Како што веќе пишувавме, малечкиот ровер остана “заглавен” во состојба на мирување од август минатата година, откако во јуни, огромна песочна бура ја зафати неговата локација. Ветровите на Марс наталожија поголема количина прав врз соларните панели на Опортјунити, нарушувајќи го производството на енергија потребна за нормално функционирање на роверот. Откако тимот на ЈПЛ со месеци безуспешно се обидуваше да го оттргне роверот од неговата состојба на мирување, во НАСА конечно донесоа одлука да прогласат крај на оваа успешна мисија.
За време на неговата мисија, којашто траеше 60 пати подолго од очекуваното, Опортјунити извози маратонска патека долга нешто повеќе од 45 километри. Локацијата на којашто засекогаш ќе остане да одмора по 15-те напорни години исполнети со значајни откритија, има сосема соодветно име – Долина на упорноста.
Од првиот ден, односно сол, на Опортјунити на Марс, тимот од инженери и научници успешно соработуваа и се справуваа со предизвиците за движење на роверот од една геолошка локација на друга. А задачата не беше лесна – да се маневрира и вози роверот тежок 174 килограми околу и преку камења и карпи, да се искачат падини со наклон од 32º, да се испита дното на кратерите, врвовите на ритчињата и да се прегазат можните суви речни корита.
Успешната соработка на тимот резултираше со повеќе достигнувања:
– на 20 март 2005 година, Опортјунити постави рекорд за најдолга измината патека на Марс во еден ден. На овој ден, роверот помина 220 метри;
– роверот испрати над 217 000 слики до Земјата, вклучувајќи и 15 панорамски фотографии со видокруг од 360º ;
– на местото на слетување на роверот беше откриен хематит, минерал којшто се формира во присуство на вода;
– беа откриени повеќе показатели за можно присуство на слатка вода што некогаш во далечното минато веројатно го исполнувала кратерот Ендевор, во вид на бара или езерце.
Примарната цел на мисијата на роверот беше да се бараат докази за некогашните климатски услови и можното водено минато на Марс, со цел да се увиди дали постоеле услови Црвената планета да изнедри и живот. Откритијата направени од Опортјунити покажаа дека е сосема можно дека во еден период од минатото на Марс, постоеле услови за одржување живот, барем во реонот на Meridiani Planum, којшто беше дел од подетаљните површински испитувања.
Но, напорната мисија и тешките услови полека си го наплатуваа цехот. Само во 2005 година, Опортјунити изгуби управливост на едно од неговите предни тркала, неисправен грејач се закани да ја ограничи достапната енергија, а малку фалеше за роверот да остане засекогаш заглавен во меките песочни бразди на површината на Марс. Во 2007 година, пак, песочната бура што траеше цели два месеца подеднакво ја загрози функционалноста на роверот, но за среќа бурата попушти пред да нанесе трајни последици. 2015 година донесе крај за флеш мемориската картичка од 256 МБ на роверот, а во 2017 година, управливост откажа и другото предно тркало на Опортјунити. Но, иновативноста на тимот успешно ја надминуваше секоја од овие пречки, сè до последната – масивната песочна бура конечно го заспа стариот “изморен” ровер.
Крајот на мисијата на Опортјунити не значи и крај на површинските истражувања на планетата за НАСА. Уште од ноември 2018 година, на Марс се наоѓа лендерот InSight (повеќе за оваа мисија тука, тука, тука и тука), а во јули 2020 година е планирано Црвената планета да го вдоми и роверот Mars 2020 (види тука и тука). Мисијата на роверот ќе бара знаци за присуство на микробен живот во далечното минато на Марс.
Подолу, во галеријата од фотографии, можете да видите некои од најголемите моменти од “животот” на Опорјунити на површината на Црвената планета.