Поздрав до Редакцијата и сите вработени во списанието и ви посакувам и понатамошни успеси во издавање на истото, иако јас повеќе би се радувал на класичното старо издание.
Имам една молба до вас и до вашиот соработник Благој Ќупев.
Имено, го изработив проектот "Автоматски полнач на акумулатор" од број 9-12/2000. Ја следев комплетно постапката како што е опишана во проектот, но наидов на одреден "проблем". Откако ќе ја нагодам главната струја на полнење (Ip > 3,5A) при полнење на акумулаторот со не поголема струја од 4,5 A на почеток изгледа дека сè е во ред. Но, откако ќе го прекинам полнењето, при повторно приклучување на полначот со акумулаторот, струјата не се враќа на мојата зададена вредност, туку не ја поминува границата од 3A и тримерот R2 воопшто не реагира. Тогаш R2 морам да го намалам на нула, па повторно да го зголемам на 4,5 A. При повторно приклучување тој повторно се враќа на околу 3A, иако напонот на акумулаторот е околу 12 V.
Напоменувам дека "трафото" ми е доволно јако за околу 10A и сите делови се нови. Вториот проблем ми е што транзисторот TIP 2955 толку бргу се загрева што не верувам дека така треба да биде, иако го ставив на "огромен" алуминиумски ладилник 200 x 100 mm со дебелина од 2 mm. По 1 час ладилникот буквално не се допираше и транзисторот прегоре.
Инаку, овој полнач го видов и во "САМ" од 1985 год., но објаснувањето не беше опширно како што вие го прикажавте.
Ве молам да ме упатите како да го решам проблемот за да можам да го користам полначот.
Поздрав, Тони од Скопје

За промената во концептот на ЕМИТЕР и околу "класичното" издание прочитајте го уводникот од бројот 9/2003 каде детално се објаснети причините кои доведоа до тоа.
Полначот од ЕМИТЕР 9-12/2000 досега е изработен од повеќе наши соработници и читатели и немало никакви проблеми при неговата работа или експлоатација. Во продолжение ќе се обидам да дадам кратки информации како да одредите каде може да е проблемот.
Моја претпоставка е дека не е добро нагоден P3 кој одредува кога да се активира режимот за дополнување на акумулаторот, кога е активен само P1. Обидете се повторно да го нагодите P3 и/или да поставите поголема вредност за R4 (1,5M или 2M2) за да се избегне овој проблем со повторното дополнување на акумулаторот. Во секој случај, акумултарот кој има напон од 12V нема потреба од дополнување!
Добро сте направиле што сте употребиле трансформатор со поголема струја од потребната. Но, сепак, ладилникот и не е толку "огромен". Големината на ладилникот не се мери само според неговите надворешни димензии, туку според радијаторската површина. Станува збор за вкупната површина на ладилникот. Така и ладилник со димензии од 10х5х5 сантиметри може да има поголема ефикасност од вашиот "огромен" ладилник. Мој предлог е да употребите ладилник со ребра којшто има поголема радијаторска површина од обичниот алуминиумски лим и по потреба да додадете вентилатор на ладилникот. Немојте да заборавите да поставите термопроводна паста на спојот меѓу ладилникот и транзисторот.
Друга причина за големата температура на транзисторот може да биде големата моќност која се дисипира на него. Ова доаѓа од големиот напон на C1/C2, односно големиот напон на излез од трансформаторот. Идеално би било ако на кондензаторите има напон од 18V. Доколку немате можност да го промените напонот на трансформаторот добро би било на T3 да му додадете уште еден транзистор TIP2955 паралелно. Но, треба да се внимава тие да бидат спарени. Поврзувањето оди така што се поврзуваат базите, емитерите и колекторите на транзисторите. И при тоа двата транзистори се поставуваат на ладилник. Ако не можете да најдете спарени транзистори, останува во серија на нивните емитери да се постави по еден отпорник од 0,1ом/4W. За оваа проблематика веќе е пишувано во претходните броеви на ЕМИТЕР.
Можно е да има недостаток и во некоја компонента која иако е нова може да биде со сомнителен квалитет. Може да има и појава на несакани осцилации во колото кои вие тешко би можеле да ги детектирате без осцилоскоп, и тие да предизвикуваат прегревање на излезниот транзистор, или уште нешто друго што е исклучително тешко да го детектираме преку писмо! Останува уште еднаш детално да го прегледате уредот и да проверите дали е сè во ред. Многу добро би било уредот да го погледне некој ваш познат кој има познавања од електроника, затоа што не ретко се случува грешката да ви биде пред очи а да не ја гледате, а некој друг веднаш ќе ја забележи. Ова му се случува секому па затоа потрудете се некој друг да го погледне уредот кој го имате изработено!
Инаку идејата на ЕМИТЕР не е да ви претставиме само шема од уредот со краток текст и потоа сами да се снаоѓате како да го нагодите и употребувате понатаму. Целта на проектите во ЕМИТЕР е да се претстави уред којшто е тестиран од наша страна и да добиете доволно информации за неговото функционирање, изработка и нагодување. Нивото на информациите кои ги даваме се повеќе од доволни за успешно да го изработите уредот, но и да научите нешто ново од електрониката што ќе ви користи во иднина при проектирање, изработка и поправка на слични уреди.
Благој Ќупев


