Неодамна голем број светски медиуми јавија дека огромен астероид/комета, со пречник од околу 370 километри, е на пат кон Сонцето од граничните подрачја на Сончевиот систем. Но, колку и оваа вест да звучи заканувачки – објектот е со големина на Ѕвездата на смртта од Војна на ѕвездите, место за паника сепак нема.
Кометата Бренардинели-Бернштајн е 1000 пати поголема од просечна комета. За првпат е забележана во 2014 година на оддалеченост од 4 милијарди километри (30 АЕ – Астрономски Единици), приближно на исто растојание како и Нептун. Од моментот кога првпат беше регистрирана до денес оваа комета пропатува една милијарда километри. Сега кометата се наоѓа на оддалеченост од околу 20 АЕ од нас.
Орбитата на кометата е вертикално поставена во однос на еклиптичката рамнина на Сончевиот систем, а кометата ќе се најде најблиску до Сонцето во 2031 година. Она што звучи неверојатно е тоа што и покрај нејзината големина, кометата ќе може да се забележи и набљудува единствено со помош на голем телескоп, дури и кога ќе има најголем сјај, бидејќи нема да се приближи доволно до Сонцето за да се појави некаква спектакуларна опашка. Ова значи дека нема да има спектакуларни инста-фотографии, како што тоа беше случајот при последната посета на Неовајз кометата што ја имавме минатата година.
Кометата доаѓа “во посета” од Ортовиот облак, а ова е нејзино прво “пропатување” низ Сончевиот систем по повеќе од 3 милиони години. Ортовиот облак, којшто претставува појас од огромни количини прав и дом на мноштво смрзнати планетоиди и космички тела, се распостила на оддалеченост од 0,03 до 3,2 светлински години од Сонцето.
Кометата Бернардинели-Бернштајн се смета за најголемо досега откриено тело кое потекнува од Ортовиот облак, а истовремено е и прва комета којашто била забележана од толку далеку.
Патеката на кометата Бернардинели-Бернштајн
Според астрономите Ортовиот облак, распослан зад Плутон и Кајперовиот појас, веројатно крие уште повеќе комети со оваа или слична големина. Тие велат дека овој вид објекти веројатно имал значајна улога во раната миграција на гасните џинови веднаш по формирањето на Сончевиот систем. Па затоа, пронаоѓањето на објекти со оваа големина е од големо значење за разбирањето на настанокот на нашиот космички дом.
Во таа насока ЕСА планира и мисија за 2029 година наречена пресретнувач на комети. Но, за жал, оваа мисија нема да може да ја пресретне и кометата Бернардинели-Бернштајн, поради тоа што во најблиската точка до Сонцето таа ќе биде оддалечена 10 АЕ, што е приближно колку и радиусот на орбитата на Сатурн. Постои шанса некоја друга агенција дотогаш да лансира летало на нуклеарен погон со коешто би евентуално би се пресретнала кометата. Но, засега, единствениот објект со којшто оваа комета со сигурност ќе може најдетално да се следи се гради во Чиле – Опсерваторијата Рубин (Rubin Observatory Legacy Survey of Space and Time –LSST). Опсерваторијата е планирано да поседува камера со резолуција од 3200 мегапиксели со којашто ќе може да се покрие една третина од ноќното небо, секоја вечер, и да се забележи речиси секое движење на него. Па така, освен што ќе овозможи одличен “пренос” од движењето на кометата Бернардинели-Бернштајн LSST можеби ќе открие и други, слични објекти со оваа големина.