Германија би можела да го следи примерот на Италија и да го блокира ChatGPT поради безбедносни грижи, изјави германскиот комесар за заштита на податоци Улрих Келбер за весникот Habdelsblatt.
Пред неколку дена, италијанските регулатори издадоа извршна забрана за chatbot ChatGPT, но исто така започнаа и истрага за потенцијални прекршувања на законите за приватност на податоците. “Слично нешто може да се случи и во Германија“, вели Келбер, но не кажа дали во моментов има планови за тоа.
Келбер истакна дека Германија побарала од Италија дополнителни информации во врска со забраната. Регулаторните тела на Франција и Ирска, исто така, контактирале со нивните италијански колеги.
„Ги следиме потезите на италијанскиот регулатор за да ги разбереме причините за нивните постапки и ќе ја координираме нашата работа со сите европски органи за заштита на податоците во врска со ова“, рече портпаролот на ирскиот комесар за заштита на податоците.
Од друга страна, за разлика од нив, шведскиот регулатор соопшти дека не планира да го забрани ChatGPT, ниту е во контакт со италијанските власти.
OpenAI во петокот објави дека активно работи на намалување на количината на лични податоци што ги користи за да ги „тренира“ своите системи за вештачка интелигенција.
Италијанското тело за заштита на приватноста покрената истрага поради протекување на информации, при што биле откриени разговори на корисниците на ChatGPT и нивните финансиски информации.
Италијанските регулатори, исто така, ги обвинија креаторите на четботот дека не ја потврдуваат возраста на корисниците (кои мора да бидат постари од 13 години). Италија е првата западна земја која направи ваков чекор.