Здраво,
Го изработив проектот "Комплетен стерео засилувач со голема моќност со LM3886T" од Е 7-8/04, но при пробната работа на засилувачот, настануваа големи изобличувања на високите фреквенци кога копчето за "treble" е на максимум. Прашувам што не е во ред со засилувачот? За пробното пуштање во работа користев доволно моќен трансформатор со напон на секундарот од 2x25 Vac, и два електролитски кондензатори со 4700µF/35V, плус четири од по 2200µF за филтрирање на напонот монтирани на ППК. На излезите од засилувачот приклучив соодветни звучници со импеданса од 8 оми
Ожичувањето за влезниот аудиосигнал го изведов како што е наведено во проектот. За поврзување на потенциометрите со ППК користев микрофонски оклопен кабел. На интегрираните кола монтирав доволно голем ладилник со вграден вентилатор. Намотките околу отпорникот R13 не се најдобро изработени, но се изработени од бакарна жица. По надолжниот пресек на намотките има процепи кои неможев да ги отстранам. При работа на засилувачот со поголема излезна моќност се јавуваат краткотрајни прекини.
Ве молам посочете ми кај да го барам проблемот.
Благодарам,
Александар Саркоски од Прилеп

Изложените проблеми укажуваат дека кај засилувачот се јавува самоосцилирање. За да ја отстраните оваа појава, проверете дали сте употребиле исправни компоненти (посебно електролитските кондензатори). Дали керамичките кондензатори C9=220pF/32V и C12=47pF/32V се со пропишаните вредности, a за R8 ставете отпорник од 1k. Задната страна на ППК исчистете ја со чист алкохол и проверете да не имате направено куси врски или ладни лемови при лемењето. Проверете дали интегрираните кола се добро изолирани од ладилникот(изолацијата се изведува со помош на лискун и изолаторска подлошка помеѓу ладилното ребро на ИК и ладилникот). Проверката направете ја со дигитален унимер. Ако после оваа проверка сè е во ред, проверете дали потенциометрите за bass и treble се правилно поврзани со ППК, исто така и микрофонскиот кабел за влезниот сигнал. Важна улога има и квалитетот на потенциометрите за bass и treble, кои треба да ги замените со поквалитетни. Во проектот е нагласено да користите електролитски кондензатори со еднаков или поголем пробивен напон од 50V, а не со 35V. Исто така битна улога игра и намотката која треба да е изработена од лакирана бакарна жица со пречник од 1mm, со индуктивност од 7µH за да спречи осцилирање на засилувачот на високи фреквенции, предизвикани од долгите кабли со кои се поврзуваат звучниците со засилувачот.
Исто така можна е појава на несакани осцилации од напојувањето, поточно од трансформатарот ако е монтиран многу блиску до засилувачот. Пробајте со негово оддалечување или промена на монтажната положба во кутијата (со завртување под 90°). ПРЕПОРАКА: најдобар за употреба е торусен трансформатор.
Ако сè е во ред со предходно понудените проверки, а засилувачот и понатаму ги изобличува високите фреквенции (при репродукција од квалитетен CD плеер или тјунер), останува да не е во ред некое од интегрираните кола – заменете го. Проверката ќе ја направите со исклучување на едното или другото коло од напојувањето.
Славко Стојковски


Здраво почитувана Редакцијо.
Ние некако заглавивме кај ладилниците за засилувачот од 500W од ЕМИТЕР 3/98. Не знаеме колкави димензии треба да имаат ладилниците, бидејќи ни рекоа дека димензиите се пресметувале во зависност од термичката отпорност. Па би ве замолиле да ни помогнете, да ни кажете со колкави димензии да бараме ладилници. Потребна е термичка отпорност помала или еднаква на 0,25°C/W.
Однапред ви благодариме.
Глигор Тодоров

Димензионирањето на ладилниците не е лесна задача особено ако се работи за масивни ладилници како што е во овој случај. Затоа би ви препорачал да набавите готови фабрички ладилници со пропишаната термичка отпорност (0,25 °C/W или помала). Во краен случај ако сте приморани самите да ги изработите, препорачувам тие да бидат што е можно поголеми (нема да има никаква штета ако се предимензионирани, напротив, векот на траење на излезните транзистори ќе го продолжите). Подоцна, ако се покаже дека се недоволни ќе морате да ги замените со фабрички или да вградите вентилатор за нивно присилно ладење. Инаку, пресметка на ладилниците е опишана во ЕМИТЕР 11/96.
Дејан Трпески


Поздрав до целокупната редакција. Го следам вашето списание од 1998 година и сум многу задоволен од начинот на кој се развива и се подобрува. Впрочем, имам само пофалби во врска со списанието. Што се вели, да не давам многу, да преминам на главното. Имам јадро од трансформатор од EI тип со моќност околу 500W и потребна ми е пресметка на дебелина на жица и намотки за да добијам 2x18V на секундар кој би го користел за напојување на два 100W засилувачи (ЕМИТЕР 9/03), само без филтри и еден 150 W засилувач (Емитер 10/03) за сабвуфер. Дали би работел склопот од засилувачи без мака?
Однапред ви благодарам,
Димитар Талевски

