Леталото на Интуитив Машинс лансирано минатата недела продолжува без посериозни проблеми да се движи кон Месечината. Ако сè продолжи да се одвива како што треба лендерот Нова-Ц „Одисеј“ (‘Odysseus’ Nova-C) може да ја започне процедурата за слетување уште утре, на 22 февруари, почнувајќи од 23 часот и 49 минути по македонско време (17 часот и 49 минути по американско источно време).
Како што веќе пишувавме (види Втор обид на приватна компанија да слета на Месечината), предвидено е слетување во близина на кратерот Малаперт А, во јужниот поларен регион на Месечината.
Од неговото лансирање од вселенскиот центар Кенеди минатата недела до денес, Одисеј веќе изведе серија моторизирани маневри. Имено, досега се изведени два маневри со пуштање на моторот во работа и изведба на корекција на траекторијата (TCM), при што секој од нив траел помалку од една минута.
Првите фотографии од леталото на Интуитив Машинс во вселената
„Одисеј продолжува да е во одлична состојба и се наоѓа на приближно 68 000 километри од Месечината“, најнапред известија Интуитив Машинс. „Во текот на следните неколку часа, контролорите на летот ќе продолжат да ги анализираат податоците за летот пред поставување во орбита на Месечината."
По ова компанијата потврди дека нема да биде потребна трета корекција на траекторијата, како и дека Одисеј во моментов се наоѓа во кружна лиунарна орбита на висина од 92 km.
Контролата на мисијата на Интуитив Машинс. Како куриозитет, интересно е да се спомне контролата на мисијата на Нова е дизајнирана да наликува на командниот мост од ѕвездениот брод УСС Ентерпрајз од ултра популарниот научно-фантастичен серијал Ѕвездени патеки.
Ако слетувањето на Одисеј утре заврши со успех, Интуитив Машинс ќе станат првата приватна компанија којашто поставила возило на површината на Месечината. Ова слетување ќе биде истовремено и прво слетување на американско летало на Месечината по 52 години.
Лендерот Нова-Ц Одисеј е висок 4,3 метри, пречникот на трупот изнесува 1,6 метри, додека пречникот на спуштениот стоен трап е 4,6 метри. Целиот лендер тежи 675 килограми а може да понесе корисен товар со тежина од 130 килограми. За разноразни инсталации на лендерот се искористени речиси 1,5 километри разнлични кабли. Интересно е дека леталото користи 2 типа на радиосигнали за комуникација – известувањата за состојбата и статусот на леталото се испраќаат со брзина еквивалентна на модем од 1976 година, додека научните податоци ќе патуваат 16 000 пати побрзо.
Како и со мисиите Аполо на НАСА, во текот на неговата мисија леталото ќе испраќа податоци преку радиотелескопот Маријанг на CSIRO во Паркс, Австралија.
Интуитив Машинс најавија дека спуштањето на лендерот ќе биде пренесувано во живо.