Рубрика: Биологија
Зиме, ирвасите ја гледаат УВ светлината
Објавено на 26.12.2023 - 14:30

Во зима, очите на ирвасите ја менуваат бојата и стануваат способни да ја гледаат дури и ултравиолетова светлина. На овој начин тие можат да го откријат во снегот специфичниот лишај со кој се насладуваат.

Веќе пишувавме дека со доаѓањето на зимата, очите на ирвасите ја менуваат нивната боја и стануваат сини, што им овозможува да гледаат подобро во текот на ноќта, собирајќи ја светлината дури и од најбледиот светлосен извор. Но, една студија спроведена во Шкотска, која овој месец беше објавена во i-Perception, ги открива деталите на оваа трансформација. Особено интересен е фактот што сините очи на ирвасите им овозможуваат да ја видат ултравиолетовата (УВ) светлина. И токму оваа “супермоќ”  им овозможува да ги идентификуваат лишаите со кои се хранат, дури и во најтемната арктичка ноќ.

Веќе знаевме дека сините очи им помагаат на ирвасите да гледаат подобро за време на снежните бури, и воопшто во средина каде преовладува белата боја што може да го заслепи секој што ќе го набљудува снежниот пејзаж без некаква заштита. Се сметаше дека ова е и примарната намена на трансформацијата, за сините очи да дејствуваат како очила за сонце, а особено да го рефлектираат ултравиолетовото зрачење, кое може да биде штетно за видот. Во реалноста, очите на ирвасите го прават токму спротивното – тие пропуштаат до 60% од УВ светлината. Резултатот е, генерално, дека овие животни гледаат подобро, но што е уште побитно, гледањето на ултравиолетовите зраци им овозможува на ирвасите да ја идентификуваат својата омилена храна: специфичен вид на лишај.

Во висорамнините каде што истражувањето било спроведено, виреат околу 1500 различни видови на лишаи. Но, и покрај волку разновидното мени, шкотските ирваси се хранат речиси исклучиво со една сорта – џбунеста кладонија (Cladonia rangiferina), позната (погрешно) и како "еленска мов“. Покрај тоа што е само еден од илјадниците видови лишаи на дадениот простор, џбунестата кладонија има и специфична бела боја, па сигурно е мошне тешко да се забележи на снегот. Токму затоа мошне битна е моќта за “супервид” на ирвасите. Наместо да ја рефлектира, лишајот ја апсорбира ултравиолетовата светлина, па во очите на ирвасите тој се прикажува како темна точка во белиот пејзаж. Анализата на другите видови лишаи со кои ирвасите повремено се хранат ги потврдила овие наоди. Тие исто така апсорбирале добар дел од УВ светлината па подеднакво лесно биле видливи за специјализираните очи на ирвасите.

 

Извор Focus

Клучни зборови: