Кинeската сонда Chang'e-6 слета на далечната страна на Месечината и за прв пат во историјата започна да собира примероци од оваа месечева локација. Мисијата Чанге-6 претставува пионерска мисија, но не само за Кина, туку и воопшто за вселенското истражување.
Кинеската вселенска агенција објави дека сондата Чанге-6 (Chang'e-6), лансирана на 3 мај оваа година, успешно слета на далечната страна на Месечината во неделата наутро, одбележувајќи историски момент во истражувањето на вселената. За прв пат во историјата, од оваа неистражена територија ќе бидат собрани примероци од почва и карпи.
Слетувањето на месечината на кинеската сонда беше сложено, но прецизно. Поддржан од релејниот сателит Кекјао-2 (Queqiao-2), комбинацијата лендер-асцендер (модул за слетување комбиниран со плус модул за полетување) на сондата Чанге-6 успешно слета на избраната цел – област во басенот на Јужниот Пол-Ејткин (South Pole-Aitken – SPA) во 12 часот и 23 минути по полноќ (по македонско време). Според она што го објави кинеската агенција, лендер-асцендерот, кој се одвои од орбиталниот модул на 30 мај, го започнал своето спуштање во 12 часот и 9 часот минути по полноќ по македонско време, употребувајќи го главниот мотор со променлив потисок и софистицираниот систем за избегнување пречки.
За време на спуштањето, леталото користело комбинација од камери што оперираат во опсегот на видливата светлина, ласерски 3Д скенери и гама сензори, со цел да биде идентификувана безбедна површина за слетување, без пречки. Системот за слетување, опремен со ногарки со амортизери, обезбедил мек и безбеден ‘тачдаун’.
Во следните неколку часа, Чанге-6 започнa со операции за собирање примероци, користејќи роботска рака и мала дупчалка за собирање на материјал како од тлото на Месечината така од она што се наоѓа под површината. Овој процес, кој се очекува да трае приближно два дена, ќе овозможи собирање на до 2 килограми материјал.
Откако процесот на собирање ќе заврши, модулот за полетување ќе се откачи од лендерот и ќе ги транспортира примероците во орбитата на Месечината, каде што ќе се спои со модулот за враќање. Вториот, пак, ќе ги донесе скапоцените примероци на Земјата, со што мисијата Чанге-6 треба да заврши. Засега, враќањето дома е предвидено за 25 јуни.
Мисијата Чанге-6, чија цел е собирање и враќање на примероците на Земјата од далечната страна на Месечината, е потфат без преседан. Овој напор претставува пробив во дизајнот и контролата на ретроградните месечеви орбитери, како и демонстрација на клучни технологии за брзо, интелигентно земање примероци и полетување од далечната страна на Месечината.
Местото на слетување, кратерот Аполо во басенот на SPA, бил избран поради неговата потенцијална научна вредност и поволните услови за слетување на Месечината, вклучително и релативно рамниот терен, споредено со другите области од далечната страна на Месечината.
Анализата на лунарните примероци собрани од Чанге-6 ќе обезбеди вредни информации за составот, историјата и еволуцијата на Месечината, што ќе придонесе за нашето разбирање на Сончевиот систем како целина. Овој успех претставува значаен чекор за вселенската програма на Кина и поставува нови граници за научните и вселенските истражувања.
За потсетување ова е вторпат Кина да направи нешто невидено. На почетокот од декември 2018 година Кина успешно го лансираше орбиталното летало Chang'e-4 (со роверот Yutu-2), кое на 3 јануари се спушти на подалечната Месечева половина, невидлива од Земјата. Имено, мисиите Аполо сите беа планирани и реализирани на видливата половина на Месечината, но Кина е првата земја којашто реализирала мисија на спротивната, т.е. невидливата Месечева половина, и со тоа таа стана првата земја што “стапна” на невидливата Месечева половина.