Моќноста на трансформаторот кој го имате сосема одговара за напојување на 2 засилувачи од 100 вати и еден од 150 вати. Пресметката на трансформаторот можете да ја направите со помош на написите објавени во ЕМИТЕР 9/98 или 1/2000.
Ви посакувам успех.
Слободан Таневски


Здраво!
Големи пофалби за вашето списание. Наидов на еден проблем околу 100W транзисторски засилувач од ЕМИТЕР 11/98. Имено, не можам да ја нагодам мирната струја низ транзисторите, а тримерот е во ред. Во што е проблемот?
Поздрав до цела Редакција.
Благојче Петковски

Ако ја погледнете електричната шема на слика 1 и внимателно го прочитате придружниот текст ќе забележите дека елементите кои се директно задолжени за нагодување на мирната струја се R7, R8, P1 и T3. Со помош на универзален инструмент проверете ја нивната исправност и по потреба заменете ги со нови. Ако наведените елементи се исправни, внимателно проверете ја целата ППК од можни прекини на водовите или нивна куса врска. Ако и плочката е во ред, проверете ја исправноста и на останатите транзистори (T1, T2, T4, T5, T6, T7). Исто така, проверете дали сите елементи се монтирани и залемени на своите места според монтажната шема на слика 4.
Дејан Трпески


Браво, браво, браво за текстот "Науката на обвинителна клупа" во Емитер 04/2005. Не ми се верува како некои религиозни фанатаци/фундаменталисти мислат дека нивните произволни и неаргументирани тези ќе поминат кај критичката јавност. "Професорот" за таа книга заслужува да ја изгуби и титулата и работата... А заради овој текст од овој месец се претплатувам на вашето списание.
А сега една исправка и едно мислење:
1. На страна 7 од истиот број (04/2005), со наслов "IE7 ќе му конкурира на Firefox" точно е наведено дека Firefox е слободен софтвер, но понатаму во текстот се кажува и за IE7 дека ќе биде "...слободна верзија на прелистувачот...". Сигурен сум дека IE7 нема да биде слободен софтвер, ниту пак сум чул за такви најави од страна на Microsoft. Можеби IE ќе биде бесплатен, но тоа дефинитивно не е исто со слободен. За да биде еден програм слободен треба да исполнува неколку услови (објаснети на http://www.slobodensoftver.org.mk/whitepaper/index.php/prasanne1).
2. Морам да коментирам и за текстот за Kylix. Јас сум (исклучиво) GNU/Linux корисник веќе 6-7 години, и најавата на Kylix, морам да кажам дека побуди голем интерес како прилично позната и популарна RAD алатка во windows светот. Но резултатот разочара од повеќе причини.
Прво Kylix воопшто не ги искористува предностите што ги нуди GNU/Linux платформата. Така да иако во GNU/Linux има одлична поддршка за локализација на програмите (која се користи во KDE, Gnome околините и скоро сите други GNU/Linux програми) во Kylix нема никаква подршка за локализација. Програмите направени со Kylix не се интегрираат со остатокот од GNU/Linux GUI апликациите и не ги користат можностите како што се виртуелни file system-и во KDE и Gnome итн.
Втора сериозна мана на Kylix е што за разлика од GNU/Linux-от кој работи на 20-тина хардверски платформи (i386, x86-64, ARM, PPC, PPC64, Sparc, UltraSPARC итн) Kylix-от ја подржува само i386 платформата.
И конечно, Kylix не е слободен софтвер, ниту пак може да се користи за правење на целосно слободен софтвер - и тоа не е за потценување. Слободноста на GNU/Linux-от е тоа што му овозможи да се здобие со својата популарност.
Сето ова кажано, употребливоста на Kylix ја гледам само за port-ување на веќе постоечки апликации напишани во Delphi на GNU/Linux (i386) платформата - но за жал праксата покажа дека дури и тоа не е така лесно и тривијално. Од друга страна во GNU/Linux светот веќе има неколку различни алатки кои сосема ги задоволуваат потребите на еден професионален програмер, а има и алатки наменети за не толку професионалните програмери.
Дамјан Георгиевски
Слободен софтвер Македонија

