На 2 јули, патот на тоталноста на затемнувањето на Сонцето помина над опсерваторијата Ла Сила (La Scilla) на ЕСО (ESO – European Southern Observatory). Овој редок астрономски настан се случува во јубилејната педесеттата година на работењето на првата опсерваторија на ЕСО. Ла Сила се наоѓа на работ од пустината Атакама, околу 600 километри северно од Сантјаго де Чиле, на височина од 2400 метри. На оваа височина и оддалеченост од цивилизацијата, небото над Ла Сила е особено чисто и овозможува јасни астрономски набљудувања.
Од Ла Сила ЕСО управува со двата најпродуктивни телескопи во светот од 4-метарската класа. 3,58 метарскиот НТТ телескоп (New Technology Telescope – NTT) беше прв во светот со компјутерски контролирано главно огледало (активна оптика), технологија развиена во ESO којашто денес се применува кај повеќето постоечки големи телескопи ширум светот. 3.6-метарскиот телескоп на ЕСО, пак е најплодниот терестријално базиран ловец на екстрасоларни планети.
Во 16 часот и 40 минути по локално време, Месечината го покри Сонцето, а тоталното затемнување на Сонцето беше видливо на патеката широка 150 километри која минуваше низ северниот дел на Чиле, каде е сместена Европската јужна опсерваторија (ЕСО) во склоп на којашто функционира опсерваторијата Ла Сила.
Во соработка со владата на Чиле, ЕСО организираше кампања и јавен настан за заедничко набљудување на затемнувањето, при што на луѓето им се даде можност да го доживеат овој редок феномен од самата опсерваторија Ла Сила. Над 1000 посетители имаа пристап до локацијата, меѓу кои повеќе од 30 средношколци и 30 постари граѓани, жители на областите во близина на опсерваторијата. ЕСО вршеше и директен онлајн пренос од настанот преку нејзиниот официјален веб-сајт. Меѓу посетителите во Ла Сила беше и претседателот на Чиле, Себастијан Пињера, кој беше поздравен од генералниот директор на ЕСО, Хавиер Барконс. Имајќи предвид дека затемнувањето се случи во доцните попладневни часови, посетителите уживаа во низа различни активности – од обиколки на телескопите Ла Сила, до разни разговори, музика и работилници.
Постојаните ‘жители’, односно астрономите ја искористија постоечката инфраструктура за набљудување на феноменот на нов начин. Имено, за време на затемнувањето се случија седум проекти со научни или теренски цели, при што дел од нив ги користеа веќепостоечките телескопи во Ла Сила (NTT, ExTrA, TAROT и REM), а дел се служеа со привремено поставени телескопи. Овие проекти ја следат долгата традиција на користење на еклипсите за научни набљудувања, при што се направени низа важни откритија и потврди, меѓу кои и познатата потврда за точноста на Теоријата на релативноста пред 100 години (види тука).
Делумното затемнување започна во 15 часот 23 минути и 50 секунди по локално време, а тоталитет од врвот Ла Сила можеше да се набљудува во траење од 1 минута и 52 секунди, од 16 часот 39 минути 23секунди до 16 часот 41 минута и 15 секунди, по локално време. Делумното затемнување заврши во 17 часот 47 минути и 16 секунди, непосредно пред зајдисонце.
Целосно затемнување на Сонцето последен пат било видливо од Ла Сила кон крајот на 16 век, а можност за следно набљудување од оваа точка нема да се добие сè до 2231 година.
Целосното затемнување на Сонцето што можеше да се набљудува на 2 јули од делови на Аргентина, Чиле и јужниот дел на Пацификот е воедно и последно целосно затемнување на Сонцето во оваа декада. Следното затемнување ќе се случи на 14 декември 2020 година, а ќе биде видливо од мал дел на Јужна Америка.