Поздрав до сите во Редакцијата на ЕМИТЕР.
Писмово е со општ карактер и мислам дека најмногу е упатено до уредниците на ЕМИТЕР, посебно до господинот Слободан Таневски. ЕМИТЕР го следам скоро од почеток, од мојата 13 година (очигледно прва љубов) до ден денешен, и од секогаш ми користел како (влијателен!) патоказ низ моето хоби, а и студии на ЕТФ. Секогаш сум ја гледал неговата содржина како спонтана креација која не е згмечена помеѓу стегите на комецијалното. Појавата на новиот "Емитер" ми ги зацврсти овие тези, односно никогаш не сте ме разочарале со содржината во списанието, сè до оваа година. Почнаа да се појавуваат текстови со теми од историја и биологија од порано во списаниево и секогаш сум ги читал до крај со заинтересираност, но во последниве два броја (1 и 2/2005) во текстовите од вашиот соработник Петар Лагудин, никако не можев да смогнам сили да дочитам до крај. Верувајте, ЗНАМ што е еволуција и тоа која била сумерската цивилизација, но сето тоа искористено во текст кој го става Светото Писмо на ниво на обични прикаски и недоветни коментари во однос на постанокот на светот, што е тотално НЕПОТРЕБНО во Емитер (плус не се сите атеисти кои читаат Емитер). Со вакви текстови можеби ќе придобиете интерес кај обичниот (осамен) човек, но во очите на принципиелните читатели на Емитер ќе оставите впечаток на евтино секојдневно списание (Вечер, Дневник...). Имајќи ги предвид прекрасните и лирични текстови на Милан Рупиќ, подробната и екстравагантна посветеност кон аудиото на Владимир Филевски, професионалноста на Слободан Таневски итн., можам со сигурност да потврдам дека се намалува мојата почит кон Емитер. Стилот и угледот на списанието го креирате и Вие а не само вашите соработници, па земете ја диригентската палка во раце и однесете го списанието таму каде што ќе задоволи одреден слој на луѓе во Македонија кои и самите го сметаат "Емитер" како своевидна библија.
П.С. Се надевам дека ќе го објавите писмово во списанието но и да не се случи тоа, верувајте дека има многу читатели кои се сложуваат со мојот став за конкретниве текстови.
Александар Цаневски од Велес
Почитуван Слободан
Се надевам дека ќе ја прочитате мојата забелешка и ќе ја прифатите онака како што е напишана - најдобронамерно! Зошто дозволувате читаноста на ЕМИТЕР да опаѓа со обработка на теми на кои тука ама баш ИЧ не им е местото?
Читајки ги темите од двата броја, не забележувам ни историја, ни археологија, а ни биологија… само скриен гнев кон Светото Писмо се провелкува (да не речам боде очи) и неразрешени лични конфликти кои асоцираат дека станува збор за незрела личност на која Вие и отстапувате простор да се "ослободи" од своите фрустрации! Имено, ако вашиот соработник сака да му одговори јавно на проф. Иван Грозданов, нели би било подобро тоа да го направи во некој друг простор? Има доволно списанија кои третираат теми со (анти)религиска содржина. Само да Ве потсетам, уставно право на човекот е да има верска слобода! Што би станало со светов кога СИТЕ луѓе би гледале низ призмата на медиокритетизмот на некој Петар? НЕКОЈ или НИКОЈ, кој очигледно нема ни минимални познавања. На пример, дека најобемното дело на Исак Њутн е всушност токлување на пророчките книги од Светото Писмо, или дека Паскал во својата земја е многу попознат како теолог отколку како математичар или физичар, или дека основоположникот на генетиката е чешкиот КАЛУЃЕР Грегор Мендел, Павел Флоренски покрај теолог е и физичар и уметник… Некој очигледно сака да создава граници онаму каде што ги нема. Би го запрашала авторот колкави се неговите познавања од областа на философијата? Би се издигнала над неговиот материјалистички поглед на светот. Со јазикот на теологијата, мислењето дека само ЈАС сум во право, а сите други околу мене (вклучувајки ги и големите умови на науката, како Њутн, Паскал, Мендел…) грешат, се нарекува класична прелест. И навистина, постои ли граница помеѓу науката и верата?
