бројот 7-8/98 па наваму немате објавено некој добар проект - сите тие проекти за некои засилувачи, миксети, метрономи, логички сонди, милиомметри, за мене се неинтересни. Милиомметарот, на пример, е неинтересен бидејќи кај нас во Битола ретко има отпорници помали од 1Ω, кои ќе можат да се испитуваат со овој инструмент, а дисторзијата за гитара е непотребна бидејќи ретко кој од читателите на ЕМИТЕР, според мене, се занимава со музика. Јас повеќе сум наклонет кон забавната електроника и имам изработено многу проекти од списанието "SAM" и од книгата "Радиотехника и електроника" од Светислав Шилер (на пример - електронски рулет, канаринец и сл.) Секој број на ЕМИТЕР го очекував со нетрпение со надеж дека ќе има некој интересен проект или напис, но последниве неколку броеви сè повеќе се разочарувам од сите содржини. Од овие причини некои мои другари веќе се откажале од ЕМИТЕР, но јас сè уште се надевам дека ќе ги промените содржините барем делумно. Толку многу сакам да изработувам проекти што понекогаш останувам цел ден на работната маса. Но веќе неколку месеци немам изработено ништо - прво поради тоа што објавените проекти не се од мојот домен, а второ што кај нас нема толку специфични делови, па морам да ги порачувам од поединци или од фирми од Скопје. Понекогаш порачаните делови не ми стигнуваат, како на пример плочката за термометарот што ја порачав од ЕМИТЕР во февруари 1998 г. Еве, во овој број (12/98) имате објавено шема за електронски тропкач, кој за мене е интересен, но повторно имам проблем со набавка на компонентите - калемот од 10µH и звучникот од 45Ω ги нема во цела Битола, а прашав и во некои фирми што се рекламираат во списанието. Така и овој уред нема да можам да го изработам.
За крај: можеби претерав со моите жалби и барања, но морав да го напишам ова писмо, кое го планирав уште пред два месеци со надеж дека нешто ќе се смени.
Поздрави од Љупчо Талевски од Битола
Благодарам за честитките. Примете ги и Вие нашите желби за успех и среќа во новата 1999 година.
Жалам што главна причина за ова писмо е Вашето незадоволство од ЕМИТЕР, меѓутоа морам да констатирам дека Вашето незадоволство главно се должи на тоа што премногу субјективно гледате на содржините на ЕМИТЕР.
Јасно ми е дека секој читател очекува во списанието да го има само она што најмногу го интересира, меѓутоа секој мора да сфати дека тоа е невозможно. Не затоа што ние не сакаме или не го слушаме гласот на читателите туку, баш напротив, затоа што треба да ги задоволиме интересите на различни групи читатели. А интересите на читателите ни се многу добро познати - ги дознаваме преку писмата што ги добиваме, преку анкетата што ја спроведовме летоска и чии резултати ги објавивме во бројот 10/98, а во последно време и преку порачките на плочките со печатено коло за објавените проекти и апликации. И без некоја посебна анализа јасно е дека интересите и желбите се различни, на моменти и спротивни - некои најмногу сакаат аудио техника, некои забавна електроника, некои дигитална, некои комуникациона техника, некои не ги интересира електрониката од практичен аспект туку само од кориснички (Hi-Fi и видео техника), некои ни забележуваат дека имаме многу малку за најновите ИК и технологии, некои пак обратно бараат поедноставни проекти со одамна познати елементи, некои сакаат... Набројувањево може да продолжи во недоглед, но сметам дека е доволно и ова за да сфатите дека е невозможно да бидат целосно задоволени сите барања и очекувања па макар ЕМИТЕР да има и 100 страници. Ние се трудиме, а верувам во голема мера и успеваме во тоа, во ЕМИТЕР да има написи од сите рубрики и области и тоа од почетничко до професионално ниво, се разбира пропорционално на интересот на читателите, но и на соработниците и спонзорите. Затоа нереално е да очекувате ЕМИТЕР (или кое било друго списание) да го содржи само она што Вас Ве интересира во овој момент. Впрочем интересот за одредена област е променлива категорија - ако продолжите да се занимавате со електроника сигурно е дека многу од оние написи што денес ги сметате за тотално неинтересни и непотребни ќе Ви станат интересни и потребни. Како и да е ќе се потрудиме во секој од следните броеви да има по некој едноставен проект или апликација (пред сè од забавната електроника) кој ќе биде интересен и лесен за изработка за секој почетник.
