Рубрика: Аеронаутика
Кубански пилот пребега со Ан-2 во САД
Автор: Перица Поповски
Објавено на 31.10.2022 - 11:45

Во изминатите години од Куба многумина избегале по морски пат  со чамци, но и пловила-самоградби, само да стапнат на тлото на САД со надеж дека ќе добијат политички азил. Но некој со воздухоплов да пребега од Куба во САД  и притоа да остане незабележан во густиот воздухопловен сообраќај во близина на Мајами е навистина реткост. Токму затоа вистинска сензација предизвика прелетот на кубанскиот пилот Рубен Мартинез, кој полетал од аеродромот Санкти Спиритус (Sancti Spiritus) на Куба а слетал на аеродромот Дејд-Колиер (Dade-Collier), во близина на Мајами, Флорида.

Мартинез до крајната дестиција летал со стар авион Ан-2, произведен уште во Советскиот Сојуз, авион првенствено наменет за користење во земјоделието, но и за превоз на патници и за повеќе други намени. За овој тип на авион детално пишував во Емитер 9-10/2016 – “Антонов АН-2 Колт”. Пилотот слетал на одредишната дестинација минатиот петок, 21 октомври, во 11 часот и 30 минути по локално време. Според пишувањата, за прелетот му биле потребни 4 часа, што е разбирливо ако се има предвид дека растојанието од точката на полетување до крајната цел е прилично големо, а максималната брзина на Ан-2 изнесува 258 км/час.

Авионот останал незабележан сè дури не слетал на аеродромот, односно на пистата. По слетувањето Мартинез направил селфи пред авионот. Подвигот изгледа уште поневеројатен ако се има предвид дека патеката по којашто летал. Имено, пилотот не слетал на најблиската точка на копното, на островот Ки Вест туку продолжил со лет до Мајами, прелетувајќи над една од најголемите воени бази – Хомстед и над повеќе цивилни аеродроми. Ако летал во низок лет над океанот сосема разбирливо е да останал незабележан во таа фаза, но при прелетувањето над копно радарите требало да го забележат особено поради тоа што авионот има метална конструкција на трупот и на делови од крилата. Само обвивката на крилата е од платно. Ова значи дека леталото мора да имало одраз на радар дури и под услов да бил исклучен транспондерот.

Американската погранична полиција врши истрага како е можно ниту еден воен или цивилен радар да не го забележал мартинезовиот лет и не подигнал тревога. Ова е особено интересно затоа што на социјалните мрежи, сепак, се појави снимка од авионот во низок лет над океанот.

 

Мартинез, е цивилен пилот на возраст  од 29 години  на кубанската национална компанија, што значи одлично владеел со техниката на пилотирање и лет на подолги маршути. Всушност, точно знаел во кој правец лета и однапред ја одредил дестинацијата на слетување. На потегот се решил за да добие азил во САД, поради лошата економска состојба во Куба. Секако, миграциските органи во САД сепак го задржале на распит и за додатна истрага поради утврдување/потврда на мотивот на прелет.

Ова не е прв пат кубански пилот со авион да пребега во САД. На 20 март 1991 година, пилотот Орестес Лоренцо Перез со авион од типот Микојан-Гуревич МиГ-23 го прелетал во низок лет, под радарско покривање, растојанието од Куба до Ки Вест и направил три круга околу американската поморска воздухопловна база, за да сигнализира пријателски намери пред да слета. По одредена истрага, тој добил азил и му било дозволено да остане во САД. Следната година, Перез повторно го прелетал истото растојание во низок лет под радарска детекција, враќајќи се на Куба за да ги земе сопругата и децата, според Њујорк Тајмс. Но, наместо советски млазен авион за овој лет Перез избрал Цесна 310 од 1961 година што ја купил со собирање на доброволни прилози. Откако успеал да се прикраде назад во Куба и да слета на улица во близина на Хавана, Перез полетал со своето семејство во авионот и избегнувајќи ги кубанските радари успешно се вратил назад во САД.

Клучни зборови: