Јас не можам да се пофалам со тоа дека сум ваш редовен читател. За вас слушнав неодамна од еден пријател. И двајцата сме од Неготино, но за разлика од мене, тој е ваш страствен читател. Да преминеме на главното. Од неодамна ми се роди желба за ракетно моделарство. Симнав планови од интернет, изработив два-три модела, но недостасуваше клучниот сегмент - погон. Никако не можам да најдам моторче за ракетни модели. Можете ли да ме упатите каде да најдам едно вакво или ако веќе нема, ќе можам ли сам да го изработам?
Со почит вашиот иден читател,
Ангел Арсов.
Градбата на ракетен мотор не доаѓа предвид од безбедносни причини. За ракетен мотор обратете се во Воздухопловниот ракетен клуб во Кавадарци кај наставникот по ракетно моделарство Атанас Тасовски или во ракетно-воздухопловниот клуб во Штип кај моделарите Ѓорѓи Ѓорѓиев и Станиша Петровиќ. Инаку, квалитетни мотори изработуваат браќата Чипчиќ од Република Србија и Црна Гора, кои се редовни гости на Светскиот ракетен куп во Штип во месец мај или јуни. Многу корисни работи за вашето хоби можете да најдете во претходните, но и во следните броеви на ЕМИТЕР, затоа читајте го редовно :-)))
Перица Поповски
Штотуку го изработив транзисторскиот засилувач од 150 W од ЕМИТЕР 10/2005 и тој успешно работи. Имате напишано дека со додавање на уште еден излезен пар на транзистори снагата на засилувачот може да достигне и до 200 W за 4 оми. Како треба да го поврзам вториот пар излезни транзистори?
Понатаму, сакам да го изработам гитарскиот засилувач EGA16 (од Е3-4/96), но наместо стандардниот 16 W излезен засилувач имате кажано дека може да се надоврзе друг засилувач на гранката после P5 за volume. Дали можам да го надоврзам транзисторскиот засилувач од 150 W?
Бев кај "Електро ВАЦЕ" и барав гитарски звучник, но таму има само од 500 W музичка и 300 W синусна моќност. Ако на 200 W гитарски засилувач ставам 500 W звучник, ќе има ли некој проблем? Сакам да го земам тој звучник, бидејќи цената прилично ми одговара.
Би ве замолил да ми пратите некоја шема или напис за мониторинг студиски звучници, бидејќи би сакал да изработам едно стереомониторинг системче за во моето сопствено аматерско студио, или да објавите проект во некој од следните броеви!
Фала ви однапред за помошта!
Влатко Попоски, преку e-mail
Вашиот 150-ватен засилувач можете да го поврзете на предзасилувачкиот дел од EGA 16, после P5. Звучник од 500 W без проблеми ќе работи со засилувач од 200 W. Но, препорачувам вистински гитарски звучник, на пример, гитарски звучник од фирмите: Celestion, Eminence, Jensen, ... Иако се поскапи, единствено овие звучници вреди да се купат, бидејќи само тие го даваат оној вистински звук на гитара. Повеќето од овие гитарски звучници имаат импеданса од 8 ома, така што нема потреба од дополнителни излезни транзистори во засилувачот. Единствено ако сакате да приклучувате звучници од 4 oma за некоја друга намена, тогаш може да се стави уште еден пар излезни транзистори. Но, ако сте сакале да добиете 200 W само за да добиете погласен звук, треба да знаете дека разликата во јачината на звукот меѓу засилувач од 200 W и засилувач од 150 W е само 1,25 dB, што практично е незабележливо. Освен тоа, вистинските гитарски звучници имаат моќност до најмногу 100 W (исклучок се оние за бас-гитара, кои можат да имаат и поголема моќност), така што засилувачот од 150 W е сосема доволен.
Во ЕМИТЕР досега сум објавил 3 проекти за (пасивни) мониторинг звучници: King 6 (ЕМИТЕР 12/1999), Focal B 400 VF (ЕМИТЕР 3/2002) и High-End Monitor SEAS 17 (ЕМИТЕР 4/2005). Компонентите за King 6 и Focal B 400 VF веќе не се произведуваат, па затоа останува само проектот SEAS 17, кој е супернеутрален, чист, прецизен и пријатен за слушање (единствено малку му фалат најдлабоките басови). Ако преферирате активни звучници, од поевтините можам да ги препорачам моделите на Behringer ("Мими", тел. 3232-355, ) и на KRK ("Артист системс", тел. 3216-640).
Владимир Филевски
Излезната моќност на овој засилувач е сосема доволна ако го користите како гитарски засилувач, но ако сакате да експериментирате, одговорот за поврзување на уште еден пар излезни транзистори ќе го најдете на слика 1. Дополнителните излезни транзистори треба да ги поврзете паралелно (под услов да се спарени). Вредноста на кондензаторот C3 зголемете ја на 100pF.