Што се однесува до проблемите со набавка на некои елементи за објавените проекти и апликации можам да го кажам следното. Во ЕМИТЕР посебно внимание посветуваме на тоа да објавуваме проекти и апликации со елементи кои се достапни на нашиот пазар. Впрочем, покрај ниската цена, тоа можеби е главната предност на ЕМИТЕР во споредба со сличните странски списанија. Меѓутоа наша задача е и следење на развојот на електрониката во светот и поттикнување на таков развој и во Македонија. Затоа мораме да објавуваме и шеми со понови ИК и други делови кои во овој момент во Македонија се потешко достапни. За тоа да не биде така, ние инсистираме кај македонските трговци со електронски материјали да ги набавуваат и тие елементи. Во последниве неколку години ситуацијата во таа насока е многу подобрена, за што сигурно голема заслуга има и ЕМИТЕР. Впрочем објавените проекти и апликации и интересот на читателите за нивна градба е тој што треба да ги натера и ги тера трговците со електронски материјали да го прошират својот асортиман.
Инаку калемот за тропкачот од Е12/98 го има во неколку продавници во Скопје, а него можете и самите да го изработите според формулите и упатствата објавени во текстот "Почетен курс по практична електроника - седми дел" во Е7-8/98. Исто така и калемот и звучничето можете да ги извадите од некој стар џепен транзисторски радио приемник, а нивната вредност воопшто не е критична - може да биде дури и два пати поголема или помала.
Плочката за термометарот која не сте ја добиле сигурно не сте ја порачале од ЕМИТЕР бидејќи во тоа време (февруари '98) ЕМИТЕР не продаваше ППК - таа услуга почнавме да ја нудиме дури во јуни '98. Нарачаните плочки од нашиот ППК сервис ги испраќаме веднаш (или најдоцна во рок од 3 дена) така што читателите од кој било дел на Македонија би требало да ги добијат најдоцна за 7 дена. Единствено може да доцни испораката на плочки што во тој момент ги немаме и чекаме испорака на нова количина од производителот.
За крај срдечно Ве поздравувам и Ви посакувам уште многу успешни конструкции.
Слободан Таневски
Почитувана редакцијо,
Дозволете најпрвин да Ви ги честитам новогодишните празници и да Ви посакам успех во оваа година. Јас сум голем љубител на аудио техниката, особено на акустиката, т.е. на звучниците. Би ја искористил оваа прилика да му се заблагодарам на г-динот Филевски за неговиот благ и воздржан коментар во рубриката "Операциона Сала" во врска со моите звучници, бидејќи очекував дека ќе пројдам многу полошо. Исто така, се заблагодарувам на мојот другар Илчо за неговата несебична помош, а и на неговиот татко Станко, кој ми ја всади љубовта кон електрониката.
Мојата молба и желба е, ако сте во можност, да извршите комплетни мерења на звучници кои имаат THX лиценца, со еден текстуален дел во кој би било објаснето кои услови би требало да ги исполнат, за да добијат THX лиценца.
За крај: списанието е одлично, не е скапо и – само напред!
Со почит,
Александар Љушиќ
од Прилеп
Од мое име и од името на редакцијата Ви се заблагодарувам на убавите зборови. Пријатно е да се чујат пофални зборови за сите оние кои придонеле за задоволството од Вашето хоби.
Во некој од наредните броеви сигурно ќе биде извршено тестирање на некои THX звучници, заедно со поопширни објаснувања. За сега, можам да Ви одговорам дека не е некој голем проблем да се конструираат звучници кои би добиле THX лиценца. Проблемот е, нормално, во парите – секој уред кој конкурира за THX лиценца мора да се тестира во лабораториите на Lucas Film Ltd., а тоа чини пари, се разбира. Истакнувањето на стекнатото лого "THX" повторно се плаќа. Заради тоа, голем дел од уредите кои се со одличен квалитет (сè уште) немаат побарано THX лиценца. Од друга страна, сосема просечни звучници имаат добиено THX лиценца. Пред некое време ги измерив бас-звучниците од THX сабвуферот Jamo Sub One и воопшто не сум воодушевен од резултатите.
Владимир Филевски