Рубрика: Астрономија и астронаутика
Како звучи Марс?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.12.2018 - 22:00

Ви текнува на следната философска дилема: Кога дрвото паѓа во шумата, дали звукот што ќе го направи при падот навистина постои ако нема никој да го слушне? Ако ја следиме оваа логика тогаш редно е да се запрашаме и дали ветрот и сеизмичката активност на Марс создаваат звуци, односно дали тие вистински постојат ако нема кој да ги слушне?

Дилемата, барем за Марс, е разрешена. Имено, последниот пакет податоци што пристигна од сондата InSight, која од неодамна се наоѓа на површината на Црвената Планета (за неа повеќе тука и тука), донесе и аудиозапис од звуците на ветерот што дува на површината од планетата. Со оглед на тоа што звуците сега се поставени на официјалниот канал на JPL на YouTube, буквално секој може да ги слушне.

Аудиозаписот е направен со помош на сеизмометарот и сензорот за воздушен притисок на InSight. Според записот добиен од сензорот за воздушен притисок во времето кога снимката била направена, брзината на ветерот изнесувала 15-24 km/h. Снимката е направена на 1 декември. Звуците од отчитувањата од сеизмометарот се во слушниот опсег на човечкото уво, но речиси сите се ниски (бас) звуци коишто многу тешко се репродуцираат на слаби звучници, какви што поседуваат на пример повеќето лаптоп компјутери и мобилните телефони. Од овие причини звукот којшто може да се слушне на официјалниот канал на JPL на НАСА, во еден дел е технички обработен. Всушност достапен е оригиналниот аудиозапис и негова верзија којашто е подигната за две октави со цел звукот да може да го слушнат и корисниците на преносни уреди.

За целосно марсовско искуство препораката е сепак звукот да се слуша преку звучен систем со сабвуфер или со квалитетни слушалки.

Отчитувањата од воздушниот сензор се забрзани за 100 пати за да можат да се слушнат. Доколку сакате да уживате во аудиофајловите без компресија истите може да ги симнете од тука.

 

Звуците на Марс.

Клучни зборови: