Рубрика: Астрономија и астронаутика
Најмасивната ѕвездена црна дупка во нашата галаксија... засега
Објавено на 16.04.2024 - 15:00

Уметничка визија за системот со најмасивната ѕвездена црна дупка во нашата галаксија

Астрономите ја идентификуваа најмасивната ѕвездена црна дупка откриена досега во галаксијата Млечен Пат. Оваа црна дупка е забележана во податоците од мисијата Гаја (Gaia) на Европската вселенска агенција, посредно, преку чудното “лелеаво” движење што таа го предизвикува кај придружната ѕвезда што орбитира околу неа. Податоците од телескопот VLT на Европската јужна опсерваторија (ESO) и oд други терестријални опсерватории беа искористени за да се потврди масата на црната дупка, којашто е импресивни 33 пати поголема од онаа на нашето Сонце.

Ѕвездените црни дупки се формираат при колапс на масивни ѕвезди. Во рамките на Млечниот пат претходно беа идентификувани црни дупки што се, во просек, околу 10 пати помасивни од Сонцето. Имено, и најмасивната позната ѕвездена црна дупка во нашата галаксија, Лебед Х-1 (Cygnus X-1), достигнува “едвај” 21 соларна маса, поради што новоткриениот “монструм” со 33 соларни маси претставува исклучително откритие. Она што е уште поневеројатно е нејзината релативна блискост до нас – сместена е на оддалеченост од само 2000 светлосни години, во соѕвездието Аквила, што ја прави втора најблиска позната црна дупка до Земјата!

Поглед во системот со масивната црната дупка BH3

Црната дупка што ја доби ознаката Gaia BH3 односно BH3, беше пронајден додека тимот ги ревидирал набљудувањата од Гаја при подготовката за претстојното објавување на податоци. „Никој не очекуваше да најде црна дупка со огромна маса како демне во близина, досега неоткриена“, вели Пасквале Пануцо, астроном од Националниот центар за научни истражувања (CNRS) при Опсерваторијата во Париз - PSL, Франција, вклучен во проектот Гаја. „Ова е тип на откритие што го правите еднаш во вашиот истражувачки живот“, дополнува тој.

Споредба на големината на неколку ѕвездени црни дупки од нашата галаксија

За да го потврдат нивното откритие, од Гаја користеле податоци од терестријални опсерватории, вклучително и од дифракцискиот спектрограф за набњудување во ултравиолетово и визуелно браново подрачје (UVES) на телескопот VLT на ESO, лоциран во пустината Атакама во Чиле. Овие набљудувања ги открија клучните својства на придружната ѕвезда, што, заедно со податоците од Гаја, овозможи астрономите прецизно да ја измерат масата на BH3.

Астрономите веќе пронајдоа слични масивни црни дупки сместени надвор од нашата галаксија, со користење на различен метод за откривање, и теоретизираа дека тие може да се формираат при колапс на ѕвезди што имаат многу малку елементи потешки од водород и хелиум во нивниот хемиски состав. Овие т.н. ѕвезди сиромашни со метал се смета дека во текот на нивниот животен век помалку ја губат масата, па оттаму при нивната смрт останува повеќе материјал за создавање на високо-масивни црни дупки. Но, досега недостасуваа докази што директно би ги поврзале ѕвездите сиромашни со метал со високо-масивните црни дупки.

Ѕвездите врзани во парови најчесто имаат сличен состав, што значи дека придружникот на BH3 има важни показатели за ѕвездата што се распаднала за да се формира оваа исклучителна црна дупка. Податоците од UVES покажале дека придружникот е ѕвезда сиромашна со метал, што укажува на тоа дека и ѕвездата што се распаднала за да се формира BH3 била подеднакво сиромашна со метал – исто како што беше предвидено.

Истражувачката студија, предводена од Пануцо, е објавена во Astronomy & Astrophysics. Податоците од ова истражување се објавени пред официјалното објавување на сите податоци од соработката / проектот Гаја. Ова ќе им овозможи на другите астрономи да започнат со проучување на оваа црна дупка веднаш, без да го чекаат целосното објавување на податоците, планирано најрано до крајот на 2025 година.

Понатамошните набљудувања на овој систем би можеле да откријат повеќе за неговата историја и за самата црна дупка. Инструментот GRAVITY на VLTi на ESO, на пример, може да им помогне на астрономите да откријат дали оваа црна дупка ја влече материјата од својата околина и подобро да го разберат овој објект.

 

 Преземено од Европската јужна опсерваторија

Клучни зборови:
Уметничка визија за системот со најмасивната ѕвездена црна дупка во нашата галаксија

Уметничка визија за системот со најмасивната ѕвездена црна дупка во нашата галаксија

Споредба на големината на неколку ѕвездени црни дупки од нашата галаксија

Споредба на големината на неколку ѕвездени црни дупки од нашата галаксија

Поглед на широко поле околу црната дупка BH3

Поглед на широко поле околу црната дупка BH3