Емитер 206 - 7-8/2023.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Изминатава година, па и нешто повеќе, развојот и напредокот во технологијата се во знакот на вештачката интелигенција. Иако многумина појавата на мноштво интелигентни агенти со комплексни јазични системи, ВИ модели што допреа во речиси секое поле од техниката, ги дочека неспремни и стаписани, секако дека напредокот не се случи одеднаш и преку ноќ. За подобро да ја разбереме и искористиме можноста на алатките и моделите со вештачка интелигенција, во овој напис ќе се запознаеме со нејзините основи – што таа претставува, кои се почетоците, развојот и каква иднина нè очекува.
Најнапред да разгледаме што точно значи поимот вештачка интелигенција. Википедија дава солидна дефиниција: “Вештачка интелигенција (ВИ) е интелигенција претставена од машини и софтвер и е гранка од компјутерската наука која развива машини и софтвер со интелигенција.” Генерално ВИ се дефинира како проучување и дизајн на системи, интелигентни агенти, кои стекнуваат изграден “осет” за опкружувањето и можат со нови активности да ги максимизираат шансите за успешно извршување на одредени задачи.
Би сакала да можам како многумина апстрактно да го следам текот на идејата за создавањето на вештачка интелигенција во митовите и легендите до антиката и подлабоко во историјата. Извесни извори гледаат своевидни далечни предвесници на идејата за создавање на ВИ во древните митови, како оној за бронзениот колос Талос кој го чувал островот Крит, или во приказните за статуите во древен Египет што потајно биле придвижувани од свештениците за да изгледаат самосвесни. Но, колку од ова би било точно? Ако се прашува авторот на овој текст, овие екстраполации се премногу апстрактни. Можеби тука може да стане збор за некоја зачетна идеја за робот или вештачко создадено битие, нешто како сајлонците во Бетлстар Галактика, но вештачка интелигенција, хммм... Некоја длабоко, длабоко скриена идеја несомнено тлеела и веќе може да се насети во философските идеи од времето на раната ренесанса, или просветителството, но во интерес на просторот (и времето) во рамките на овој напис нашата приказна за почетоците на ВИ ќе ја започнеме од многу поблиската ни историја – од минатиот век.
Луѓето почнаа да сонуваат ВИ андроиди
Во првата половина на 20 век научната фантастика го запозна светот со концептот на интелигентни роботи. На филмското платно ќе продефилираат ликови како хуманоидниот робот кој ја имитира Марија во “Метрополис” и Лимениот човек од “Волшебникот од Оз”. На овој начин до 1950-тите години, во умот на цела една генерација научници, математичари и философи било посеано културолошкото семе на концептот за вештачка интелигенција. Еден од овие научници е и младиот британски полимат Алан Тјуринг, кој ја истражува математичката можност за вештачка интелигенција.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 206 - 7-8/2023. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.