SpaceX се подготвува за нов пробен лет на својата мега ракета, откако конечно доби одобрение од федералните регулатори. Првото лансирање на Старшип што се случи во април годинава, заврши со експлозија, само неколку минути откако леталото се одлепи од платформата во Јужен Тексас.
По анализа на проблемите што придонесоа за активирање на системот за самоуништување на ракетата над Мексиканскиот Залив во април годинава, SpaceX направи десетици подобрувања на ракетата висока околу 120 метри, но и на платформата за лансирање, која тогаш се “здоби” голем кратер под неа. (Повеќе за ова лансирање може да прочитате тука и тука)
Федералната администрација за авијација (ФАА) во средата му издаде дозвола на Спејс Икс за ново лансирање, истакнувајќи компанијата ги задоволила побарувањата на полето на безбедноста и животната средина, како и останатите услови потребни за ново лансирање.
ФАА ja заврши безбедносната инспекција на лансирната платформа и леталото уште пред еден месец, но прегледот на сите ставки што треба да се задоволат за заштита на животната средина потраја нешто повеќе. Американската Служба за риби и див свет објави дека при априлското лансирање на Спејс Екс, бетонски парчиња, тенки челични плочи и други предмети биле исфрлени на стотици метри од платформата за лансирање, додека столб од бетонска прашина се издигнал до 10 километри во атмосферата. Групите за заштита на животинскиот свет и животната средина ја тужеа ФАА затоа што сметаа дека ФАА не успеала во целост да го согледа влијанието врз животната средина на програмата Старшип, чијашто лансирна платформа е смесетна во непосредна близина на плажата Бока Чика.
Од компанијата на Елон Маск соопштија дека лансирањето може да се случи уште овој петок.
Според плановите пробниот лет треба да трае еден и пол час час, при што леталото за малку нема да сврти целосна орбита околу Земјата. Имено, вселенското летало ќе се движи кон исток, минувајќи над Атлантикот, Индискиот и Тихиот Океан пред да се спушти во океанските води во близина на Хаваи. На вселенскиот брод нема да биде ставено ништо вредно.
SpaceX има договор со НАСА вреден 3 милијарди американски долари, којшто се однесува на користење на неговото вселенско летало за слетување на астронаутите на Месечината во 2025 година.