Здраво до уредниците на списанието "Емитер".
Ме интересира кој PWM контролер (контрола за транзисторски прекинувач) би ми го препорачале за конструкција на DC-DC конвертор од типот на BUCK или BOOST конвертор.
Значи, сакам да конструирам STEP-DOWN или STEP-UP DC-DC конвертор, но главен проблем ми е што не знам кој тип на контролер да го искористам.
Да биде појасно, потребно ми е PWM контролерот да има слични карактеристики и внатрешни функции како LM3524. Најдов опција од типот на TL494 ама, пред да почнам со реализација на проектот, би сакал да разгледам и некои други PWM контролери со цел да видам кои карактеристики ги поседуваат. Па, доколку знаете некои предлози за PWM контролери кои, според некое ваше искуство, лесно би можеле да се најдат во нашиве продавници и кои се карактеризираат со добри функции и карактеристики, би ви бил благодарен да ми ги предложите.
Поздрав.
Боро Огњанов преку е-пошта
Колку што разбрав од вашето писмо вие сакате да дизајнирате конвертор со BUCK или BOOST топологија и проблемот е во изборот на PWM контролерот. Сите PWM контролери ги имаат истите функции: засилувач на грешка, PWM модулатор и драјвери за прекинувачкиот/те елемент/и (MOSFET или биполарен транзистор). Тоа значи дека конверторот може да се реализира и со LM3524 и со TL494. TL494 е често користено коло и го користат PC напојувањата кои се реализирани како полумостни -forward конвертори кои се поткласа на класата BUCK конвертори.
Првиот чекор кај дизајнот на прекинувачките конвертори е избор на работна фреквенција и дизајнирање на филтерскиот дел на конверторот, потоа следува избор на PWM контролер и "DC пресметка" на пасивните елементи кои го опкружуваат PWM модулаторот, поточно засилувачот на грешка. До тука сеедно е кој контролер ќе го употребиме. Следува последниот и најчесто најпроблематичен дел од работата: компензација на засилувачот на грешка или "AC пресметката".
За оние читатели кои не знаат, целиот конвертор работи како јамка за автоматска регулација на напонот. Во таа јамка се наоѓа НФ-филтерот од втор ред кој на неговата гранична фреквенција внесува фазно задоцнување од 90 степени, а после оваа фреквенција ова задоцнување брзо асимптотски се приближува кон 180 степени. Засилувачот на грешка со соодветните пасивни елементи внесува дополнително фазно задоцнување. Ако сигналот по засилувачот на грешка се приближи до вредноста 180 степени, тогаш на таа фреквенција системот е нестабилен и осцилира. Затоа засилувачот на грешка се реализира со добро пресметани пасивни елементи поврзани по некоја од шемите за AC компензацијата за вкупното фазно задоцнување да биде барем 40 степени оддалечено од опасните 180.
Засилувачот на грешка кај TL494 има влез на неинвертираниот влез, додека засилувачот на грешка на LM3524 има влез на инвертирачкиот влез, тоа значи дека компензацијата кај двата PWM контролера ќе биде сосема различна. На пример, 230Vac/80Vdc half bridge forward конвертор не може да се реализира со TL494 од причина што никако не може да се постигне AC компензација кај засилувач на грешка со неинвертирачки влез. Некогаш иако компензацијата е добро пресметана експерименталните резултати се лоши. Не е проблем кога овој конвертор напојува некој потрошувач како полнач на батерии, мотор или слично, но кога напојува некој аудиоуред резултатите се лоши. Затоа аудиофилите, многу, многу и не ги сакаат прекинувачките напојувања како извор на моќност за нивните засилувачи.
Значи, мој совет е, обидете се да го дизајнирате конверторот и со двата PWM контролери во целост, потоа моделите да ги испитате со некоја програма за математичка анализа на системи за автоматска регулација. Мислам дека MATHLAB може такво нешто, но не сум сигурен бидејќи не ја користам апликацијата. Програмата ќе потврди дали теоретски системот е навистина стабилен. Да ве потсетам, при реализација на BUCK конвертор ќе треба да го познавате и ESR на електролитскиот кондензатор во филтерот, како и омската отпорност на пригушницата. Ако програмата потврди стабилност на системот, тогаш прејдете на изработка на конверторот а неговота работа ќе ви покаже дали сте биле во право.
И за крај, за разлика од обичните напојувања со мрежен трансформатор, прекинувачките напојувања бараат многу познавање од повеќе области. Тоа е голем залак и за тешки професионалци. На пример, само изработката на филтерската пригушница сама за себе е посебен проблем. За тоа може да се напишат 3-4 страници текст во ЕМИТЕР. Јас не знам колку сте искусен во изработката на прекинувачки конвертори, но ако не сте многу, тогаш најдобро е да пронајдете готов проект со многу детали кој ќе одговара на вашите барања.
Кирил Крстевски
LM3524 претставува класично и сè уште ненадминато решение старо повеќе од 30 години. Нема потреба да барате нешто слично на него, бидејќи секое друго слично ИК од областа на PWM (импулсно ширинска модулација) ќе биде поскапо! TL494 е поново решение кое многу е застапено во PWM регулатори и затоа тоа е исто така многу евтино. Но, TL494 има помалку опции од LM3524.
