Рубрика: Колумна
Научно-популарните списанија во светот и кај нас
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1-2/2015.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во времето на мојата младост (мноогу одамна...), во времето на нашата тогашна држава СФРЈ, киосците не беа преполни, како денес, со различни весници и списанија, но сепак имаше неколку југословенски месечни списанија со одличен квалитет и како створени токму за моите интереси. Во тие времиња немаше интернет (не беше измислен!) и единствен извор на информации беа списанијата. Сега имаме сè, но некако ми се чини дека денес младите читаат многу помалку, особено научно-популарни списанија. Вообичаениот изговор е “на интернет има сè”, но не е така – таму навистина можат да се најдат навремени кратки информации, но деталите, и особено длабочината на информациите, се чуваат само за списанијата.

Во времето на мојата младост (мноогу одамна...), во времето на нашата тогашна држава СФРЈ, киосците не беа преполни, како денес, со различни весници и списанија, но сепак имаше неколку југословенски месечни списанија со одличен квалитет и како створени токму за моите интереси. За мене, пред сè, тоа беа легендарното научно-популарно списание “Галаксија” (и нејзиниот претходник “Космоплов”), потоа месечниот зборник на научно-фантастични раскази “Сириус”, па списанијата “САМ свој мајстор” и “Радиоаматер” (насловите кажуваат сè). За останатото, го имавме тогашниот “Американски центар за информации” каде што имаше добар избор на американски списанија – таму редовно “киснев” во читање на тие списанија. За да можеме да читаме на раат дома, мојот постар (и попаметен) брат се претплати на научно-популарните списанија “Scientific American” и “Sky & Telescope”. Во тие времиња немаше интернет (не беше измислен!) и единствен извор на информации беа списанијата. Сега имаме сè, но некако ми се чини дека денес младите читаат многу помалку, особено научно-популарни списанија. Вообичаениот изговор е “на интернет има сè”, но не е така – таму навистина можат да се најдат навремени кратки информации, но деталите, и особено длабочината на информациите, се чуваат само за списанијата. Научно-популарните списанија, во однос на останатите, не се разликуваат само по областа што ја обработуваат, туку и по бројни други карактеристики. Една од очигледните разлики е цената на научно-популарните списанија – таа секогаш е повисока во однос на списанијата со лесна содржина. Главна причина за тоа е многу помалиот тираж, како директна последица на помалубројната публика заинтересирана за вистинските спознајни вредности. Втората причина е помалиот број на реклами за најопшти производи од широка потрошувачка, на кои и онака не им е место во сериозни списанија, но сепак некои големи фирми коишто држат до своето реноме редовно се рекламираат во научно-популарните списанија со цел да го подигнат својот имиџ. Останатите големи и средни фирми што произведуваат специфични уреди (или услуги) наменети, пред сè, за пософистицирана и технички и научно пообразувана публика, главнината на својата рекламна кампања ја насочуваат во научно-популарните и “техничките” списанија. Ним им е јасно дека нивната реклама во специјализираните технички или научно-популарни списанија се обраќа до строго одбрана публика која е стручна или барем се интересира за техничките области, а токму тие читатели се оние кои одлучуваат (или препорачуваат на други) при купување технички производи или услуги. Освен директното позитивно финансиско дејство врз фирмите (и нивните вработени, заедно со нивните фамилии) што рекламираат во техничките и научно-популарните списанија, улогата на таквите списанија има непроценливо поголемо и подалекусежно значење во општеството – во едуцирањето на поширока публика и во подигањето на интересот на младите луѓе за науката и техниката. Не од некои други, туку токму од тие заинтересирани млади луѓе се изнедруваат идните кадри способни да ја подигнат благосостојбата во државата. Тоа е така во развиените, сериозни држави – нивните научно-популарни списанија добиваат значајна државна помош, големите државни и приватни фирми имаат редовни реклами на цела страница (или на неколку страници) или даваат големи донации, средните и малите фирми сметаат за чест нивата реклама да биде објавена во такво списание и плаќаат за тоа, а училиштата редовно се претплатуваат на научно-популарните списанија. Едноставно, во другите држави се свесни дека научно-популарните списанија не може да го имаат тиражот на списанијата со лесна содржина, па затоа помалиот тираж се компензира со дополнителна финансиска помош. А како е кај нас? Во Македонија, фирмите што нудат технички производи и услуги и нивните маркетинг тимови не успеаја дури ни да измислат топла вода, не можеа да сфатат дека рекламите што редовно и обилно ги истураат во дневните весници и во неделните и месечните списанија со лесна содржина, немаат речиси никакво дејство врз зголемувањето на нивниот профит, бидејќи најголемиот број читатели на тие весници и списанија немаат технички или стручни познавања за да одлучуваат (или да влијаат на други) за купување на рекламираните производи или услуги. Само неколку ретки фирми со своите реклами делумно го помагаа излегувањето на ЕМИТЕР, правилно сфаќајќи го значењето што го имаат научно-популарните списанија и нивното влијание врз читателите и нивните блиски, што на крајот резултираше во нивно директно наголемување на профитот. За жал, голем број македонски месечни списанија згаснаа набргу по излегувањето или по некоја година, вклучувајќи ги сите 10 досегашни различни списанија специјализирани за компјутери – што е незамисливо за секоја нормална држава што има намера да ја негува техничката и научната култура на својот народ. Ниското ниво на општествена и лична свест кај нас не дозволи дури ни она што во светот е толку нормално, што не се ни поставува прашање за тоа – секое средно, па и основно училиште да се претплати на неколку научно-популарни списанија за нивната библиотека. Овде кај нас, во Македонија, од преку 400 училишта само неколку се претплатени на ЕМИТЕР иако до сите нив повеќе пати сме испратиле понуда со гратис примероци!? Направивме едно мало истражување и пријатно се изненадивме од фактот дека тиражот на ЕМИТЕР во однос на двата милиона население во Македонија всушност е подобра бројка во споредба со најпознатите технички и научно-популарни списанија во светот – Scientific American, ELEKTOR, Sky&Telescope, Everyday Practical Electronics! Уште да ги имавме нивните реклами... Но, и покрај добриот процентуален однос на тиражот во однос на вкупното население, апсолутната бројка на тиражот на ЕМИТЕР е премала за да осигура финансиска стабилност и непречено излегување на списанието. Всушност, досегашното излегување на ЕМИТЕР е резултат исклучиво на бескрајниот ентузијазам на уредникот, редакцијата, неколкумината постојани и повремени соработници (автори) и на средствата од оние неколку ретки разбрани фирми што се рекламираат во ЕМИТЕР. Успеавме во речиси невозможната мисија: секој месец да излегуваме исклучиво врз пазарен принцип, без никаква поддршка од државните институции или рекламите од големите фирми. Ситуацијата не е розова ниту кај најтиражните странски технички и научно-популарни списанија, бидејќи печатарските и дистрибутивните трошоци секогаш растат, па затоа покрај печатеното издание (често само за претплатниците, без да го има во слободна продажба) тие нудат и издание во електронска форма по пониска цена, а на интернет-страниците на списанијата има и дополнителни содржини. Тоа е насоката во која се движи ЕМИТЕР, на нашата интернет-страница веќе подолго време можат да се најдат интересни дополнителни содржини, а се надеваме дека наскоро ќе успееме да направиме и електронска верзија на ЕМИТЕР.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1-2/2015. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.