Рубрика: Аеронаутика
Голем аеромитинг на СА Стенковец по повод 100 години Македонска авијација
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.09.2023 - 12:15

Оваа година се навршуваат точно 100 години од основањето на Аероклубот Скопје. По тој повод овој викенд, поточно утре во сабота на 16 септември, на спортскиот аеродром Стенковец во непосредна близина на Скопје, клубот организира голем аеромитинг на кој учество ќе земат не само членовите од аероклубот и клубовите во Македонија, туку и пријателите на македонското воздухоппловство од регионот и пошироко.

Програмата на настанот е веќе подолго време позната, утврдена и истакната. По пристигнувањето и пронаоѓањето на удобно место за набљудување на шоуто, што треба да го направите од 9 до 11 часот, официјалниот дел од аеромитингот ќе биде свечено отворен во 11 часот по што ќе следи серија ревијални падобрански скокови. Од некаде приближно исто време па сѐ до 15 часот на небото над Стенковец ќе може да се проследат прелети и изведба на воздушни акробации и маневри од повеќе цивилни авиони, по што ќе уследи прелет и аеробатски летови на воени авиони од соседството и пошироко.

Потврдено е дека на небото ќе може да се видат авиони од типот Air Tractor, Extra 330SC, МиГ-29, Еурофајтер, F-16, како и повеќе воени хеликоптери и мали спортски авиони. Секако, некаде измеѓу ќе може да се проследи и демонстрација на летање на РЦ модели.

Околу 17 часот ќе биде изведен падобрански десант на аеродромот Стенковец, по што манифестацијата ќе биде свечено затворена со прелет на Airbus A320 од ВизEр. Во текот на целиот ден од 9 до 19 часот на аеродромот за посетителите ќе можат одблиску да видат и да се запознаат со повеќе модели на авиони од регионот.

Уште еден мотив за да се присуствува е и тоа што за првпат по повеќе децении на македонско тло ќе се најде автентично македонскиот производ – едрилицата Илинденка, којашто посетителите ќе можат одблиску да ја видат и да с запознаат со неа. Се работи за единствениот зачуван примерок од овој вид спортска едрилица која во периодот на 50-тите години се произведувала во Скопје, во Македонија. Едрилицата Илинденка е позајмена за овој настан од Воздухопловниот музеј во Србија.

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ЗА СИТЕ ШТО САКААТ ДА ПРИСУСТВУВААТ

За сите заинтересирани Аероклубот организира бесплатен превоз од 5 локации во Скопје до спортскиот аеродром Стенковец. Автобусите тргнуваат со возење на турите од 8 часот и 30 минути од Транспортниот центар Скопје (под Железничката станица), од спорскиот центар Борис Трајковски во Карпош, од Бутел кај ЕделПром, од Ѓорче Петров од кај пазарот (вториот кружен тек) и од ЈСП во Автокоманда.  Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 до 19.00 часот кон петте локации во Скопје.

На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет.За  оние што сепак ќе се одлучат да дојдат со автомобили ќе биде обезбеден бесплатен паркинг простор, но имајте предвид дека тој може да прими најмногу 7000 автомобили. Со оглед на огромниот број посетители што се очекува да присуствуваат, како и бучавата што во текот на целиот ден ќе ја создаваат воздухопловите во прелет, настанот нема да биде најпријатно искуство за вашите миленичиња, па можеби најбезбедно за нив ќе биде тие да не присуствуваат.

Првиот голем аеромитинг во Скопје е одржан 4 октомври 1926 година. Митингот бил одржан на Aероклупскиот аеродром кај Зајчев Рид. На него присуствувале околу 20 000 посетители.

Од неговото основање во далечната 1923 година до денес, аероклубот е посветен на развивање и популаризација на воздухопловните спортови во Македонија. Комерцијалниот дел од АК Скопје е формиран во 2012 година со цел да воспостави здрава основа за безбедно и непречено развивање на воздухопловството во Македонија. Во своите 100 години постоење, низ Аероклубот поминале голем број воздухопловци кои со своето несебично залагање во активностите и посветена работа помогнале Аероклубот да се одржи низ годините, низ секакви општествени прилики, општествени уредувања, војни, кризи и елементарни непогоди.

АК Скопје е оператор на спортскиот аеродром Стенковец (LW75) на кој луѓето можат безбедно да се занимаваат со воздухопловни спортови. Аеродромот работи со целосна согласност со важечките законски норми во Македонија и Европските стандарди.

Со полно срце ве очекуваме заедно да го збогатиме овој значаен јубилеј и прекрасен настан.

Клучни зборови: