Како редовен читател на вашето списание имам забелешка во однос на квалитетот на хартијата. Кога го купив ЕМИТЕР 4/05 бев прилично изненаден. Сепак, мазната хартија има свои недостатоци - читајќи под светло дава отсјај непријатен за очите, па дури се чита како да е од негатив. Исто така, намалена е и дебелината на хартијата, така што сега треба да внимаваме и како ги прелистуваме страниците, па читањето станува мачење што придонесува за губење на желбата за читање. Јас ја почитувам вашата несебична пожртвуваност да се зголеми квалитетот на списанието, но сепак ќе ве молам да размислите за горенаведените факти.
Што се однесува до рубриките ги имате моите најдобри комплименти.
Бидејќи најавувате книга за сервисирање на ТВ-опрема, ме интересира дали ќе излезе книга за сервисирање на аудиоуреди?
Однапред Ви благодарам.
Борис Пејо од Скопје
Општо познато е дека мазната хартија овозможува многу поквалитетен отпечаток, па затоа речиси сите квалитетни списанија се печатат на таква хартија. Токму затоа една од најчестите забелешки кои ни ги упатувале читателите во изминативе 10 години во врска со графичко-техничкиот квалитет на ЕМИТЕР се однесува на тоа зошто ЕМИТЕР не се печати на мазна хартија. И покрај желбите на читателите ние сè досега не преминавме на мазна (кунздрук) хартија главно заради нејзината значително повисока цена, но делумно и заради причините кои и вие ги наведувате. Меѓутоа, во последниве години на нашиот пазар стана редовно присутна и мазна хартија (т.н. LWC-хартија) која, од една страна веќе не е толку скапа, а, од друга страна не е ни толку бела и сјајна за да ги прави проблемите кои вие ги наведувате. Затоа сметам дека вашите забелешки се претерани – ниту отсјајот е толку изразен, ниту, пак, постои можност за лесно кинење на страниците при нивно вртење. Од друга страна, неоспорно е дека со оваа хартија добивме поквалитетен печат, што сигурен сум дека е на задоволство на повеќето наши читатели.
И покрај сето ова, во иднина планираме да користиме подебела LWC-хартија и тоа без сјај (мат), со која ќе се анулираат проблемите кои ги наведувате, но тоа, сепак, ќе зависи од нејзината цена и редовната застапеност на нашиот пазар. Дотогаш избегнувајте да читате на вештачко светло и внимавајте како ги вртите страниците :-).
Книга за сервисирање на аудиоуреди засега не планираме да издадеме.
Слободан Таневски
Најпрвин посебен поздрав до Владимир Филевски и ЕМИТЕР!
Редовен читател на ЕМИТЕР сум од 98 и морам да признам минатата година бевте малце тапа со аудиотехниката, но оваа година пријатно ме изненадивте со брошурата за микрофони, потоа со репортажите за студијата и со проектите.
Планирам да правам кабинет за бас, па ме интересираше нешто повеќе околу тоа што е специфично при нивната изградба и зошто ниеден бас-кабинет не е изработен по правилото 1:1,6:0,6. Конкретно сакам да го добијам звукот на Hartke кабинетите, но такви звучници со алуминиумска мембрана нигде не најдов па се решив за Celestion BL15-400. Планирам да направам кутија од 100 литри со две цевки со пречник од 10 cm и должина 15 cm. Ви ги праќам параметрите на звучникот, па ако може некој совет или предлог за друг звучник?
Илија Јовановски
Правилото "златен пресек" (1:1,6:0,6) понекогаш се користи во hi-fi тениката, но скоро никогаш во звучните кутии за гитари. Звучните кутии наменети за гитари даваат специфичен звук, кој се должи на повеќе намерни одлуки и ненамерни случајности на конструкторот на конкретната звучна кутија, па така се настанати различните звуци на Marshall, Fender, Trace Elliot итн. Ако правите звучна кутија која се разликува само во еден единствен детал од, на пример, Fender, тогаш и звукот што ќе го добиете ќе биде различен од "оригиналот", па макар и ако го користите истиот бас-звучник. Со други зборови, вашиот проект за бас-кабинет ќе дава звук кој ќе биде единствен на светот и нема да личи на кој било од познатите марки. Се разбира, разликите во звук нема да бидат големи, ако се користи истиот бас-звучник како во "оригиналот". Заклучок: нема шанси да го добиете звукот на Hartke.
Бас-звучникот Celestion BL 15-400 е добар, но дали ќе ви се допаѓа неговиот специфичен звук е сосема друго прашање и е многу субјективно. Препорачувам звучната кутија да биде направена од шпер-плоча дебела 16 mm до 18 mm, со внатрешно вкрутување на страниците. Внатрешниот волумен на кутијата треба да биде 125 литри. Двете бас-рефлекс цевки мора да ги имаат следниве димензии:
- варијанта 1: внатрешен дијаметар 100 mm, должина 98 mm.
- варијанта 2 (стандардна пластична цевка за канализација Ø 110 mm): внатрешен дијаметар 106 mm, должина 118 mm.