Дипл. ел. инж., насока ЕТ - Гордана Лазаревска
Почитувани колеги,
Вашите писма ги објавуваме во целост, што е вистинска реткост со оглед на ограничениот простор во списанието. Мојот одговор е заеднички за двете писма, прво заради грипот и многуте обврски околу завршувањето на овој број, но најмногу затоа што и во двете писма се провлекуваат истите тези и замерки иако формата е различна – г-дин Цаневски реагира на особено учтив и смирен начин, за разлика од г-ца Лазаревска, од чие писмо блика нетрпеливост, агресивност и желба да се навредува "противникот".
На почеток, за да нема евентуални забуни, веднаш ќе нагласам дека и јас и колегата Петар Лагудин ги почитуваме религиозните луѓе и немаме намера да ги навредуваме, ниту пак да им го оспоруваме правото на слободна верска свест. Такво нешто нема ни во спомнатите написи, па очигледно вашите обвинувања во оваа насока воопшто немаат основа.
Што се однесува, пак, до вашата забелешка дека на ваквите написи не им е место во ЕМИТЕР, можам да кажам дека е тотално нелогична. Тоа е исто како да му забележувате на некој спортски магазин зошто објавил напис за хокеј, на пример. Затоа, да ве потсетам дека ЕМИТЕР е списание за наука и техника, а спомнатите написи даваат низа научно потврдени докази од историјата и биологијата, па според тоа е сосема логично тие да бидат објавени токму во ЕМИТЕР.
Написот "Сумерската митологија во приказните од Библијата" беше подготвен пред речиси 1 година, но заради немање простор го објавивме дури сега, а написот "Дали Дарвин бил во право" колегата Лагудин го подготви на моја иницијатива, токму како реакција на книгата на проф. Грозданов, на чија промоција бевме лично присутни во Библискиот центар "Божилак" (Христијанско Баптистичка црква). Во својата книга "Не на еволуцијата, Да на Библијата" и во своето усмено обраќање на промоцијата, проф. Иван Грозданов со тенденциозно извртување на научните факти, жестоко ја нападна и обвини науката за пропагирање на Дарвиновата теорија за еволуција со "лажни и фалсификувани аргументи". Од аспект на сопствената интелектуална култура, сметавме за должност да излеземе во одбрана на знаењето (науката). Воопшто не гледаме зошто сметате дека е нечесно, ако во јавноста се презентираат изобилство релевантни факти од јавно публикуваната светска научна литература во одбрана на знаењето (науката). Впрочем и наведената религиозна "научна" книга е јавно публицирана, а со самото тоа, таа е веќе исправена пред јавна критика, особено од страна на нападнатата и обвинетата страна (во случајов: науката).
Толку за формалните работи. Сега да се вратиме на суштината, а тоа е содржината на спомнатите написи. Во нив, како што веќе кажав, се изнесени низа научно потврдени докази од историјата и биологијата кои светската наука до сега ги открила. Сите тие почиваат на материјални докази и логички заклучоци. Вие реагирате за содржината на тие написи, но не кажувате ништо конкретно што не чини и што е неточно во нив. Дали можеби знаете за некои докази кои би ги негирале тие научни сознанија? Можеби знаете за поинаков превод на сумерската митологија каде таа не се совпаѓа со настаните опишани во Библијата? Или можеби знаете за некои докази дека сумерската цивилизација не постоела многу векови пред појавата на Библијата? Можеби имате некој доказ дека целиот жив свет се појавил истовремено а не постапно? Ние сме отворени за секаква аргументирана дебата за овие, но и за други теми од науката и религијата, се разбира, ако сакате да дискутирате со аргументи.
Овде чувствувам потреба да ја објаснам разликата помеѓу знаењето и верувањето. Накусо кажано, знаењето е множество докажани вистини, а верувањето е некритичко прифаќање на вистинитоста на нешто без докази за тоа. Науката почива само на знаење (докази), а религијата само на верување (без докази), па според тоа религијата и науката се некомпатибилни. Затоа, не е можно да се "собори" некое научно сознание само со тоа што некој силно ќе верува во спротивното. Уште помалку е можно да се негираат научните сознанија со ароганција и навреди, како што се обидува г-ца Лазаревска. Тие особини се одлика на некој кој во дебатата нема вистински аргументи. Истовремено, тие особини не би требало да се одлика на еден христијанин. Да резимирам: дискусија без аргументи е апсолутно непродуктивна и непотребна.
