Емитер 6/2005.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Марихуаната е дрога со контроверзна историја. Ако му ја спомнете на еден човек, тој ќе си замисли наргиле и хипици. Ако му ја спомнете на друг, ќе го асоцира на релаксација и забавување на модерното лудило, а кај трет, пациент болен од СИДА или рак, спас од постојано повраќање и хронична болка. Марихуаната е сето ова и многу повеќе. Таа му е позната на секој човек без разлика дали е тој свесен за тоа или не. Секој човек, односно неговиот мозок си создава сопствена марихуана. Всушност, мозокот создава природни материи наречени ендоканабиноиди (според името на билката Cannabis sativa), кои имаат исто дејство како материите во марихуаната.
Историјат
Марихуаната и нејзините различни алтер-ега, како трева, хашиш, ганџа и други се меѓу најраспространетите психоактивни дроги во светот. Таа се добива од листовите и цветовите на растението Cannabis sativa (слика 1). Како била користена во минатото зависело од различната култура и цивилизација. Античките Кинези знаеле дека марихуаната ја намалува болката и ја менува свеста, но не ја користеле поради нејзините психоактивни дејства, туку ја одгледувале за производство на јажиња и ткаенина (од стеблото на растението). Слично било и во античка Грција и Рим, кога ја користеле за производство на едра. Меѓутоа, во други култури како, на пример, Индија нејзиното психоактивно дејство било вклопено во религиозните ритуали. Во средниот век редовно се користела во арапските земји, во Ирак се користела и за лекување на епилепсија, а во Египет за опијанување. По окупацијата на Египет од страна на Наполеон, Европејците започнуваат да ја користат како дрога, додека за време на трговијата со робови таа е пренесена од Африка во Мексико, Карибите и Јужна Америка. Во Северна Америка од втората половина на 19 век па до 1937 година, била слободна за користење за најразлични болести, вклучувајќи мигрена и чир на желудник. Имигрантите од Мексико ја претставиле како рекреативна дрога во Њу Орлеанс, каде станала многу популарна меѓу џез-музичарите. Но, во 1937 година по големото лобирање на конзервативците и покрај препораката на Американската медицинска асоцијација, Американскиот конгрес со закон ја забранил употребата на марихуаната. Сепак, денес во неколку сојузни држави (на пример, Калифорнија) таа е дозволена за медицинска употреба со лекарски рецепт кај пациенти болни од рак и СИДА. Кај нив ја намалува болката, напнатоста, повраќањето (после хемотерапија) и го зголемува апетитот (кај пациенти со СИДА).
Нов систем за сигнализација во мозокот
Дури по сто години истражување во 1964 година, од страна на Рафаел Мечулам (Raphael Mechoulam) од Универзитетот во Ерусалим, е откриена активната компонента на марихуаната, делта-9-тетрахидроканабинол (ТХЦ)(слика 2). После ова откритие, сите истражувачки напори биле насочени кон пронаоѓање на специфичните рецептори на површината на мембраната на нервните клетки на кои се поврзува ТХЦ и го исполнува своето дејство. Во 1988 година Алин Хаулет (Allyn C. Howlett) од Универзитетот во Сент Луис, создал радиоактивен дериват на ТХЦ и го следел каде ќе се прикачи во мозокот на глувци. Така го открил канабиноид рецепторот (познат и како КБ1 рецептор). Во понатамошните истражувања открил дека тој е еден од најраспространетите рецептори во мозокот, со што се објаснува разновидното дејство на марихуаната. Психоактивното дејство (промена на свеста) доаѓа од рецепторите во кортексот, дејството врз меморијата доаѓа од рецепторите во хипокампусот (дел од мозокот каде се создава меморијата), дејството врз моторните движења (релаксација) доаѓа од рецепторите во центарот за моторика, намалувањето на болката и спречување на повраќањето доаѓа од рецепторите во мозочното стебло и 'рбетниот мозок, додека зголемувањето на апетитот од рецепторите во хипоталамусот.
Но, потоа се поставило прашањето зошто во системот за сигнализација во мозокот се јавуваат рецептори за материи синтетизирани од растение?
Истото прашање се појавило и во седумдесеттите години од минатиот век за морфиумот, соединение изолирано од афионот (односно опиумот), кое се поврзувало за таканаречените опиатни рецептори. На крај се открило дека луѓето лачат сопствени опиати енцефалин и ендорфин, а морфиумот само ги користи тие рецептори.
Сосема логично било дека нешто слично се случува и со ТХЦ од марихуаната. Во 1992 година, 28 години по откривањето на ТХЦ, Рафаел Мечулам во мозокот открива едно соединение кое се поврзува за КБ1-рецепторот и ги имитира сите дејства на ТХЦ. Го нарекол анандамид (слика 3) што на санскрит јазикот значи среќа, благопријатност. Подоцна е откриено уште едно соединение, па тие заедно биле означени со име ендоканабиноиди (ендогени канабиноиди), а ТХЦ е доволно сличен со нив за да ги активира КБ1-рецепторите.
Можности за нови терапии
Истражувањето на ендоканабиноидите во последните години доведе до откривање на сосема нов начин на невротрансмисија (начин на комуникација меѓу нервните клетки и пренос на сигнали), во кој се вклучени КБ1-рецепторите и ендоканабиноидите, кој иако неоткриен до крај почнал да им помага на докторите во креирање на терапија за одредени болести користејќи ги медицинските предности на марихуаната. Веќе постојат неколку синтетски аналози на ТХЦ (набилон и дронабинол), кои спречуваат гадењето и повраќањето што се јавуваат при хемотерапија, а дронабинолот го зголемува апетитот кај пациентите заболени со СИДА. Други канабиноиди ја спречуваат хроничната болка при различни болести. Преку експерименти е откриено дека канабиноидите помагаат пациентите полесно да ги надминат стресните ситуации (смрт на ближни, несреќи) и да не ги поврзуваат со одредена ситуација или слика, кои ќе предизвикаат повторно преживување на стресот. На Јамајка има помал процент на луѓе со висок очен притисок (глауком), поради широката распространетост на употребата на марихуаната, која ја спречува оваа состојба.
Но иако ветуваат многу овие лекови имаат мултипни ефекти, бидејќи не се ограничуваат само на одредени КБ1 рецептори, туку делуваат на КБ1 рецепторите во целиот мозок.
Еден од начините да се избегне овој ефект е да се зголеми улогата на ендоканабиноидите. Сега се знае дека анандамидот е сконцентриран во одредени делови на мозокот, а другиот ендоканабиноид во други делови од мозокот, па се развиваат лекови кои ќе ја спречат разградбата на ендоканабиноидите и ќе го продолжат нивното дејство само во одредени региони на мозокот.
На еден извонреден начин, вековната употреба на марихуаната во различни цивилизации и култури и нејзиното дејство, ја открија приказната за ендоканабиноидите. КБ1-рецепторите по с# изгледа дека ги има кај сите 'рбетници, имплицирајќи постоење на овој систем на сигнализација стар повеќе од 500 милиони години, за кој временски период се создале голем број на деликатни функции во мозокот, кои бараат долги години истражување. Откривањето на овие деликатни функции, сигурно ќе доведе до развивање на нови терапии кај голем број болести.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/2005. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.