Инаку, интегрирани PWM регулатори има многу и секој од поголемите играчи на полето на производството на полуспроводници има повеќе генерации свои PWM регулатори. Но, едни се LM3524 на National Semiconductors и TL494 на Texas Instruments. Слободно може да се каже дека, тоа што LM741 претставува за линеарната електроника, LM3524 е за електрониката со мешан сигнал (Mixed Signal Electronics).
Емилијан Иљоски
Здраво Емитер.
Го имам направено компјутерски управуваното light show од ЕМИТЕР 12/2008. Вчера купив нов компјутер и на тој компјутер нема LPT порта, па сега ме интересира дали можам некако на друг начин да го приклучам тоа ligh show, односно дали можам некако со USB to LPT connector или, пак, нешто слично? Дајте ми некој предлог.
Ви благодарам однапред,
Оливер од Скопје
Лајт -шоу уредот објавен во ЕМИТЕР 12/2008 е предвиден да работи со LPT (паралелната порта) на компјутерот која инаку традиционално е порта на која се поврзува печатачот. Кај лаптоп компјутерите оваа порта одамна е исфрлена со оглед на димензиите на LPT конекторот. Во последно време таа се избегнува и кај десктоп компјутерите, а USB интерфејсот станува неизбежен стандард. Во продажба постојат USB/LPT конвертори преку кои може печатач со паралелна порта да се поврзе со компјутерот преку USB кабел. За жал, лајт-шоуто објавено во ЕМИТЕР 12/2008 не работи со ваков конвертор туку само со "жива" LPT порта. Но, сепак, можеби ќе може да го решите проблемот доколку побарате во продавниците за компјутерска опрема PCI картичка – модул кој има паралелна порта на себе или пак комбинација од сериски и паралелна порта.
Кирил Крстевски
Во продавниците за електронска опрема, има конвертери USB-LPT. Набавете некој од нив со понова верзија на хардвер и софтвер, бидејќи постарите типови нема да функционираат.
Добре Блажевски
Здраво,
Еден мој пријател ме замоли да му изработам еден ваш проект објавен во ЕМИТЕР 6/2002 година. Тој исконтактирал со редакцијата на Емитер, го набавил списанието и ППК плочката. Се работи за домашниот Буба аларм објавен во тој број. Читајќи ја статијата дојдов до неколку нејаснотии што се надевам дека ќе може да ми ги разјасните.
1. Прво, забележав дека примерот за меморирање на телефонскиот број во самата статија е со 6 цифри, па како прво прашање би сакал да знам дали уредот може да запамети 9-цифрен број, на пример, мобилен број?
2. Во описот на работата стои дека ако уредот се активира со Pr2, тој циклично ја почнува постапката на бирање на зададениот број, сè додека не се исклучи од напојување. Дали уредот ќе ја извршува функцијата и доколку Pr2 после активирањето на некој начин се деактивира? На пример, механички прекинувач поставен на врата, ја отвораме вратата, тој се активира, потоа ја затвораме и тој се деактивира...
3. Каде може да се најде во продажба трафо со соодветните карактеристики, евентуално дали може да се искористи некое трафо од некој стар уред и како да му ја измерам импедансата дали е точно 600 оми или тоа некаде е означено?
4. Geocities веќе не функционира и програмот за PIC-от веќе не може да се симне од таму, па дали може да го добијам на некој начин?
Однапред ви благодарам на вашето одвоено време за моите прашања.
Со почит,
Зоран Кочоски
1. Направена е подобрена верзија на софтверот за микроконтролерот што работи и со 9 цифри, т.е. дава можност да се избере мобилен телефон.
2. Функционира така како што е наведено во текстот, значи додека не се исклучи напојувањето, независно од подоцнежното деактивирање на спомнатиот прекинувач.
3. Можете да употребите трансформаторче од некој стар транзисторски радио приемник (ќе заврши работа со мало експериментирање).
4. Софтверот ќе го добиете од редакцијата преку е-пошта, а кога на веб-сајтот на ЕМИТЕР - www.emiter.com.mk ќе бидат внесени и содржините од тој број ќе може директно да се симнува од таму.
Добре Блажевски
Здраво Емитерци!
Ве следам доста одамна од далечната '97 година, со сите ваши електронски проекти во чекор со времето. Би сакал да дадам еден предлог, доколку е можно, на вашите страници да се најде некој проект од поранешната електронска техника. Техника која е малку заборавена - електронските ламби: дупли и единечни диоди, триоди, тетроди, пентоди и други елементи врзани за оваа техника.
Доволен би бил само еден проект за изградба на засилувач, дури и моно би било доволно за да се објасни принципот на работа и поврзување на истите, чисто да ги потсетиме нашите електроничари за оваа техника која, иако мислиме дека е заборавена, сè повеке зема замав и мода. Истата е следена и барана на интернет порталите во светски рамки. Доколку ви е изговор дека такви компоненти нема, лесно тоа се побива бидејки електроничари од Европа па и Америка пронаоѓаат лампи од бившиот Советски Сојуз - Русија а едни од најценетите и најбарани се и лампите од ЕИ Ниш кои ни се први комшии.
