Почитувана редакцијо
Многу Ве поздравувам сите и сакам да Ви поставам некои прашања на кои очекувам да добијам задоволителен одговор!
Дали некој од вашите соработници знае дали може со интегрираните кола AN7112 и AN7133 да се изработат некои засилувачи, со колкава моќност и по можност да објавите шема за нив во некој од следните изданија
Перица Јакимов,Св. Николе

AN7112 е линеарно интегрирано коло сместено во 9 пинско SIP куќиште, кое се користи како излезен засилувач со моќност од 0,7W на 16Ω при напон на напојување од 9V. Максиманиот дозволен напон на напојување изнесува 14V, а максималната излезна струја 0,5A.
AN7133 е исто така линеарно интегрирано коло, но сместено во 23 пинско SQL куќиште, кое се користи како стерео излезен засилувач со излезна моќност од 2x5,8W на 3W при напон на напојување од 12V. Максимално дозволениот напон за напојување изнесува 24V, а максималната излезна струја 6A.
За овие интегрирани кола, освен овие податоци немаме други, па затоа не можеме да објавиме шема за нивно поврзување.
Дејан Трпески


Почитувана редакцијо,
Ја поздравувам целата редакција на ЕМИТЕР и авторот Дејан Трпески. Големи пофалби за списанието. Би сакал да ми одговорите на некои прашања:
1. Дали акустичниот прекинувач од ЕМИТЕР 1/2000 може да се употреби како прекинувач за светло - сијалица 220V/100W (што се користи за осветлување во куќите и становите) и како прекинувач за неонско осветлување. Ако постои вакво решение ве молам да прикажете на кои излези се приклучува?
2. Дали можете да објавите изглед на ППК и распоред на елементите од шемата "Активирање на некој уред по одреден број на импулси" од Е7-8/2000?
3. Дали во некој од наредните броеви можете да објавите некоја поедноставна шема за за дигитален или аналоген индуктивитет метар?
Добро би било во списанието да вметнете повеќе проекти од областа на електрониката, и некои страници на интернет за електроника и шеми.
Однапред ви благодарам,
Славчо Белчовски, Ресен

Во името на целата редакција ви се заблагодаруваме на пофалбите за списанието, а сега следат одговорите на поставените прашања:
1. Акустичкиот прекинувач може да се искористи за управување на речиси секој уред. Ова најлесно може да се постигне со примена на шемата прикажана на слика 6 од проектот. Единствено ограничување претставува дозволениот работен напон на контактите на релејот и нивната максимално дозволена струја. Како во вашиот случај и двата не се критични за управување, може да се искористи стандарден релеј со работен напон на контактите од 250V/AC и струја од 1A. Наједноставно е да се избере релеј кој се управува со еднонасочен напон од 12V, бидејќи во овој случај истиот извор може да се искористи за напојување и на главното управувачко коло од акустичкиот прекинувач (слика 1).
2. На вашето барање за цртеж за ППК на склопот за активирање на некој уред по одреден број на импулси од ЕМИТЕР 7-8/2000, не можеме да одговориме позитивно, бидејќи таквиот цртеж го немаме, а ако го имавме ќе го објавевме уште тогаш, во споменатиот напис.
3. Во план ни е и ќе се потрудиме да објавиме проект за самоградба на мерачи на индуктивност и капацитивност.
Дејан Трпески


Гледајќи ги последниве две изданија на ЕМИТЕР, барем толку ги имам забележано и купено во Радовиш, забележав многу непотребни написи како што се: "Монтажа и позиционирање на сателитска антена", Автомобилска техника ("Тест:Мицубиши Каризма / "Honda CR-V"), Моделарство и макетарство, Столарство. Тие се само така колку да ги пополнат белите листови на кои е тоа испечатено, зошто тие да не бидат испечатени со теми од хардверот и софтверот. Пример да земеме теми од роботиката како: контрола на Серво моторчиња, PIC контролери, ТВ-АУДИО предаватели/приматели, радио контрола на роботи, инфрацрвена контрола или инфрацрвено пренесување/примање на податоци-информации, ласерско пренесување/примање на податоци-информации, H-bridge-ови за подвижност на роботи, само-ориентација на робот во простор, и др..... и софтверскиот дел: како тоа сето да се програмира, контролира и обработува од страна на компјутеп. Инаку за горе наведените теми, за кои јас сметам дека се непотребни, има други списанија.
Ратко Караманов, Радовиш

