Перфлуороалкилните супстанции (PFAS) или перфлуороакрилни киселини, семејство на широко користени индустриски хемиски соединенија што се широко распространети во околината и кои се сметаат за фактори на ризик за голем број болести, може да ја забрзаат прогресијата на ракот. Ова го укажува студијата која се обиде во лабораториски услови да изложи групи на клетки од канцер на дебелото црево на значителни концентрации од PFA.
PFA претставуваат многу силни киселини кои се карактеризираат со одредена термичка стабилност што ги прави отпорни на повеќето процеси на деградација. Нашироко се користат во козметиката, како и при изработката на облоги за тави и други садови за готвење, за картонската амбалажа за храна, текстил и мебел, спортска облека на отворено, во индустријата за бои, пестициди, фармацевтски производи и противпожарните пени. Оваа последна употреба значи дека одредена категорија работници, пожарникари, се повеќе изложени на PFAS отколку општата популација поради честата изложеност на ретардантите на пламен.
Се смета дека продолжената изложеност на PFAS, кои поради нивната издржливост сега се широко распространети насекаде во околината, е поврзана со негативни ефекти врз ендокриниот систем и појава на некои видови на рак. Пожарникарите се со поголема веројатност од општата популација да развијат одредени видови на карциноми, тука вклучувајќи го и колоректалниот карцином. Во новата студија, објавена во научното списание Environmental Science & Technology, тим епидемиолози од Универзитетот Јејл ги изложиле клетките од рак на дебелото црево на нивоа на PFAS споредливи со оние кои се наоѓаат во крвта на пожарникарите.
Клетките биле организирани во тридимензионални „топки“ наречени сфероиди, кои се состоеле од клетки со вообичаена мутација на генот KRAS којшто се поврзува со поагресивна форма на рак на дебелото црево. Клетките биле донесени во контакт со двете најчести класи на PFAS – PFOA (перфлуорооктаноична киселина) и PFOS (перфлуорооктансулфонат). Првата се користи често за хидроизолациски облоги и е класифицирана како канцерогена од Меѓународната агенција за истражување на рак (IARC) во ноември 2023 година. Втората се користи во противпожарните пени, и се смета дека е можеби канцерогена.
Супстанциите предизвикале мигрирање на клетките на ракот на нови локации, типична иако не единствена карактеристика на клетките одговорни за создавање на метастази. Истражувајќи понатаму, научниците забележале дека PFAS ги менува супстанциите клучни за клеточниот метаболизам и ги намалува антиинфламаторните супстанции кои вообичаено имаат заштитни својства против ракот. Овие трансформации биле подлабоки во клетките погодени од мутацијата што го прави ракот поагресивен. Дури и ако студиите во клеточните култури не се секогаш потврдени со последователни клинички тестови, истражувањето укажува на нов и малку познат штетен ефект на PFAS хемикалиите и нè повикува да преземеме акција размислувајќи пред сè за професионалните категории кои се најзагрозени.