Лендерот InSight, вечерва, околу 21 часот по средноевропско време, треба да се спушти на површината на Марс, за што НАСА обезбеди директен пренос преку нивниот YouTube канал, даден на линкот подолу. Името на сондата InSight е кратенка од Interior Exploration using Seismic Investigations, Geodesy and Heat Transport, што во превод значи Внатрешно истражување со употреба на сеизмички претраги, геодезија и пренесување на топлина.
Мисијата InSight беше лансирана на 5 мај оваа година и е прво летало на НАСА што слетува на Марс по пауза од речиси шест години, односно по слетувањето на роверот Кјуриосити во 2012 година. InSight е наменет за истражување на длабоката внатрешност на планетата, а опремен е и со дупчалка којашто е планирано да продре до длабочина од 5 метри под површината на планетата каде ќе ја измери температурата на нејзината внатрешност. Освен ова со помош на радиосигнали сондата треба да да открие и колку планетата се тетерави, односно колкави се oтстапувањата од нејзината оска при ротацијата додека патува околу Сонцето. Сондата ќе постави и сеизмограф со којшто ќе може да ги следи потресите на тлото предизвикани од “марсотреси” и од удари на метеорити. Овие мерења ќе дадат увид за цврстината на јадрото на Марс.
Податоците што мисијата треба да ги достави во наредните 2 години треба да им помогнат на научниците подобро да го разберат процесот на создавање на каменестите планети, влучувајќи ја и нашата планета.
Лендерот го следат две мини-летала Mars Cube One (MarCO), од програмата CubeSats на НАСА. При нивниот прелет крај Марс сателитите ќе се обидат да ги пренесат првите податоци за InSight додека сондата навлегува во тенката атмосфера на Марс и за време на нејзиното слетување.
Слетувањето на сондата можете да го проследите во живо на YouTube каналот на НАСА, односно преку видео прозорецот подолу.
Пренос во живо од слетувањето на лендерот InSight на Марс