Вообичаено батериите за пејсмејкер траат од 6 до 15 години. Тие можат да бидат вградени во левото рамо на пациентот со жици до срцето за погонување на пејсмејкерот или, пак, директно во срцето како кај безжичниот пејсмејкер или пејсмејкерот без електроди. За промена на батеријата потребна е хируршка интервенција, која може да биде особено комплицирана кај пејсмејкерот без електроди. Тим американски истражувачи разви безжичен пејсмејкер кој како извор на енергија користи отчукувања на срцето.
Но, пејсмејкерите кои се напојуваат со отчукувања на срцето не се нов концепт, впрочем за оваа можност пишувавме уште пред речиси 10 години. Но, мошне тешко се наоѓа начин за ефикасно претворање на механичката енергија од отчукувањата на срцето во електрична енергија за потребите на пејсмејкерот.
„Механичката и електричната енергија се поврзани и може да се разменуваат од една во друга“, вели главниот истражувач – вонредниот професор Бабак Назер од Универзитетот на Вашингтон во Сиетл, САД. „Исто како што ултразвукот го претвора електричниот напон во притисок или звук, ние можеме да изработиме слични материјали во вградливи медицински уреди за да ги претвориме природно осцилирачките притисоци на срцето „назад“ во електрична струја за да го продолжиме животниот век на батеријата“.
Истражувачкиот тим користел пиезоелектрични материјали – кристали кои можат да ја претворат механичката енергија во електрична енергија – за изработка на 3 прототипа на пејсмејкери. Кога тие биле тестирани со машина која симулира отчукувања на срцето, најдобриот прототип можел да соберат околу 10% од енергијата потребна за стимулирање на друг срцев ритам.
„Нашиот следен чекор е оптимизација на материјалите и изработката со цел да ја подобриме ефикасноста на собирањето на енергија, а потоа да покажеме во долгорочните студии дека овој процес можеме постојано да го одржуваме“, вели Назер.
„Кога ќе ја подобриме ефикасноста на собирањето енергија на преку 10%, се надеваме дека ќе имаме партнерска соработка со една од најголемите компании за пејсмејкери за да го вградиме нашиот дизајн и куќиште во постоечки пејсмејкер без електроди. Се надеваме дека дополнително ќе го продолжиме животниот век на батеријата и ќе го овозможиме пристап до овој производ и за помладите пациенти, кои се надеваме дека ќе имаат потреба од помалку импланти во текот на нивниот животен век“.
Назер и неговите колеги го претставија своето истражување на Научните сесии за 2023 година на Американското здружение за срце.
Извор Cosmos