Забраната што Италија ја воведе на почетокот од минатиот месец создаде совршени услови за да се тестира колку интензивно компјутерските програмери ja користат генеративната вештачка интелигенција. Одговорот можеби и нема да ви се допадне, бидејќи се откри дека ова се случува многу повеќе отколку што помислувате.
Како што веќе пишувавме, по доста дебати на 1 април италијанската влада ја забрани употребата на ChatGPT, системот за вештачка интелигенција кој освен што е способен да генерира текст што изгледа како човек да го пишувал, туку успешно генерира и компјутерски код. ChatGPT е обучен со и за користење на огромни количини податоци “позајмени” од интернет и италијанските власти беа загрижени дека ова претставува потенцијално нарушување на приватноста за оние кои ги поседуваат тие податоци. Забраната е сѐ уште на сила се дури оваа можност не се истражи до крај.
Но, воведувањето на забраната имаше најмалку една несакана последица. Едно од големите прашања за ChatGPT и другите големи таканаречени јазични модели е на кој начин луѓето почнуваат да ги користат ВИ системите за да ја подобрат својата продуктивност, па дури во некои слчаи и целосно ја заменат работата на други луѓе. Потенцијалот е навидум јасен, но никој не може да каже колку и на кој начин ChatGPT веќе се користи на работното место.
Дејвид Крајтмајр (David Kreitmeir) и Пол Решки (Paul Raschky) од Универзитетот Монаш во Австралија, сфатија дека италијанската забрана ненамерно создаде совршени услови за испитување на овој проблем, овозможувајќи увид во работните навики и продуктивност пред и по воведување на забраната. Според нив, се чини дека ChatGPT не само што се користи наголемо во барем една професија, туку и дека продуктивноста во оваа индустрија во многу зависи од употребата на оваа “алатка”.
Областа за која станува збор е програмирање или т.н. компјутерско кодирање. Постојат многу анегдотски докази дека програмерите интензивно го користат ChatGPT за развој, пишување и за корегирање на кодот. Но, обезбедувањето на други докази различни од овие е мошне тешко.
Како и да е, Крајтмајр и Решки претпоставиле дека ако програмерите во Италија веќе почнале да се потпираат на ChatGPT, знаците за ова треба мошне брзо да станат очигледни, ако не во моментот кога пристапот до јазичниот модел беше исклучен тогаш мошне бргу потоа. Излезе дека работните обрасци на прогамерите се снимени на различни начини во GitHub, популарниот онлајн склад за софтвер којшто исто така управува и со контролата на верзии.
Истражувачите ги презеле податоците од GitHub кои во секој час го прикажуваат записите од кодирањето на 8000 програмери од Италија и од две други европски земји, пред и по забраната. Резултатите биле изненадувачки. Имено, истражувачите откриле дека забраната на ChatGPT ја намалила продуктивноста на италијанските корисници на GitHub за околу 50% во првите два работни дена по воведувањето на забраната. Но, потоа излезните нивоа се вратиле во нормала, на исто ниво како и пред забраната. Крајтмајр и Решки сметаат дека враќањето во нормала веројатно е резултат на тоа што кодерите изнаоѓале начини да ја заобиколат забраната, што, на пример, лесно може да се направи со помош на виртуелна приватна мрежа или Tor Relay за пристап до ChatGPT преку други земји.
Па така, истражувачите ги прегледале историите на пребарување при што било забележано нагло зголемување на пребарувањата на Google со поимот „виртуелни приватни мрежи“ еден ден по воведувањето на забраната.
„Нашите наоди одат во прилог на идејата дека значителниот, но краткотраен пад на продуктивноста по забраната е резултат на тоа што италијанските корисници барале и успешно пронашле начини да го заобиколат блокираниот пристап“, велат тие.
Овој случај укажува на тоа дека ChatGPT се користи многу повеќе од очекуваното. Па така Крајтмајр и Решки заклучуваат дека нивните наоди се „прв доказ дека ChatGPT веќе активно се користи за висококвалификувани задачи во економијата“.
Имајќи предвид дека ChatGPT беше лансиран пред едвај шест месеци, во ноември минатата година, ова можеби е само првата капка од цунамито докази што допрва ќе посведочат за мошне широката употреба на ВИ јазичниот модел во голем број професии.