Размислете и ако ништо друго чекам ваш одговор, како читател кој едвај чека да го добие вашиот следен број. ЧАО Емитер!
П.С.: Поголема ламба - поголема моќ.
Слободан Тодоровски преку е-маил.
За жал, во ЕИ Ниш се исцрпени залихите на електронски ламби, бидејќи истите веќе не ги произведува повеќе од 15 години. А и тогаш кога ги произведуваше, не беа многу ценети поради нискиот квалитет. Имено, во 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, Siemens имаше инсталирано тест-пункт во ЕИ Ниш и ги селектираше произведените ламби. Најдобрите примероци одеа како нивен производ, останатите како производ на ЕИ Ниш. Слична судбина доживеа и унгарската Tungsram која стана споственост на General Electric. Руската фабрика "Светлана", исто така, престана со производство на аудиоламби во 1997 г. Кинезите, кои последни се откажаа од производство на електронски ламби за аудиоапликации, никогаш не ни имале некаков квалитет. Во светот останаа само неколку многу мали производители на аудиоламби и тие не можат да ги задоволат побарувањата на аудиоентузијастите.
Така, ламбите на светскиот пазар достигнуваат неверојатни цени! Една ECC83 на RFT (производител од бивша Источна Германија) која на времето ја фрлавме како шкарт сега се продава на интернет за 7 - 10 евра, додека истата ламба на RCA (12AX7) достигнува цени и до 50 евра! Слично е и со ламбите на реномираните производители, какви што беа: General Electric, Valvo, Siemens или Telefunken. Во тој контекст, морам да кажам дека купувањето на електронски ламби на интернет мора да се изврши со крајна претпазливост, бидејќи постојат многу фалсификати, односно ламби со "препечатени" ознаки.
Друга битна инстанција е тоа што, ако се прави засилувач со ламби, тој не треба да биде каков било. Засилувач со ламби од ниска класа ќе даде ист ако не и полош звук од евтините интегрирани засилувачи од 2 до 3 па и 5 евра а ќе чини 50, па и 100 пати повеќе! Навистина, нема никаква потреба да се изработи некоја евтина варијанта со две EL84 лампи во push-pull конфигурција - за таква варијанта ќе треба да издвоиме значителна сума и ќе имаме впечаток дека беспотребно сме ги "фрлиле" парите.
За да се изработи некое конзистентно решение, односно решение кое "држи вода", тоа треба да биде во А-класа и тоа во “single ended” варијанта – решение со само една излезна лампа на моќност. Овие ламби, обично триоди, поретко тетроди се многу скапи и редовно достигнуваат вредност од сто и повеќе евра. Тука првенствено се истакнуваат решенијата со триодата 300B на Western Electric (околу 250 евра/парче). Во ваква конфигурација тешко се добиваат моќности поголеми 12 – 15 W што дополнително ја поскапува инвестицијата: ќе ви требаат ефикасни звучни кутии (90 па и повеќе dB со 1W на 1m) кои се многу скапи ако се доволно квлитетни да се почуствува "надмоќта" на ваков засилувач.
Пред две години за последен пат сум напрвил пресметка за чинењето на електронските компоненти за еден таков “single ended” засилувач со моќност од 2x10W и таа тогаш изнесуваше околу 400 евра. На оваа сума треба да се додаде и вредноста на механичките компоненти (кутија, украсни копчиња, гравирање и сл.), кои, за достојно да ги репрезентираат оние 400 евра, треба да се барем од редот на стотина евра. Севкупно, значи околу 500 евра! Сега веќе не ни помислувам да направам нова пресметка, бидејќи со сегашните цени таа може многу лесно да достигне и двојна вредност!
Емилијан Иљоски
Еден од проектите што одамна го ветив, а сè уште не го исполнив, е засилувач со електронски цевки. Главниот проблем не е во наоѓањето делови - нив ги има, но по висока цена. Најважниот проблем е излезниот трансформатор - тој мора да биде квалитетен (од него многу зависи звукот), а тоа значи висока цена. Дури и да се најде некој по прифатлива цена, трошоците за транспорт се многу големи (трафото е многу тешко!) Електронски цевки полесно се наоѓаат, но треба многу да се внимава и на нивниот квалитет. Многу често може да се чуе или прочита дека ламбите од ЕИ-Ниш се одлични. Но, тоа не е баш така. Навистина добрите и селектирани промероци на ламбите од ЕИ-Ниш се одлични, но на пазарот во поранешна Југославија можеше да се најдат само оние примероци кои отпаднале од селекцијата. Јас лично сум се уверил во тоа, мерејќи голем број на такви електронски цевки. Накусо, можно е да најдете одлични нишки ламби, но многу поверојатно е дека ќе ги ги добиете полошите примероци. На крај, за жал, фабриката во Ниш одамна не работи - на пазарот можат да се најдат само некои резерви од нивните ламби.
Владимир Филевски