Здраво ЕМИТЕР,
Вчера конечно се прибрав дома во Штип и седнав да ја читам новата брошура од ЕМИТЕР за Микроконтролерите. Ваква брошура одамна очекував да издадете. Мене лично микроконтролерите (MCU) особено ме интересираат и во слободно време се "рекреирам" читајќи туторијали на интернет за нив. Од MCU единствено имам познавање и "некакво" искуство со Интеловиот 8051. Велам "некакво", затоа што моето знаење се базира на пишување програми и тестирање на симулатор, без притоа да го почувствувам вистинскиот "ќеиф" кога ќе го "наполниш" MCU со програмче и го гледаш како самостојно работи ☺. Сега оваа брошура ми дојде како "нарачана" за мене, тамам да го проширам моето знаење и во областа на PIC-овите и да го надградам со практични искуства.
Се надевам дека ќе продолжите со издавање на повеќе делови од оваа брошура. Голем поздрав до соработникот Добре Блажевски за добро извршената работа и само нека продолжи така.
Дали знаете каде може да се купи готова развојна алатка (плочка + софтвер) за програмирање на PIC микроконтролерите? Во брошурата има шема за изградба на програматор, дали имате на залиха готова ППК и колку чини?
Инаку меѓу другото во брошурата прочитав една информација што многу ме израдува, а тоа е дека во изработка е веб-сајт на списанието. Драго ми е што конечно ова ќе се реализира, затоа што вакво евергрин списание заслужува барем еден просечен веб-сајт. Кога можат некои бош-списанија да имаат веб-страна, греота би било Емитер да нема ☺.
Петар Димоски,
преку e-mail

Ви благодарам за пофалбите, а оваа пригода ќе ја искористам да се заблагодарам и на многуте други читатели кои ни упатија честитки и пофалби за оваа брошура преку е-маил, телефон и лично во Редакцијата. Навистина ни е драго што оваа брошура наидува на одличен прием и тоа е вистински стимул за подготовка на втората брошура од оваа едиција која, како што најавив во уводникот од претходниот број, планираме да ја објавиме наесен.
Голем избор на развојни системи има во Логинг електроника, а во скоп на втората брошура ќе има и наш развоен систем кој ќе има солидни можности и ниска цена. Плочките за објавените проекти во брошурата ги имаме - за цените и условите за нарачка/набавка погледнете ја рубриката "ППК сервис".
А што се однесува до нашиот веб-сајт, на него планираме да се посветиме во текот на летово и се надевам дека наесен ќе биде готова првичната верзија. Тоа што порано не сме направиле сајт не е затоа што не сме сакале или сме сметале дека е непотребно, туку затоа што сме биле (и сѐ уште сме) преоптоварени со работа, па за таа работа никогаш не останало време. Навистина, како што самите кажувате, "греота е ЕМИТЕР да нема свој веб-сајт", особено кога првичните планови за наш веб-сајт ги имавме пред точно 10 години. Затоа во наредниот период ќе ги запнеме сите сили за конечно да профункционира веб-сајтот на ЕМИТЕР, со што читателите ќе добијат уште еден простор за дружба со науката и техниката. Се надевам дека нема повторно да нѐ спречат во тоа некои непредвидени проблеми.
Слободан Таневски


Здраво,
Денеска го купив новиот број на списанието Емитер и прочитав дека сум добитник на третата награда во рубриката ФотоЕмитер што ме прави посебно радосен.
Вашето списание ми е познато од поодамна, но никогаш не бев доволно заинтересиран само за електроника. Последните неколку броја навистина ми се допаѓаат, затоа што областите кои ги обработувате се проширени во доменот на мојот интерес. Почнав да го следам курсот за PHP и MySQL (иако би сакал малку поопширно да биде), одлични се советите за фотографија (би било уште поинтересно ако паралелно оди и содржински концепиран курс слично како оној за web програмирањето). Брошурата за микроконтролери е корисна "алатка", фино и едноставно објаснето, навистина побуди желба во мене да почнам да експериментирам. Продолжете со добрата работа.
Поздрав,
Атанас Бајлозов

Ви благодарам за пофалните зборови и ви упатувам честитки за освоената награда. Во склоп на рубриката "Фототехника" веќе подолго време планираме да започнеме серија написи од типот на "Школа за фотографија", во сличен стил како постоечката серија "Школа за електроника". Како што можете да забележите нашата "Школа за фотографија" започнува токму во овој број.
Слободан Таневски


