Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 23.6.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 23.06.2021 - 22:00

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на Алан Тјуринг, пионер во доменот на теоретската информатика и генијален ум со придонес во повеќе научни гранки, и оддаваме почит на Џонас Салк, вирологот што ја создаде вакцината за детска парализа. Покрај ова одбележуваме точно 153 години од денот кога била патентирана првата машина за пишување со QWERTY распоред...

 

23.6.1912 – Роден е Алан Тјуринг, пионер на полето на теоретската информатика

Алан Метисон Тјуринг (Alan Mathison Turing) е англиски математичар и логичар, пионер на теоретската информатика – ги направил едни од најбитните логички анализи на компјутерските процеси. Има огромни заслуги на полето на математиката, криптоанализата, логиката, философијата и биологијата, но и во повеќе други сосема нови научни области – компјутерската наука (информатика), когнитивната наука, вештачката интелигенција и вештачкиот живот (роботика).

Тјуринг се смета за татко на компјутерската техника – тој го осмислил концептот за алгоритам (којшто и ден денес се користи во светот) и за пресметки со помош на Тјуринговата машина, формулирајќи ја денес  општоприфатената Тјурингова верзија на Черч-Тјуринговата теза која вели дека секој практичен компјутерски модел или има можности еквивалентни на Тјуринговата машина или неговите можности претставуваат подмножество на можностите на Тјуринговата машина.

Со Тјуринговиот тест дал значаен и провокативен придонес кон дебатата за вештачката интелигенција и прашањето дали некогаш ќе биде можно да се каже дека некоја машина е свесна и способна да размислува. Подоцна работел во Националната лабораторија за физика а во 1947 година преминал да работи на Универзитетот во Манчестер, воглавно занимавајќи се со софтверски проблеми, со компјутерот Марк 1 којшто се смета за еден од првите вистински компјутери.

За време на Втората светска војна Тјуринг бил ангажиран да работи во британскиот криптоаналитички центар во Бенчли Парк, а одредено време бил и шеф на одделот Хут-8 задолжен за следење на германската морнарица. Тјуринг развил повеќе техники и методи за разбивање на шифри, тука вклучувајќи го и методот на бомба – дизајнирал електромеханичка машина со којашто сојузниците успеале да ги откријат поставките на криптографската машина Енигма.

Во 1952 година Тјуринг бил осуден за делото “Act of gross indecency” бидејќи признал дека е хомосексуалец и дека бил во врска со друг маж за време на неговиот престој во Манчестер, по што бил подложен на хормонска терапија. Во 1954 година Алан Тјуринг извршил самоубиство јадејќи јаболко исполнето со цијанид.

Неговиот брилијантен ум и трагичен животен крај бил повеќепати филмска инспирација, последен пат во 2014 година во “Игра на имитација” (Imitation Game).

Повеќе за Тјуринг во ЕМИТЕР може да прочитете во Емитер 5/2007 (Мајкрософт терминатор: Дали духот на Тјуринг е сé уште присутен?) и тука (Н. С.)

 

23.6.1995 – Почина Џонас Салк, вирологот што ја создаде вакцината за детска парализа

Денес се навршуваат точно 25 години од смртта на Џонас Салк, американскиот лекар, медицински истражувач и виролог, најпознат по тоа што ја разви првата ефективна вакцина против детска парализа.

Детската парализа или полио како болест беше присутна во епидемски размери во првата половина од 20-тиот век. Една од жртвите на оваа болест која го привлече вниманието кон болеста беше еден од претседателите на Соединетите Американски држави, Френклин Делано Рузвелт. Тој ја основа Националната фондација за детска парализа со цел за прибирање средства за борба против болеста и обезбедување на соодветна грижа за оние кои страдаат од неа.

Салк бил еден од истражувачите чијашто работа била спонзорирана од Фондацијата. Тој работел на вакцина против грип пред да се посвети на изнаоѓањето вакцина против детска парализа. Пристапот на Салк кон развојот на вакцината против полио бил различен од оној за претходните вакцини. Повеќето вирусни вакцини во тоа време користеле мали количини на жив, ослабен вирус, за да го поттикнат имуниот систем на организмот да го препознае вирусот. Имуниот систем создавал антитела за да се справи со вирусот и да биде подготвен доколку пациентот некогаш повторно биде изложен на него. Оваа техника функционира кај вирусните инфекции како што се сипаниците и беснилото. Проблемот се јавува во моментот ако телото не може да се справи со живиот вирус и тогаш постои можност вирусот да се размножи и да го зарази пациентот. Салк верувал дека имуниот систем на организмот може да ги создаде потребните антитела и по изложеност на неактивна или “убиена“ форма на вирусот, без ризик од инфекција.

Овој пристап се покажал како многу ефикасен. Вакцината на Салк обезбедила заштита за 90% од луѓето кои примале две дози од вакцината, а по примањето на третата дозаовој процент се искачил на 99%. Во моментот кога вакцината за детска парализа била пуштена во употреба во 1955 година, во САД имало речиси 50 000 регистрирани случаи на детска парализа. Веќе до 1962 година бројот паѓа на помалку од 1 000. Салк не ја патентирал својата вакцина со надеж дека на тој начин ќе овозможи нејзина брза и масовна примена во целиот свет.

Салк ќе го формира Институтот за биолошки студии Салк, посветен на проучување на болестите и нивнo лекување. (Н. С.)

 

23.6.1868 – Патентирана првата машина за пишување со QWERTY распоред

Патентирана првата практична и комерцијално успешна машина за пишување Sholes and Glidden. Можеби најзабележлив дел од дизајнот на Sholes and Glidden, којашто подоцна ќе стане машина за пишување Ремингтон број 1, е употребата на тастатурата QWERTY, која сè уште е најпопуларна поставеност на тастатурата во светот. (И. З.)

Првата машина за пишување со QWERTY распоред на буквите

Клучни зборови:
Алан Тјуринг

Алан Тјуринг

Алан Тјуринг

Алан Тјуринг

Џонас Салк

Џонас Салк

Моделот Ремингтон 1

Моделот Ремингтон 1

Првата машина за пишување со QWERTY распоред на буквите

Првата машина за пишување со QWERTY распоред на буквите