Славко Стојковски
Здраво ЕМИТЕР.
Решив да ви пишам една критика која се надевам ќе ја прифатите како позитивна. Јас сум ваш редовен читател и сум задоволен од вашата досегашна работа. Ми се допаѓа и новата концепција која опфаќа повеќе научни и технички гранки. Меѓутоа, воопшто не ми се допаѓа изгледот на списанието. Премногу е шарен и на прв поглед остава впечаток на детско забавно списание. Можеби и затоа многу често во киосците се наоѓа меѓу забавните магазини (ТЕА, КОТЕЛЕЦ...), а не меѓу техничките списанија, каде што му е и местото. Затоа ви предлагам да го смените изгледот и ви гарантирам дека ќе привлечете повеќе купувачи кои бараат списание од ваков вид, а во изгледот на ЕМИТЕР не го препознаваат тоа што го бараат. Друго, кога ги пишувате темите на насловната страна НЕ ИМ СТАВАЈТЕ РАМКА И СЕНКА на буквите. Тоа уште повеќе го прави детско. Еве ви праќам еден предлог за изгледот на насловната страница, а ако сакате ќе ви го пратам и како PSD документ во многу поголема резолуција.
Поздрав,
Благој Минчев, преку e-mail
Ви благодарам за вашиот предлог, но сега-засега не планираме поголеми промени на дизајнот на ЕМИТЕР. Прво, затоа што дали некому му се допаѓа некој дизајн или не, е работа на личен вкус. На пример, тоа што вам не ви се допаѓа, им се допаѓа на повеќето наши читатели, како што можете да видите во резултатите од анкетата објавени во бројот 4/06. Второ, дизајнот на научно-техничко списание е од споредна важност во тиражноста и успехот или неуспехот на списанието. Имено, на читателите на такви списанија далеку им е поважна нивната содржина отколку дизајнот и печатот (за кои е доволно да бидат на пристојно ниво). Дека ова е така можете да се уверите и самите ако купите некое странско научно-техничко списание. На пример, некои од странските списанија за електроника (од В. Британија и САД) кои јас ги купувам се печатат на лоша новинска хартија и имаат далеку полош дизајн од ЕМИТЕР. Заради сето ова ние сме одбрале да се занимаваме повеќе со содржините на ЕМИТЕР отколку со неговиот дизајн. И покрај ова, во повеќето трафики ЕМИТЕР е сместен токму меѓу другите научно-технички списанија, а не меѓу забавните како што тврдите вие.
Слободан Таневски
Уште од поодамна имав намера да го изработам вокал-елиминаторот од ЕМИТЕР 2/04 и го изработив. Притоа сакав да биде со одлична функционалност, па затоа порачав ППК од вашиот ППК сервис. По изработката, го тестирав и истиот не ги даваше очекуваните резултати. Не ми беше јасно зошто не функционира како што е опишано, па затоа преминав на анализа на шемата. По повеќе пресметки го заклучив следново:
Да претпоставиме дека на микрофонскиот влез потенциометарот е ставен на 0 (почетна положба), тогаш неинвертираниот сигнал од R-влезот доаѓа на делител на напон формиран од R7 и R12, а бидејќи тие се со иста вредност, сигналот доаѓа со половина амплитуда на суматорот на напони, додека инвертираниот сигнал од L-влезот доаѓа на делител на напон формиран од R10 и R12, а бидејќи R10 е околу 2 пати поголем од R12, инвертираниот сигнал доаѓа со околу 1/3 од амплитудата кон суматорот на напони, односно 1/2-1/3=3/6-2/6=1/6, што значи дека штом разликата на амплитудите на вокалот не е еднаква на 0, тогаш тој не е потполно елиминиран. Ова може да се промени со промена на вредноста на отпорниците R8 и R10 (бидејќи се два идентични канала) од 100 на 47 кило оми.
Другата забелешка се однесува на интензитетот на сигналот на излез од вокал-елиминаторот (кој е со двапати помала амплитуда од влезниот) и мислам дека нема да биде лошо ако на излез се "дуплира" амплитудата на сигналот, а тоа може да се изведе како што е покажано на сликата.
Се надевам дека ќе ги уочите овие забелешки и ќе го поправите тоа во некој нареден број на ЕМИТЕР.
Илија Зафиров.
И покрај тоа што вашата анализа на колото не е до крај прецизна, сепак крајниот заклучок е точен. Но, да почнеме по ред.