Можете да користите и волумен од 100 литри, со димензии како што сте ги напишале, но тогаш јачината на најниските тонови ќе биде послаба за 2-3dB, но затоа пак басот ќе биде многу поцврст.
Владимир Филевски
Здраво!
Имам 2 бас-звучници чиј опсег на фреквенции е 35 - 3100 Hz. Сакам да направам активни свртници за subwoofer некаде од околу 35-150 Hz, па да ме упатите во кој број на ЕМИТЕР можам да најдам информации за изработка на активни свртници?
Го изработив засилувачот со LM3886T објавен во Емитер и задоволен сум, па се прашував дали постои некој склоп со кој ќе може засилувачот да се вклучува и исклучува во зависност на влезниот сигнал, што е многу практично. На пример кога ќе го исклучам DVD-то, за 60-тина секунди комплетно да се исклучи засилувачот, а кога ќе се приклучи влезен сигнал - да се вклучи засилувачот.
Чао,
Александар Саркоски
Не верувајте им премногу на бројките "35 - 3100 Hz", бидејќи произведувачите често пати претеруваат без мерка. Многу е веројатно дека вашите бас-звучници НЕ можат да репродуцираат 35 Hz. Најсигурно е да ги најдете Thiele-Small параметрите за тие звучници и да пресметате која е најниската фреквенција која ќе може да ја репродуцираат, каква и колкава звучна кутија ќе биде потребна (видете во ЕМИТЕР 5/95, 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98). Проект за активен филтер (свртница) за сабвуфер е објавен во ЕМИТЕР 7-8/2004, додека проектот за комплетен сабвуферски засилувач со свртница "100 W филтер-засилувач за забвуфер" е објавен во ЕМИТЕР 9/2003.
Постои склоп кој автоматски го вклучува и исклучува засилувачот, во зависност од тоа дали постои влезен аудиосигнал, или не. Таквиот склоп е релативно едноставен и е вграден во голем број на фабрички сабвуфери. Во некој нареден број на ЕМИТЕР ќе објавиме проект за тој склоп, но тоа зависи од слободното време на соработниците во ЕМИТЕР и не можеме да гарантираме кога ќе се случи тоа.
Владимир Филевски
Почитувана Редакцијо,
Решив да го изработам "Трепкачот" од ЕМИТЕР бр. 1/04, но наидов на проблеми при собирање на елементите. Притоа за некои елементи најдов други како замена. Замените се следни (лево се елементите објавени во електричната шема; десно замената):
T1 – BCY71 [BC550]
T2 – BCY56 [BC560]
Th1 – KT 207/600 [BT136/600]
D3 – D6 – BAY80 [BA158]
D7, D8 – BA511 [1N4148]
Дали со овие елементи ќе треба да ги сменам оригиналните делови и со кои вредности?
Дали со овие елементи ќе можам да приклучам повеќе светилки од 100W и колку?
Со што уште може да се дупчат плочките освен со бургија, бидејќи досега искршив 8 бургии од Ø1mm.
Поздрав до сите и многу успех во понатамошната работа од
Јаневски Христијан од Скопје
Поради честите вклучувања и исклучувања, водечка филозофија при проектирањето на трепкачот (ЕМИТЕР 1/04) и на автоматите за скалично светло SLC - 11 (ЕМИТЕР 6/98) и SLC - 22 (сè уште необјавен проект) беше да се обезбеди оптимален животен век на светилката. Тоа значи дека изборот на елементите за овие уреди не е вршен со компјутерска симулација или проста проверка на нивните карактеристики во каталог, туки со снимање на одѕивот на колото за импулсно палење на тријакот и струјните удари што се јавуваат на светилката. И покрај тоа што уредите работеа и со други типови елементи, понудените во пописот на потребен материјал се покажаа како најприфатливи. Верувам дека со еквивалентна замена на елементите трепкачот ќе работи, но не можам да гарантирам дека со нив ќе биде обезбеден оптимален режим на работа за светилката. Тоа посебно се однесува на тријакот.
За дупчење на плочките со печатено коло, по правило, се користи моделарска дупчалка со моќност од 10 до 100W и голем број на вртежи (преку 10 000 вртежи/минута). За повеќето помали елементи треба да се користи бургија од 0,8mm, а за елементите со подебели изводи (потенциометри, јаки транзистори и слично) некоја со соодветно поголема дебелина. За да не ви се кршат бургиите дупчалката треба да ја држите нормално на површината на плочката за бургијата да влегува под прав агол и притоа да не се врши голем притисок. Ако притискате многу со дупчалката и притоа таа ви се навалува на некоја страна тоа е сигурен пат до многу скршени бургии. Голем дел од овие проблеми можат да се избегнат со користење на соодветен сталак за дупчалката. Исто така, немојте да користите истапени бургии бидејќи со нив дупчењето ќе оди потешко, ќе мора да користите зголемен притисок, а сепак бургијата повеќе ќе ви го нагорува материјалот отколку што ќе го "гризе". Со нова, квалитетна бургија и со правилно ракување би требало да можете да издупчите повеќе од 1000 дупки.
Георги Ефтимов
и Слободан Таневски