Познато е дека денес во светот се одвива енергетска транзиција при што фосилните горива (јаглен, нафта и природен гас) се исфрлаат од употреба, а се оди на користење на обновливи извори на енергија (најмногу сонце и ветер, хидроенергија ако има услови) за производство на електрична енергија. Овој процес се нарекува декарбонизација заради елиминирање на емисиите на јаглерод диоксид (СО2) од согорувањето на фосилните горива, а енергетската транзиција се нарекува и електрификација.
Истовремено, потрошувачката на електрична енергија постојано се зголемува заради ширењето на следниве потреби: зголемување на бројот на топлински пумпи за загревање на домовите и јавните објекти, полнењето на сé поголемиот број електрични возила, планирање на потребите за вештачка интелегенција, односно за центрите за податоци и др. Овие трендови ги има скоро во сите земји во светот.
Минатата недела напишав колумна во која беше спомната Норвешка каде што овие трендови се поизразени. На пример, бројот на нови купени електрични возила во 2024 година таму бил 89%, а во 2025 се очекува да биде скоро 100%. Ја пофалив земјата бидејќи спроведува зелена енергетска транзиција и истовремено обезбедува сигурно снабдување со електрична енергија произведена претежно во хидроцентрали.
Но, барајќи разни податоци за енергетиката во Норвешка наидов на информации што многу ме изненадуваат и збунуваат. Јас знам дека оваа земја има извори на нафта и гас и дека има солиден извоз на истите. Но, тоа се фосилни горива што треба да се исфрлуваат од употреба. Она што ме изненади е информацијата од националниот завод за статистика дека нафтените компании во Норвешка планират инвестиции од околу 27 милијарди американски долари во 2025 година за нови дупчења, екстракција на нафта и гас и транспорт преку цевководи.
Норвешкиот министер за енергетика минатиот месец официјално отвори ново нафтено поле во Баренцовото море кое го управува државниот енергетски гигант „Еквинор“. Проценети се резерви од 500-600 милиони барели нафта и се очекува да се експлоатира најмалку 30 години.
Норвешка произведува околу 2% од глобалното количество нафта и стана најголем снабдувач преку цевководи на природен гас во Европа по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Нафтата и гасот произведени во Норвешка се извезуват и се трошат (согоруваат) во некои други земји, значи емисиите на СО2 се во тие земји. Од друга страна, според Парискиот договор за климатски промени сите земји треба да ги намалуваат емисиите на СО2, а до 2050 година да ги елиминираат.
Кај мене се јавува дилема: дали производителот (снабдувачот) на фосилни горива треба да има некоја одговорност и/или обврска? Тој прави профит од производството, а потрошувачот на фосилните горива има обврски, а во некои земји се плаќа јаглеродна такса. Во крајна линија, ако нема производство на фосилни горива, тогаш ќе нема нивно согорување, односно ќе нема емисии на СО2.
Со повлекувањето на САД од Парискиот договор за климатски промени се создаде конфузија во меѓународната јавност околу третирањето на фосилните горива. За ова во некоја друга прилика. Но, без обзир на тоа за која земја станува збор, профитот има приоритет пред заштитата на животната средина. Тоа е карактеристика на капитализмот како општествено, политичко и економско уредување.
Последниве години сé поинтензивно и почесто се јавуват катастрофални временски услови: рекордно високи температури, топлински бранови, урагани, поплави и поројни дождови. Паѓа и сé покрупен град, се надевам ќе удира по главите на оние што одлучуваат за фосилните горива за да го сфатат посериозно проблемот со климатските промени. Ова не е шега.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје
12.9.2025
П.С. За да се спречи употребата на некоја штетна материја, треба да се спречи производството на таа материја, а не да се стимулираат инвестиции за такво производство. Нека се направи некоја параела со кокаин (или некоја друга дрога) иако тоа не е исто. Официјално производството на кокаин не е дозволено, ниту дистрибуција, ниту продажба, а за купувачите може да има разни последици.