За да се произведе ист производ или за да се добие иста услуга како што се произведува во некоја земја во Европската Унија, кај нас ќе се потроши два пати повеќе струја. Тоа се нарекува нерационалност во потрошувачката. Еко-свест истражуваа зошто, и покрај тоа што согласно Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност досега се подготвени и усвоени повеќе стратешки документи со кои на голем број правни субјекти од различни категории пропишани им се конкретни обврски и рокови, работата уште стои.
А тоа се должи на повеќе причини меѓу кои и тоа што кај нас нема законска обврска за исполнување на одреден минимум во однос на енергетската ефикасност на објектите, опремата, производството, преносот и дистрибуцијата на енергија. Со години доцни носењето на правилниците кои треба да ги регулираат овие работи.
Со законите е предвидено општините на секои три години да подготвуваат Програма за енергетска ефикасност со детални податоци и анализа за потрошувачката, со цели и планирани мерки по сектори заедно со рокови, буџет и одговорни лица... Но, повеќето општини немаат такви програми.
Се предвидува зградите од јавниот сектор да ги исполнуваат минималните карактеристики за енергетска ефикасност, Службата за општи и заеднички работи при Владата да подготвува и објавува список на зградите со вкупна корисна подна површина над 250 m2 кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики на згради. Службата треба да подготвува предлог план за реконструкција на најмалку 1% од вкупната корисна подна површина на зградите кои се објавени на списокот, на годишно ниво. Институциите кои изнајмуваат простории треба да го прават тоа во згради и објекти со сертификат за енергетски карактеристики кој ги исполнува минималните барања.
Според Законот, без потврда за енергетска ефикасност, не може ниту да се добие одобрение за градба, а услов за добивање на одобрение за употреба на објектот е поседување на сертификат за енергетски карактеристики. Меѓутоа, Правилникот за енергетска контрола и Правилникот за енергетски карактеристики на згради сѐ уште не се подготвени, ниту се во нацрт верзија.*
Затоа и покрај тоа што кај енергетската ефикасност на зградите има најголем потенцијал за заштеда, таму имаме најслаб напредок.
Постои и значителен јаз помеѓу реално инвестираните средства и вистински потребните средства. Во Македонија, проценето е дека се потребни 302 милиони евра за инвестиции во енергетска ефикасност за зградите, наспроти инвестираните 165,5 милиони евра во периодот 2010-2020 и обезбедените 33 милиони евра во периодот потоа .
За финансирање на проекти од областа на енергетската ефикасност, Законот предвидува и формирање на Фонд за енергетска ефикасност и ЕСКО претпријатија (правно лице што обезбедува енергетски услуги или други мерки заради подобрување на енергетската ефикасност кај своите корисници, а плаќањето за услугите е целосно или делумно засновано на постигнатото подобрување на енергетската ефикасност или постигнување на други договорени критериуми). Но, и за ова, и по 3 години од носењето на законот, правилниците со кои ова треба да се регулира овој Фонд уште не се донесени.
Значајно се занемарени и големите индустриски постројки и спроведување на мерки за енергетска ефикасност во овие капацитети. Практично и да не постои стимулација за штедење во овој сектор на национално ниво, ниту пак за малите и средните претпријатија. Во однос на потрошувачите, исто така не се води сметка за промена на однесувањето и нивно соодветно информирање за енергијата, но и за количината на потрошена енергија. Досега речиси и да не постојат никакви фискални стимулации, пристап до финансирање и проекти кои ќе допринесат за подобрување на енергетската ефикасност во финалната потрошувачка на енергија.
Не се спроведуваат ниту подзаконските акти за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, со кои секој потрошувач треба да плаќа за топлинска енергија според измерена количина (според калориметар). Со тоа и нема поттик кај дел од потрошувачите порационално да ја трошат топлинска енергија и да ја подобруват изолацијата.
Во делот на означувањето на енергетски ефикасни производи, процесот стагнира кај енергетското означување кај котлите на цврсти горива и кај греалките. Со оглед што тие широко се употребуваат ова е сериозна бариера во подобрување на енергетската ефикасност кај финалната потрошувачка.
Скопје остана единствен град со систем за централно греење. Со години нема значителен напредок не само во изградбата на централни топлификациски системи во градовите, ниту пак во проширување на мрежата во Скопје. Кај субвенциите на замена на старите печки пак не се мери колку се тие ефикасни и колку придонеле за заштеди и намалување на аерозагадувањето.
--- промотивен напис, автор ЕКО-СВЕСТ ---
*непроверени наводи. Имено, според нашите податоци Правилник за енергетски карактеристики на згради и Правилник за енергетски контроли постои најмалку од 2014 година (види Обука за енергетски контролори – ЕМИТЕР 5/2014 и Енергетска ефикасност на згради – ЕМИТЕР 7-8/2009)
Појаснување и дополнување напишано од нашиот долгогодишен соработник д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх.
На молба на уредникот на списанието ЕМИТЕР, Слободан Таневски, јас како еден од авторите при изработка на подзаконската регулатива на Законот за енергетика, односно Правилникот за енергетски карактеристики на згради и Правилник за енергетска контрола (2014), и потоа како обучувач на енергетски контролори, сакам да дадам некои автентични појаснувања за содржината и примена во пракса на материјата содржана во овие правилници.
1. При барање на одобрение за градба на нова или енергетска рехабилитација на постоечка зграда, покрај основниот проект, кој меѓу другото, треба да биде изработен според критериумите во Правилникот за енергетски карактеристики, инвеститорот мора да приложи потврда за усогласеност на основниот шроект со барањата од Правилинкот. Потврдата ја прави и за точноста одговара физичко лице, овластен енергетски контролор, вработен во правно лице, лиценциран енергетски контролор. Истиот контролор прави и Сертификат за енергетска ефикасност за конкретната зграда. (Прилог: прва старница од Сертификат за зграда на АДОРА инженеринг и комплетен Сертификат за зграда на ГОЛДЕН АРТ).
2. Во рамките на European Western Balkans Joint Fund, како локален експерт во меѓународниoт Technical Working Group (TWG) of Western Balkans Regional Energy Efficiency Programme REEP Plus (Albania, Bosnia and Herzegovina, Croatia, North Macedonia, Kosovo, Montenegro and Serbia), повеќе од 2 години учествував во изработка на новата подзаконска регулатива на Законот за енергетска ефикасност (Правилник за енергетски карактеристики на згради и Правилник за енергетска контрола), кои се очекува да бидат публикувани во Службен весник.
Новата регулатива е на ниво на земјите на ЕУ (според моја лична процена ги надминува некои наши соседи) и ги почитува спецификите на Македонија (климатолошки, сеизмички и др.).
Од голем број новини во правилниците, ќе наведам само: заострени максимално дозволени енергетски потреби за греење, ладење, вентилација, електрика, топла вода, сите тие трансформирани на ниво на примарна енергија, 20% од вкупната енергија обезбедена од обновливи извори (на локацијата на замата зграда), дефинирање на енергетски и еколошки класи, врз база на референтна „виртуелна“ зграда итн.
Се надевам дека овој мој прилог ќе помогне во комплетирање на анализата на актуелната состојба на нашата енергетска регулатива.
д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх.
Скопје, 26.07.2023