Почитувана Редакцијо!
Пред некое време, додека се расправав со брат ми да го исклучува засилувачот кога го гаси компјутерот, ми дојде идеја да направам уред за автоматско гасење кога ќе се исклучи компјутерот со релеј приклучен на еден од УСБ конекторите. И затоа барам помош од вас како да ставам таков релеј или ќе ми предложите некое електронско решение за таков уред.
Однапред ви благодарам,
Драган Илиевски преку е-маил

Проект за самоградба на таков уред имаме објавено во ЕМИТЕР 1/03, со тоа што тој за побуда го користи GAME-портот на звучната картичка кој е наменет за приклучување на палка за играње (Joystick). Истиот уред наместо од GAME-портот може да се побудува и од некоја од УСБ портите. Во спомнатиот напис ќе ги најдете сите детали за градба и употреба.
Слободан Таневски

За уредите кои се приклучуваат на УСБ има строги правила колку струја може да трошат во кој момент и какви пречки може да предизвикаат на системот. Иницијално кога се приклучува некој уред на УСБ портата, уредот смее да "повлече" максимално 100mA, што за овој случај е веројатно доволно, но сепак треба да се провери колку струја повлекува намотката на релејот. Исто така, при исклучување треба да се заштити УСБ портата од пренапонот кој може да се појави. Наједноставно решение е со поставување на инверзно поларизирана диода или пренапонска заштитна диода (transient voltage supressor како, на пример, SMB5).
Многу поелегантно решение е со употреба на оптотријак којшто е управуван со напонот од УСБ портата (види слика 1).
Благој Ќупев

Уред кој ќе ги изгаси уредите кога компјутерот е исклучен можете многу лесно да изработите според приложената шема (слика 2). Ако го користиме присуството на 5-волтен напон на УСБ приклучокот кога компјутерот е вклучен, тоа е многу едноставен уред и содржи само 3 елементи: релеј кој треба да е со работен напон од 5V и неговите контакти треба да бидат димензионирани да го издржат оптоварувањето на приклучените компоненти. Обично, некој релеј со 5 или 10-амперски контакти ќе задоволи во поголем број на случаи. Во екстремни случаи можете да употребите и релеј со 20 или 30-амперски контакти.
Диодата служи да ги елиминира пренапоните предизвикани од енегијата акумулирана во шуплината на релејот кои, при губење на напонот од 5 V на УСБ приклучокот може да ја уништат електрониката на истиот. Тлеалката служи како индикатор на напон.
Сите три елементи можат да бидат сместени во кутијата со приклучоци на некој продолжен кабел и така да вклучувате повеќе уреди при вклучување на компјутерот. При изработка на ваков уред треба да имате на ум дека некои од УСБ приклучоците не ги "губат" 5-те волти кога ќе го исклучиме компјутерот. Тоа се прави за да се овозможи вклучување на компјутерот под дејство на некој периферен уред. Значи, треба да најдете кои УСБ приклучоци ги "губат" тие 5 волти при исклучување. Тоа многу лесно можете да го утврдите со помош на стандарден мултиметар. Нормално, уредот ќе го приклучите на таков УСБ приклучок. Втора работа на која треба да обрнете внимание е исправниот поларитет на напонот на УСБ приклучокот. Цртата, која ја означува катодата на диодата, треба да биде приклучена кон +5 V. Ако ги замените приклучоците, можете да ја оштетите електрониката на УСБ приклучокот.
Инаку, во годините на "пионерство" во компјутерската техника, пред десетина години кога немаше УСБ приклучоци, јас овој проблем го имав решено со тоа што сите периферни уреди на компјутерот ги имав приклучено на еден продолжен кабел со прекинувач. Па, кога ќе го исклучев компјутерот, ќе го исклучев и овој прекинувач. Веднаш по појавата на УСБ приклучоците, прекинувачот го заменив со релеј управуван од напонот присутен на УСБ-то.
Емилијан Иљоски


Имам еден релеј кој има 4 контакти. На релејот пишува 5 A. Ме интересира дали сите 4 контакти заедно издржуваат струја од 5 A или секој од контактите посебно може да издржи струја од 5 A. Ако е секој посебно, дали би било соодветно ако ги поврзам контактите во паралела за да можам да го оптоварам со поголема струја (некаде околу 12-14 A). На релејот има ознака RXN 41G11B7.
Јане Мијале, преку e-mail

Правило е да се наведува максималната струја на секој од контактите, т.е. на секој прекинувач/преклопник од релејот. Ако релејот има два пара контакти (два прекинувачи) и секој од нив издржува по 5A, тогаш со паралелна врска се добива еден прекинувач со издржливост до 10A.
Слободан Таневски