Ги прочитав текстовите за 50W Hi-Fi засилувач (ЕМИТЕР - март 2002) и Стерео tone-volume контрола со ТDA1524A (ЕМИТЕР - септември 2002). Сакам да знам дали може овие два уреда да се изработат во заедничка кутија и како и како да се изведе напојувањето (едно напојување за двата уреда)? Ако може и пратете ми една слика како да се поврзе сè во кутијата (како сликата 7 во текстот за 50W Hi-Fi засилувач)? Колку би ме чинело (отприлика) сево ова да го изработам? Ве молам, нека биде попросто објаснето бидејќи не сум искусен, сè уште навлегувам во електрониката.
Однапред благодарам.
Никола Николовски, преку e-mail

Одговорот е да, и двата уреда можете да ги сместите во една заедничка кутија.
За напојување на тон-контролите препорачувам да се користи посебен мрежен трансформатор од 1,5VA и напон на секундар од 12V. Во овој случај, меѓусебното поврзување на двата уреда за моно/стерео верзија е многу едноставно и се сведува на поврзување на излезот (излезите) од тон контролата со влезот на засилувачот (засилувачите) со помош на обичен, несиметричен оклопен кабел.
Пред да го сторите ова, препорачувам и двата уреда да ги изработите и тестирате независно еден од друг на начин објаснет во пропратниот текст за секој од нив. Дури откако ќе се уверите дека сè е во најдобар ред, можете да преминете кон нивно меѓусебно поврзување.
Цената на елементите не ми е позната, па затоа најдобро е да се обратите до некоја од подобро снабдените продавници за електронски компоненти. Да ја искористам оваа прилика и да кажам дека во проектот “50W Hi-Fi засилувач" на Слика 7 електролитските кондензатори C1 и C2 се нацртани далеку од двете плочки чисто заради поголема прегледност. Во еден реален случај, овие кондензатори заедно со насочувачот B1 треба да бидат поставени што е можно поблиску до плочките.
Дејан Трпески


Почитувана Редакцијо,
Вашето списание секој месец го купувам и можам да кажам дека е одлично. Би ве замолил ако може да објавите шема на засилувач кој ќе биде до 20W, ќе работи на адаптер од 9V и нема да биде со интегрални кола или со транзистори. Јас мислам дека може, затоа што имам компјутер со звучници 2x10W (20W) и кога го отворив звучникот во кој има засилувач од 20W мислев ќе има транзистори, интегрирани кола итн., ама внатре имаше само 4 диоди, 10 кондензатори, 5 отпорници и еден тримерски отпорник.
Вашиот читател Миле Гогов.

Невозможно е да се изгради засилувач кој ќе содржи само т.н. пасивни елементи (отпорници, кондензатори, диоди...), туку секогаш во неговата конструкција мора да има и некој активен елемент: лампи, транзистори или интегрирани кола. Второто нелогично барање во вашето писмо е моќноста од 20W да се добие со напојување од 9V адаптер. Со толкав напон може да се постигне моќност од најмногу 2,5 W, а ако се употреби засилувач во мостна врска тогаш со тој напон може да се постигне моќност од најмногу 10 W, но при тоа потрошувачката на струја ќе биде 3 A, а толкава струја популарниот адаптер не може да даде.
Претпоставувам дека ваквото ваше барање настанало како резултат на она што сте го виделе во кутијата од компјутерските звучници бидејќи производителите за да ги залажат купувачите ја наведуваат максималната моќност што ја троши засилувачот во краток импулс (со траење од 1 или 10 милисекунди). Таа моќност се нарекува Peak Music Power Output (PMPO) и обично е за повеќе од 10 пати поголема од синусната (вистинската) моќност на засилувачот. Тоа значи дека засилувачот во вашите компјутерски звучници нема моќност поголема од 2W, а најверојатно е дека синусна моќност му е помала дури и од 1W.
Што да се каже на крај - едноставно читајте ЕМИТЕР и со тек на времето ќе дознаете многу тајни на науката и техниката :-).
Слободан Таневски


Прво голем поздрав до редакцијата на Емитер и до сите соработници кои учествуваат во ова State of the Art списание за секој почетник, а богами и секој професионалец! Списанието ви е одлично од секогаш, така што не обрнувајте многу внимание на некои себични и некреативни читатели кои во списаниево сакаат 100 страни електроника и само електроника, не сакајќи да ги дознаат и другите исто толку интересни области. Списанието е добро конципирано, но сакам да предложам некои мои идеи. Како прво, зошто да не биде застапена музиката – иако не е наука, но од неа живееме поубаво. Компјутерската техника треба да биде повеќе застапена, и тоа со проекти: RS 232 контролери, осцилоскопи, софтвер за звучни кутии и сл. Понатаму, продолжете со темата градежништво-акустика. Продолжете и понатаму со големиот елан и креативност, и знајте дека многу поколенија на техничари ви се должни Вам за нивното знаење.
Јас сум голем заљубеник во аудиотехниката, и како секој вљубеник во музиката сакам да сушнам повеќе од неа, па решив сам да изградам звучници со Focal компоненти (проектот од минатиот број на Емитер). Сакам да ве прашам како да ги нарачам драјверите од KORATO и дали при внесувањето во Македонија треба да платам царина и други давачки.
Однапред благодарам,
Александар Цаневски, via e-mail

Ви благодариме на топлите зборови на поддршка. Во план ни е да го зголемиме бројот на страници посветен на компјутерската техника, вклучувајќи и некои интересни проекти.
За нарачката на драјверите Focal распрашајте се директно во KORATO преку телефон, факс, писмо или e-mail (сè е објавено во минатиот број). Ако Ви ги испорачаат компонентите по пошта, задолжително се плаќаат разни царински давачки – за точните износи распрашајте се во нашата Царинска служба. Најевтино решение е да замолите некој кој ќе оди во Србија да ви ги купи и донесе компонентите. Конкретните Focal драјвери за проектот беа подигнати во Ниш, по претходен договор со KORATO.
Владимир Филевески


Здраво,
Имам прашање за DC/AC претворувачот од ЕМИТЕР 10/98: немате објавено какви видови на ладилници треба да се искористи за излезните транзистори (2N 3055). Исто така, се интересирам за самоградба на торусен трансформатор. Ке ве молам да ми ги објавите формулите за пресметка на намотките и дебелината на калемите, како и определувањето на големината на јадрото и начинот за негова самоизградба.
Ви благодарам однапред.
Драган Симовски, преку e-mail

Ладилникот за DC/AC претворувачот од ЕМИТЕР 10/98 за верзијата од 100W треба да биде со температурна отпорност помала од 1 K/W (или уште подобро < 0,5 K/W), а за верзијата од 200W потребен е ладилник со Rth<0,5 K/W.
Проблематиката за пресметка и изработка на торусни трансформатори е доста комплексна и не е можно да биде објаснета во краток одговор - тоа е тема која треба да биде постудиозно подготвена и поопширно презентирана, па ќе се потрудиме во некој од следните броеви да објавиме еден таков напис.
Слободан Таневски