Ако претпоставиме дека микрофонскиот влез од вокал елиминаторот е врзан на маса (лизгачот од потенциометарот е во крајна лева положба), тогаш учеството на сигналот од десниот канал на излезот "R-L Out" нема да биде 1/2 од оригиналниот, туку нешто помало, затоа што отпорникот R12 е врзан паралелно со отпорникот R10 (пинот 7 од IC1 виртуелно е врзан на маса за сигналот од "R In"). Со слична анализа, може да се покаже дека учеството на инвертираниот сигнал од влезот "L In" на истиот излез (R-L Out) е приближно 1/5 од оригиналниот, затоа што во овој случај отпорникот R12 е врзан паралелно со отпорникот R7. Од ова е јасно дека со овие вредности на елементите во колото не е возможно целосно елиминирање на вокалот, дури и во случај кога вокалот е присутен подеднакво и во двата канала.
Со изедначување на вредностите на отпорниците R10 и R8 со вредностите на R7 и R9 (47k) се добива целосно балансирање на колото и комплетно елиминирање на вокалот во идеални услови.
Што се однесува до втората забелешка, зголемување на јачината на излезниот сигнал може да се добие со едноставно "одвртување" на потенциометарот за гласност на излезниот засилувач, но ако тоа не ви се допаѓа, слободно редизајнирајте го колото како што сте замислиле - на излезните бафери (IC1-C и IC1-D) во повратната врска додадете им по два исти отпорника (на пример, 10 килооми).
Дејан Трпески
Здраво.
Имам еден проблем кој наизглед е нерешлив. Поседувам ТВ Samsung, најверојатно не е оригинал и проблемот е што често, на неколку месеци, се репрограмира епромот 24C16. За да биде проблемот поинтересен и соседот има ист ТВ-приемник и истото се случува и со неговиот. Сервисните куќи велат тоа е чест проблем и кај други и оригинални ТВ-приемници. Процесорот е од ST фамилијата и истиот го има и во други ТВ-приемници, но кај нив не прави некој проблем. Интересно е и тоа што како да се бришат само одредени адреси, т.е. сликата се раширува и не работи TXT.
Од која причина може да се брише 24C08 епром, кој е мосфет со пливачки емитер. Дали се работи за:
- варничење во катодна цевка;
- нагли прекини на напојувањето;
- прекини на кристалот;
- или може така да е дефектен процесорот (што е многу чудно) да се погоди точно податок, адреса, наредба низ SDA SCL I2bus за да брише?
И дали е можно некој погрешен дигитален код од една наша ТВ-куќа која зрачи TXT да се погоди да брише делови и дали магистралата на TXT процесорот е поврзана со управувачкиот ТВ-процесор тоа да го врши, бидејќи репрограмирањето најчесто се врши кога се гледа токму таа ТВ-програма. Ова е налик на некаков ТВ-вирус (преку TXT) кој ги расипува приемниците кои користат одредени адреси во 24C16.
Однапред ви се заблагодарувам.
Поздрав,
Коле, преку e-mail
Прашањата што ги поставувате во врска со проблемот на геометријата на сликата на вашиот ТВ-приемник нè упатуваат на зголемен интерес за темата "Сервисен мод" кај ТВ-приемниците. Се надеваме дека во блиска иднина ќе бидеме во можност да зборуваме пошироко на оваа тема во една мини-серија, посветена на овие прашања.
Во врска со вашиот проблем, во вашето прашање недостасуваат некои детали, како што се: типот и шасијата на приемникот (спомнувате дека најверојатно не е оригинал), времетраење на состојбата, којашто вие ја означивте како "репрограмирање на EPROM – от 24C16" (дали се јавува на неколку месеци или трае неколку месеци), како се враќа во нормална состојба и дали дојдовте до сознание или имате само претпоставка дека се бришат само одредени адреси.
Како одговор на прашањата, пред сè, ве упатувам на книгата "ТВ-техника и нејзино сервисирање" во издание на ЕМИТЕР, глава 3.18 и поглавје 6.4.3. Јас во мојата долга практика не сум имал таков проблем и не би можел да дадам конкретен одговор. Според нецелосниот опис, мојот став е дека проблемот треба да се бара на друга страна, во хоризонталниот излезен степен или во отклонскиот калем. Постои можност и за фабричка грешка во овие делови, а и во уредот за далечинско управување.
Во поглавјето 6.4.3 од наведената книга ќе најдете како се влегува во сервисниот мод на ТВ-приемникот SAMSUNG со шасија S15A. Обидете се на таков начин да ги добиете параметрите, дадени во табелата во книгата и да ги споредите пред и по појавената грешка на вашиот приемник. На тој начин ќе дознаете дали вашата претпоставка е точна.
На интернет постојат сајтови кои се специјализирани за сервисирање на ТВ-приемници. Можеби таму постои некој совет кој ќе ви помогне да го решите проблемот. www.highandelectrix.fsnet.co.uk е само еден пример. Со Google можат да се пронајдат и други слични сајтови.
Зоран Тасиќ