Здраво! Новиот број на ЕМИТЕР е навистина добар!
Бидејќи сум студент на ЕТФ (КТИА) би сакал да прашам нешто во врска со радиолокаторот, бидејќи одамна сум навлезен во тие води па би сакал да допрашам или дополнам нешто што ми предизвикува конфузија. Како што прочитав, пишува дека тој работи на фреквенција од 88 до 108 MHz, па бидејќи и радиостаниците работат на иста фреквенција би имало конфузија или попросто кажано би се предизвикале несакани проблеми во спроведувањето на радиофреквенциите. Како резултат на тоа ако моето куче со радиолокаторот на себе се движи во близина на зграда од 40 станови и ако радиолокаторот работи на веќе постоечка фреквенција на некоја радио станица, тогаш оние електрични "импулси" кои би ги испраќал овој уред од страна на другите радио приемници би биле примени како непредвидливи звуци кои би му им ја нарушиле врската од радиото...
Затоа ви предлагам во наредниот број наместо овој едноставен радиолокатор кој е многу тешко да се следи со радиото во рака, да напишете нешто повеќе за "сложен" локатор кој работи на инфрацрвени или ултразвучни бранови кои би можеле дури да бидат и кодирани, и не би им пречеле ниту на радиоприемниците, радарските станици, метеоролошки и што уште не... А покрај тоа би имале и готов приемник на импулсот кој преку програмиран уред за лоцирање би го нашол предметот или објектот кој сакаме да го лоцираме, за неполна секунда, со што заштедуваме време и нерви, и би имале дури и точни координати, правец, брзина на движење и многу други работи кои би сакале да ги знаеме за објектот што го бараме.
Мислам дека ова е забрането (нелегално) поради тоа и не би објавиле вакво нешто, бидејќи многумина би се "запалиле" по вакви работи, но тоа ви го оставам на вас да го одредите...
Благодарам, за секој предлог или сугестија од ваша страна во врска со ова...
Ѓорѓи Димитров, преку e-mail

Забелешките за можните попречувања и интерференции што може да се јават на домашните радиоприемници ви се на место. Впрочем, сето тоа по логика произлегува како јасен заклучок за секој што ќе го прочита објавениот текст, каде јасно стои дека предавателот треба да се нагоди на некоја фреквенција која е слободна во радиоподрачјето од 88 до 108MHz.
Главната причината заради која е објавен ваков едноставен уред е секако едукацијата. На овој начин се дава можност на читателите да се запознаат со принципите на радиолоцирањето. Минатата година во ЕМИТЕР беше објавен теоретски напис за радиогониометрирањето. Сега одиме еден чекор понапред и даваме практичен пример за градба на еден едноставен уред – предавател, а во исто време да се искористи веќе расположлив радиоприемник за негово лоцирање. Впрочем, самата идеја за проектот (како и најголем број од оние што се објавени во ЕМИТЕР) е предлог и желба на група читатели кои се занимаваат со летачки модели. Тие имаа желба да објавиме едноставен и мал уред кој може да се смести во летачки модел со чија помош потоа изгубениот модел ќе се бара. Ние тој предлог го разгледавме во Редакцијата и најдовме начин да објавиме напис што ќе има поширок едукативен карактер, а воедно и ќе ги задоволи барањата на нашите читатели-моделари. Токму заради тоа е избран радиодифузниот опсег.
Но, како и да е, во текстот е наведено дека уредот (предавателот) треба да работи на фреквенција каде не емитува друга радиостаница. Таму се наведени и причините за тоа. На крај, сепак обрнете внимание на последната реченица од проектот.
Што се однесува до вашиот предлог за посовремен уред за лоцирање, со задоволство го прифаќам и драго ми е што постои поголем интерес (би рекол и нетрпеливост) од она што досега за оваа проблематика сме го објавиле во ЕМИТЕР. Нашата Редакција во иднина ќе подготви и објави проекти и за други пософистицирани уреди за радиогониометрирање, но тоа што вие го барате (моментално лоцирање со точни координати, брзина и правец на објектот) е премногу и бара употреба на GPS уреди (кои се скапи) и сложена дополнителна електроника. Сето тоа не е забрането, но по сложеноста и цената далеку ги надминува проектите за самоградба кои вообичаено се објавуваат во ваквите списанија. Да напоменам и дека локатор кој би работел на инфрацрвени и ултразвучни бранови е лошо и нефункционално решение.
Добре Блажевски-Доц