Да го разгледаме сега единствениот "аргумент" кој во одбрана на религијата го нуди г-ца Лазаревска. Ние имаме сосема солидни познавања од философијата, но и од историјата и религијата, така што ни е добро познато дека Њутн, Паскал и Мендел биле религиозни или свештени лица, исто како и Кеплер, Коперник, Џордано Бруно и многу други од тоа време, што е сосема логично со оглед на тоа што тогаш писменоста главно била кај црквата. Меѓутоа, за разлика од повеќето свештени лица, тие со својот критички и рационален ум се издигнале над догмите кои ги проповедала религијата и направиле многу значајни научни откритија. Треба ли да потсетиме дека заради своите научни ставови повеќето од нив имале големи проблеми од страна на црквата, а некои од нив, како Џордано Бруно на пример, биле "замолчени" со спалување на клада од страна на црковната инквизиција. Така, повикувајќи се на спомнатите личности во прилог на религијата, г-ца Лазаревска всушност несвесно нуди аргумент во прилог на науката – тие личности се значајни за човештвото и останале запишани со блескави букви во Историјата токму заради нивните научни дела, а не заради нивните религиски достигнувања. Тоа што тие биле и свештени лица е сосема небитно, исто како што за човештвото е небитно тоа што некој голем уметник кој оставил вредни дела, за да може да преживее работел како чиновник во некоја канцеларија.
За среќа, денес религијата ја нема општествената моќ да го спречува развојот на човечката мисла, како порано. Добро е и тоа што денешните секуларни држави не се репресивни кон верниците туку напротив – ја гарантираат слободата на вероисповеста. Така, секој човек, и покрај тежината на научните аргументи, наместо знаењето може да го избере верувањето. Но, тогаш треба да биде свесен дека со тоа си создава извор на вечни фрустрации секогаш кога неговите верувања ќе се соочат со реалниот свет. Затоа, ако веќе сте го избрале верувањето наспроти знаењето, не обидувајте се да ја негирате науката без аргументи – таа битка е однапред загубена. Наместо тоа издвојте ги и применувајте ги позитивните вредности на религијата, кои таа несомнено ги има, во подобрување на своето живеење и живеењето на вашите блиски.
Слободан Таневски
Здраво Емитер,
Ви пишувам за да ве пофалам за вашата работа и да ве поддржам во вашата мисија, но и да ги искритикувам оние електроничари кои постојано само се жалат. Најмногу ме испровоцира писмата од 2/05 и 12/04, иако такви неосновани "жалопојки" имало и претходно.
Не можам да им се изначудам кога цело време се жалат: те текстовите биле слаби или неинтересни, те биле многу сложени, те немало делови, па малку биле страници, а цената била висока и сè така во недоглед. Не ми е јасно како може постојано да го бараат стариот Емитер кога безброј пати било објаснето зошто тоа е неможно. Се однесуваат како мали деца пред слаткарница кога бараат колаче, иако мајката им кажува дека нема пари. Зачудувачки е и тоа што електроничарите постојано се жалат дека цената на Емитер е висока, а тие имаат најголема корист од него. Доста е само една "финта" од Емитер да научат и само еднаш да ја уновчат па да извадат пари колку за неколку броеви, ако не и за неколку години. Јас како почетник-електроничар веќе имам направено и продадено еден уред и за него имам земено 300 денари, а некој поискусен електроничар сигурно може да земе и неколку пати повеќе со знаењето добиено од Емитер. Затоа електроничари бидете реални: 130 денари е ситница за знаењето кое го добивате. А ако не ви се допаѓа колку има електроника во Емитер, тогаш купете си некое странско списание за електроника, ама тогаш ќе треба да платите 10 евра за еден број. Се извинувам за тонот на моево писмо, ама сè што кажав е точно.
Инаку, јас сум читател на Емитер од летото 2002 година кога ме привлекоа многуте рубрики, пред сè, астрономија, аеронаутика, аудио, фото и слично. Тогаш почнав да ги читам и текстовите од електроника, па по некое време се осмелив и да правам некои уреди. Претходно си купив и многу стари броеви за да ги научам основните работи. Иако мојата професија е во економијата, сега можам да кажам и дека сум хоби-електроничар. Јас сум задоволен од Емитер и за пофалба е сè она што го правите. Би бил уште позадоволан ако Емитер има 100 страници, па макар да биде и поскап. За крај, би предложил две работи: објавете некоја книга "Електроника за почетници" и престанете да ги објавувате писмата во кои се повторуваат истите критики од електроничарите.
Милан Бојковски
Ви благодарам за поддршката од името на целата редакција. Ќе се потрудиме да објавиме таква книга, која патем, долго време е во нашите планови.
Слободан Таневски