Рубрика: Медицина
Стар антиалергиски спреј за нос ефикасен против ковид инфекција
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 05.09.2025 - 23:00

Во периодот од март 2023 до јули 2024, германски истражувачи спровеле рандомизирано, плацебо контролирано клиничко испитување на азеластин, стар широко достапен антиалергиски спреј за нос, како превентивна интервенција против ковид инфекција. Заштитата од симптоматски ковид достигнала импресивни 72% додека спрејот бил 54% успешен во спречување на инфекции од не-ковид респираторни вируси.

Азеластин, антихистамински спреј за нос што се користи со децении за лекување на алергиски ринитис, има докажано ин-витро антивирусно дејство против респираторни вируси, вклучувајќи го и SARS-CoV-2. Но, дали е ефикасен и ин-виво?

Германски тим истражувачи дизајнирале и спровеле двојно слепо, рандомизирано клиничко испитување на азеластин како профилакса (превентивна интервенција) против вирусот на ковид во периодот од март 2023 до јули 2024 година. Биле вклучени здрави возрасни лица од општата популација во Универзитетската болница Сарланд во Германија. Трудот е објавен пред три дена во JAMA Internal Medicine.

450 учесници биле случајно распределени во сооднос 1:1 да примаат азеластин, 0,1%, назален спреј или плацебо 3 пати дневно во тек на 56 дена. Било користено брзо антигенско тестирање (RAT) за SARS-CoV-2 двапати неделно, при што позитивните резултати биле потврдени со поригорозниот PCR тест.

Симптоматските учесници со негативни RAT резултати биле подложени на PCR тестирање за други респираторни вируси.

Резултати:

Потврдени симптоматски SARS-CoV-2 случаи во двете групи:

Третирана група: 4 од вкупно 227 (1.8%)
Плацебо група: 14 од вкупно 223 (6.3%)
Ефикасност против симптоматски ковид: 72% | p = 0.02

Потврдени случаи на други респираторни вируси во двете групи:
Третирана група: 16 од вкупно 227 (7%)
Плацебо група: 34 од вкупно 223 (15,2%)
Ефикасност против други вируси: 54% | p = 0.01

Спрејот спречувал ковид инфекции, но и други инфекции како риновирус, на пример.

Сојот на циркулирачкиот SARS-CoV-2 во периодот на студијата е омикрон, а тој е познат по значително повисоката инфективност од претходните соеви како делта, алфа и вуханскиот оригинал. Во превод, тоа значи дека носниот спреј базиран на азеластин е високо ефективен за спречување на ковид инфекција дури и со високо инфективни потсоеви на омикрон.

Ќе беше многу корисно ако во 2020 и 2021 знаевме дека антихистаминските лекови биле ефективни против ковид. За волја на вистината, во 2020 доказите беа оскудни, но до средината на 2021 веќе имаше сериозна акумулација на студии кои покажуваат дека антиалергиските лекови го намалуваат ризикот од ковид или тешки исходи од ковид. Мета-анализите на антихистаминици во кои спаѓаат и добро познатите лоратадин, деслоратадин може да се погледнат на овој линк.

Ќе беше многу корисно и ако во 2020 и 2021 знаевме дека стари, добро познати антисептици како повидон-јод, хидроген пероксид, обичен раствор на кујнска сол, сода бикарбона и други можеле да се користат за гаргара и/или прскање во нос за да спречат ковид инфекција, па дури и значително да го намалат ризикот од хоспитализација и смртен исход како ран третман. Уште во септември 2020, во Емитер пишувавме за првите ветувачки студии за повидон-јод (бетадине). Во текот на 2021, веќе имаше солидни докази дека неколку антисептици можеа да се користат и превентивно и како рани третмани со висок успех. Докази овде.

За некои од овие препарати за испирање на усно-носната празнина има докази добиени од рандомизирани испитувања дека обезбедуваат речиси 100% спречување на преносот на вирусот од инфициран на неинфициран човек. На пример, оваа двојно слепа, рандомизирана студија реализирана во март-јули 2021 покажа дека усно-назален спреј составен од повидон-јод и глициризинска киселина не само што обезбедува брзо чистење на вирусот туку и го редуцира преносот на вирусот за над 90%. Со други зборови, инфицираните со ковид вирусот третирајќи се со спрејот успеале да ги заштитат речиси сите нивни домашни контакти.

Како што напишавме во претходна статија, а согласно доказите презентирани на сајтот c19early.org во форма на многубројни мета-анализи, третирањето на примарниот извор на почетната инфекција (носот, устата и грлото), драматично го намалува ризикот од инфекција, ризикот од влошување на состојбата и ризикот од пренос на вирусот кон други луѓе.

Клучни зборови: