Многу пати во минативе неколку години пишувам за проблемите за снабдување со електрична енергија, а најмногу за недостигот од државни капацитети за базно производство бидејќи РЕК Битола е пред скоро затворање заради старост на опремата и исцрпените резерви на јаглен. Потребни се нови државни хидроелектрани (ХЕЦ Чебрен и др.) и гасни когенеративни централи.
Пред неколку години се изградија извесен број мали хидроелектрани од кои државата ја купува произведената електрична енергија по бенефицирана цена. Хидроенергијата припаѓа во обновливи извори, а малите хидроцентрали исто така даваат базна електрична енергија. Во земјава постојат потенцијали за нови мали хидроцентрали, но во меѓувреме се создаде полемика во јавноста дека тие ја деградираат животната средина. Јас немам увид во изградбата и работата на веќе изградените хидроцентрали, но можно е ова трврдење да е точно знаејќи ги состојбите во нашето политичко, економско и општествено опкружување. Доволно е некој бизнисмен да биде близок до некој политичар или владеачка партија и да добие дозвола за градба на ваков објект без да бидат исполнети сите потребни услови, особено оние од еколошки карактер.
Пред неколку дена многу медиуми ја објавија информацијата со следниов наслов: “Норвешка ќе гради мали хидроцентрали и во заштитени реки“, а во контекст на одржување на енергетска независност на државата. Ова малку ме збуни бидејќи во Република Македонија (РМ) често има протести против изградба на мали хидроцентрали, а неодамна на еден од нив (за реката Дошница на Кожув) учествуваше и Грета Тунберг, позната еко активистка токму од Норвешка.
Причина за изградбата на мали хидроцентрали со одобрение од парламентот на Норвешка е зголемената потрошувачка на електрична енергија заради зголемениот број на топлински пумпи за загревање на домовите и јавните објекти, полнењето на големиот број електрични возила, планирање на потребите за вештачка интелегенција, односно за центрите за податоци и др. Овие трендови ги има скоро во сите земји во светот, но во Норвешка се поизразени. На пример, бројот на нови купени возила во 2024 година таму бил 89%, а во 2025 се очекува да биде скоро 100%.
Eколошките организации реагирале негативно на одлуката, но парламентот не ја повлекол. Норвешка е земја со најстроги еколошки критериуми, така што изградбата на малите хидроцентрали во заштитените подрачја се уредува со внимателно осмислен закон кој треба да обезбеди заштита на животната средина и биодиверзитетот во и околу реката. Секој проект мора да мине двојна јавна расправа, студија за влијанија врз животната средина и автоматски мониторинг на биолошкиот минимум. Може да се заклучи дека Норвешка спроведува зелена енергетска транзиција и истовремено обезбедува сигурно снабдување со електрична енергија.
Околу ситуацијата за малите хидроцентрали се потрудив малку да се информирам како е и во други европски земји. Во Европа има над 20 000 мали хидроцентрали од кои над 20% се изградени во заштитени природни зони. Во Австрија има 4000, во Швајцарија 1400, во Норвешка 1450, но мали хидроцентрали има и во Германија, Франција, Шпанија и во други земји.
Дозволите за изградба на овие хидроцентрали се одобруваат само ако проектите задоволуваат добро осмислени закони и прописи, а подоцна при нивната работа се врши постојана контрола (мониторинг) дали се заштитува животната средина и животот во реките. Има разни сензори, на пример за протокот на вода во коритото да не падне под биолошкиот минимум. Ако нивото на реката падне под минимумот, турбините престануваат со работа. Досегашните позитивни показатели од работата на малите хидроцентрали се причина зошто Европската Унија има позитивен став кон изградбата на овој тип хидроцентрали.
Еколошките организации во РМ се категорично против изградба на мали хидроцентрали, особено не во заштитените природни зони. Можеби имаат оправдани аргументи за тоа. Ако има деградација на животната средина и ако нема мониторинг од страна на надлежни органи, тогаш тие се во право.
Со оглед на фактот дека хидроелектраните користат обновлив извор на енергија и дека на РМ ѝ е неопходна базна електрична енергија, прдлагам да го пресликаме искуството од некоја европска земја (Австрија, или Швајцарија, или ...) да се донесат соодветни строги прописи за изградба и мониторинг на работата на мали хидроцентрали. И сакам да нагласам инвеститор да биде државата Република Македонија со најмалку 51% сопственост. Во случај на приватен инвеститор, тој ќе ја продава произведената електрична енергија на отворен пазар по највисока можна цена, а државата ќе остане повторно без базна електрична енергија. И ќе продолжи и понатаму да дава многу милиони евра за увоз на струја.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје
5.9.2025