Го изработив сабвуферот "Каиро" од ЕМИТЕР бр. 5/04, ама во форма на коцка и многу сум задоволен од звукот што го добив. Сега го изработувам 100W филтер-засилувач за сабвуфер (ЕМИТЕР 9/03), ама во варијанта со еден канал - за да вклучам во него сигнал од 5.1 рисивер. Ме интересира дали ожичувањето за засилувачот (за излезот за звучниците и за кабелот после трафото до засилувачот) може да се изврши со лицнаст кабел на кој пишува дека е 0,5 mm квадратни (немам поим зошто квадратни?). Чекам одговор побрзо, затоа што уште тоа треба да го направам за да профункционира.
Однапред благодарам,
Никола Николовски
Кабелот од засилувачот до звучниците, а исто така и кабелот од трафото до засилувачот, мора да биде доволно дебел за да има мала отпорност и за да ја издржи струјата што тече низ него. Иако дебелината на кабелот (т.е. неговиот дијаметар) се изразува во милиметри (mm), вообичаено е каблите да се означуваат со нивниот напречен пресек (т.е. плоштината) на жицата во нив. Пресекот на жицата, односно плоштината на жицата се изразува во милиметри квадратни (mm2). Кабел со пресек од само 0,5 mm2 е претенок за 100W засилувач - препорачувам 1 mm2 или 1,5 mm2.
Владимир Филевски
Здраво Емитер!
Искрено да ви кажам јас ги имам само последните 5 броеви, но бидејќи сте многу добри, ќе продолжам да ги купувам и наредните броеви. Инаку, прва година сум на ПМФ - насока Информатика, па не се разбирам којзнае колку околу Електроника, ама основата ја знам. Би сакал да ве прашам: имам звучници од 100W и сам си направив засилувач (не знам кој модел е) од 100W. Но дојдов до пари, па купив уште звучници - исто така од 100W. Сега не знам што да правам - дали ќе можам да го користам истиот засилувач или ќе треба да правам друг? Ако треба да правам друг, би ве замолил преку e-mail да ми ја пратите шемата и распоредот на елементи на ППК и листа на материјал кој би ми бил потребен . Дали кај вас можам да ја порачам плочката и колку би ме чинела? Исто така, ако имате нешто околу заштита на звучниците, бидејќи систем за ладење во засилувачот немаше, па јас дополнително ставив кулер од компјутер но секојпат кога ги вклучувам звучниците, т.е. компјутерот (бидејќи ми се приклучени со компјутерот) морам да го вклучувам и кулерот, а тоа веќе почна да ми иде на нерви па затоа спасете ме од дополнителни маки...
Чао и сè најдобро .
Алексовски Мартин од Куманово
Ако и двата звучника се 8-омски, можете да го користите истиот засилувач но само ако тој е предвиден да работи и на импеданса од 4 ома. Едноставно, спојте ги паралелно двата звучника - така ќе добиете вкупна импеданса од 4 ома. Но, ако едниот од звучниците (или двата) е 4-омски, тогаш не смеете да ги поврзете паралелно - тогаш би се добила многу ниска импеданса и засилувачот може многу лесно да прегори! Ако и двата звучника се 4-омски и се ИДЕНТИЧНИ (и звучните кутии и свртниците, исто така), тогаш можете да ги поврзете сериски - така ќе добиете вкупна импеданса од 8 ома, која не е проблем за кој било засилувач. Ако звучниците, или звучните кутии, или свртниците се различни, тогаш не смеете да ги поврзувате сериски!
Ако сакате да направите нов засилувач, погледнете го списокот на ППК (има и ценовник!), кој го има во секој број на ЕМИТЕР и нарачајте ја од ЕМИТЕР плочката (ППК) за засилувачот за кој мислите дека најмногу Ви одговара. Шеми, распоред на елементите и листа на материјали не праќаме по e-mail, туку ќе мора да го купите бројот на ЕМИТЕР во кој е објавен проектот за конкретниот засилувач. Шемата нема да Ви биде доволна, бидејќи секогаш се потребни некои нагодувања на засилувачот, а во текстот на проектот објавен во ЕМИТЕР за тој засилувач има и многу други корисни информации.
Иако може да биде многу корисен, "кулерот" не е вистинска заштита за звучници! Прво испитајте дали ладилникот од засилувачот се прегрева (без "кулер") при гласна музика. Ако се прегрева (ако не може да се фати со прсти), тогаш на засилувачот му е потребен поголем ладилник, или може да се стави "кулер" на стариот ладилник. Проекти за уреди за заштита за звучници се објавени во ЕМИТЕР повеќе пати- погледнете во ППК сервисот.
Владимир Филевски
Здраво! Поздрав до Редакцијата. Имам две прашања
1) Го разгледав проектот "Едноставен ласерски аларм" од Емитер 9/05 и сакам да го изработам, но ми треба некоја доволно гласна сирена (од прилика колку стандардните автомобилски аларми), па ако поседувате некој таков проект во вашата "архива" кажете ми. Сирената не мора да менува повеќе звуци - доволен е еден.
2) Го имам изработено проектот "Комплетен стереозасилувач со голема моќност" од ЕМИТЕР 6/05. Ме интересира како може да се зголеми долната гранична фреквенција на од прилика 35Hz, бидејќи кога слушам одредени песни мембраните од моите звучници излетуваат премногу, а тие звуци не се ни слушаат. Тоа е сè. Чао.
Александар Саркоски од Прилеп
1. За таа намена можете да искористите готова алармна сирена, проектот за "коџак" сирената од истиот број или, пак, некоја друга сирена која ја имаме објавено порано (за ова видете го приложениот список на содржини на старите броеви). Имајте на ум дека прашања од типот "мене ме интересира ова и ова и во кој број на ЕМИТЕР може тоа да го најдам" поставуваат многумина читатели, но ние немаме време да вршиме пребарувања низ списокот за секој посебно. Впрочем, тој список постои токму затоа - секој читател да има увид во она што досега е објавено во ЕМИТЕР и да најде во кој број се наоѓа она што него го интересира во тој момент.
2. Причина за "тресењето" на мембраната се инфразвучните сигнали кои постојат на некои ЦД-снимки или, пак, вибрациите на моторот и дискот при репродукција од грамофон. За да се елиминира или намали тоа инфразвучно "тресење" на мембраната на звучникот треба да се додаде филтер со долна гранична фреквенција меѓу 10 и 20 Hz а не 35 Hz, бидејќи така ќе ги изгубите и најдлабоките басови. Во споменатиот засилувач долна гранична фреквенција од 10 до 20 Hz ќе добиете ако кондензаторот C1 го замените со вредност 0,22 или 0,15 микрофаради (220 или 150nF).
Слободан Таневски