Написите и рубриките кои вие ги сметате за непотребни, многумина други читатели ги сметаат за потребни и интересни, па затоа тие се застапени во ЕМИТЕР. Ако навистина се непотребни, сигурно не би ги ставале за да ги пополниме белите листови, бидејќи печатењето чини многу пари. Инаку, за сите теми кои се застапени во ЕМИТЕР постојат и други списанија, но предноста на ЕМИТЕР е тоа што во него сите тие теми ќе ги најдете на едно место, на македонски јазик и по цена која е неколку пати пониска од цената на само едно странско списание.
Што се однесува до темите кои ги предлагате, ќе се потрудиме и тие теми да ги застапиме во следните броеви. Со оглед на специфичноста на темата "Роботика", не би можел да ветам кога и во кој обем, бидејќи во овој момент ниту еден од нашите соработници не се занимава со тоа, а не сум убеден дека брзо ќе најдеме некој нов кој е стручен во таа област и спремен своето знаење да го изложи во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски


Почитувана редакцијо,
Претплатен сум на вашето списание и немам никаква забелешка за него. Можеби би требало да има повеќе шеми за изработка на склопови со помал број на елементи прилагодени за почетници. Имам прашање до г-динот Денис Галовски во врска со проектот објавен во Е63 - ноември 2002г. "Детектор на проводници под мрежен напон". Сакам да знам дали има влијание дебелината на жицата употребена за изработка на сондата, бидејќи не е дефинирана.
Благојче Количоски, Битола

Дебелината на жицата од која е изработена сондата на уредот, нема големо влијание на работата на уредот. Важно е таа да биде добро изолирана (за да се спречи можен струен удар, доколку изолацијата на мрежниот проводник кој го проверуваме е оштетена) и да е доволно крута (во спротивно, сондата ќе се однесува како шпагета). Најдобро е да употребите жица со дебелина од 1,5 mm до 2,5mm, која може да ја извадите од кабел наменет за изведба на електрични инсталации.
Јас и другите соработници од рубриката "Електроника", правиме напори во секој број на ЕМИТЕР да има проекти прилагодени за електроничарите почетници и за читателите кои сакаат да ги направат своите први чекори во електрониката, но понекогаш другите обврски или работата на некој посложен проект нè спречуваат во тоа. Затоа продолжете да читате ЕМИТЕР и сигурно ќе пронајдете многу интересни и практични работи, а ќе научите и нешто повеќе.
Денис Галовски


Драга редакцијо,
Дали може да се направи мостна врска на аудио засилувачот од летниот двоброј ЕМИТЕР 7- 8/2002 (80W DMOS со TDA 7295) и дали ќе биде слично или исто со прикажаното во рубриката "писма" од бројот 12/2002. Дали ќе се добие 4 пати поголема моќност 80W x 4 = 360W?
Дејан Крстановски преку e-mail

Блок шемата за мостна врска на два засилувачи, објавена во рубриката "Писма" во бројот 12/2002, важи за кој било засилувач што е предвиден за звучник од 4, поврзан од излезот кон заземјувањето. Тоа значи дека важи и за засилувачот со TDA 7295, објавен во ЕМИТЕР 7-8/2002, со напомена дека треба да биде изработена неговата 4-омска верзија (напојувањето да биде максимум ±26V). Во мостната врска звучникот треба да биде 8-омски, па теоретски ќе се добие 4 пати поголема моќност, односно 360W. Сепак, во пракса не очекувајте повеќе од 160W - (два пати поголема моќност) и внимавајте на сите предупредувања дадени во одговорот на спомнатото писмо од Е12/2002. Уште една напомена - за операцискиот засилувач ќе треба да обезбедите посебно напојување од ± 15V, што лесно може да го направите со симнување на главниот напон со помош на отпорници и зенер диоди.
Слободан Таневски