Ви благодарам за пофалбите и не радува што понатаму ќе бидете наш редовен читател. А во врска со Вашите коментари во продолжение е одговорот од нашиот соработник Драган Јованоски.
1. Вашата забелешка е во ред. Кога кажав дека ќе биде слободна верзија од прелистувачот, сакав да кажам дека според коментарите се очекува да биде независен интернет прелистувач од оперативниот систем . Што значи дека во наредната верзија на Windows (Longhorne) не би требало да биде интегриран IE7. Лапсусот е направен. Наместо да стои "слободна верзија од прелистувачот" би требало да стои "независна верзија од прелистувачот".
2. Генерално се сложувам со коментарите што ги дадовте. Мојот текст е насочен во правец да им објаснам на читателите дека Kylix-от го пробива ограничувањето на моно-платформските развојни алатки, па со ваквиот подвиг Borland прави пресврт во информатичката историја. Но исто така и некои клучни работи се доведени под прашање или се "донекаде дискутабилни". Главната цел, и во овој а и во сите други текстови, ми е сè почесто да ги потикнувам читателите, барем оние кои не се толку упатени во тематиката, да експериментираат, да тестираат и самите да носат заклучоци.
С. Таневски и Д. Јованоски


Здраво,
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР од првиот број од кога ги опфативте и другите научни дисциплини освен електрониката и имам само пофални зборови. Сега ме интересира во нешто во врска со проектот стобоскоп (10/2004) - дали наместо наведената блиц ламба може да се употреби друга, конкретно една од фото апарат и какви модификации би требало да направам. Однапред благодарам.
Бобан Розман

На местото од блиц ламбата може да се употреби било кој тип на ламба, па дури во некој случај и со несоодветно трафо. Но, доколку се работи за ламба за која наведувате дека е од некој блиц кој го имате, употребете го и трафото како што е веќе поврзано во самиот блиц или како што беше опишано во проектот и нема да имате проблеми, секако доколку се исправни овие два елементи.
Драган Јовановски


Имам неколку прашања за проектот "Стапица за инсекти" од 03/2005. Проектот многу ме заинтересира бидејќи имам големи маки со инсектите, а истовремено и пофалби до господинот Драган Јовановски за неговите уникатни идеи, кои ги имам забележано во повеќето негови проекти. Имено, во текстот пишува дека "Пред светилката се наоѓа двојна мрежа од тенки метални спроводници на кои се доведува висок напон". Ме интересира малку подетално за мрежата, односно дали тоа "двојна" значи еден слој околу светилката па околу него уште еден слој, и ако е така колку треба да бидат оддалечени двете мрежи. Дали инсектот треба да ги "допре" двете мрежи (двата пола) одеднаш или е доволно само едната да ја допре? Што би се случило доколку двете мрежи случајно се допрат меѓусебно? Дали мрежата се изработува од спроводници кои се лемат меѓусебно, или може да се искористи некоја готова мрежа, на пр., од ограда или сл. и колку треба да биде ситна? Дали наместо феритен трансформатор може да употребам обичен мрежен трансформатор, на пр., 1:5 само врзан "обратно"?
Мартин Јанковски

Двојната мрежа која се наоѓа пред светилката е изработена од два тенки спроводници кои не се заштитени со никаква изолација (значи, голи), кои се обвиткуваат околу "кафезот" на светилката бифиларно. Тоа значи дека се почнува со двата спроводника одеднаш и истите се држат на растојание кое е доволно мало за кога поминува инсектот да мора да ги допре двата спроводника, при што ќе биде "испржен" од високиот напон. Овие два спроводника не смеат во никој случај да се допрат (краток спој). Значи, тоа не е мрежа која се вкрстува, туку како што кажавме, два спроводника кои се паралелни од почетокот на навивањето, на пример, од дното, до крајот на врвот од "кафезот" на светилката кој мора да биде од изолатор. Трансформаторот треба да биде со феритно јадро поради високата фреквенција и пренос со помали загуби.
Драган Јовановски


Го изработив полначот на Ni-Mh батерии, меѓутоа велите дека е за батерии од 1100mAh па сè до 2100. Прашањето ми е дали може да се полнат батерии под таа граница од 450, 700, 850 mAh. Ако не е можно тоа дали може да добијам шема за овие типови на батерии.
Поздрав.
Гоце Андоновски

Иако полначот е наменет за полнење на батерии во дијапазонот од 1100mAh до 2100mAh, може успешно да полни батерии со поголем или помал номинален капацитет. Времето на полнење при поголем или помал капацитет, респективно се зголемува, односно намалува. На полнење слободно можете да ставите батерии со капацитет од 450mAh до 850mAh, без грижа дека ќе се преполнат. Проверете дали батериите кои имате намера да ги полните со овој полнач се NiMH батерии, за кои е наменет полначот. NiMH батериите од типот АА обично имаат поголем капацитет од 1000mAh. Со мала промена на крајниот напон на дополнување, полначот може успешно да полни и Ni-Cd батерии, но не и Li-Jon. Секако, треба да се измери со која струја на полнење ќе се полнат батериите. Ако е поголема 0,5C, полначот ќе работи како брз, полнач (fast charge) и притоа се ослободува голема топлина во батерии што може да доведе до нивно уништување. Резиме: батериите кои имате намера да ги полните можат да се полнат со изградениот полнач без нивна штета.
Петар Аврамовски